Забава
Менито на последната вечера на Титаник продадено за 120.000 долари
Мени од последната вечера што се служела на „Титаник“, на кој стои датумот „14 април 1912“, денот на потонувањето на легендарниот брод, е продадено на аукција во британската грофовија Вилтшир за 76 илјади фунти (околу 120 илјади долари), објави аукциската куќа Henry Aldrige & Son.
Во менито, инаку се понудени, околу 40 видови различни јадења.
Името на купувачот не е обелоденето.
Познато е дека на ова мени стоело на масата на банкарот од Сан Франциско, Вашингтон Доџ, кој патувал во САД со неговата сопруга Рут и синот. Госпоѓата Доџ го земала менито и го ставила во својата чанта. Таа и Вашингтон помладиот ја преживеале катастрофата на Титаник, со еден од чамците за спасување, а менито сиве години останало во семејството.
Друг интересен предмет до Титаник во саботата беше продаден за 59 илјади фунти, (околу 94 илјади долари). Станува збор за клучеви, со коишто членот на екипажот Самуел Хемминг ја отворил просторијата каде што се чувале фенерите за чамците за спасување. Капетанот на „Титаник“, Едвард Смит, му наредил да ги постави фенерите на сите чамци. И покрај тоа што Хемминг знаел дека бродот ќе потоне во 30 минути, тој неколкупати одел во просторијата да земе фенери и при последниот пат веќе бил принудена да плива во ледената вода.
Аукциската куќа Henry Aldridge & Son редовно во грофовијата во Вилтшир организира аукции поврзани со „Титаник“. Овојпат тоа е во знак на одбележувањето на 100-годишнината од поморската трагедија на своевремено најмодерниот, најлуксузниот, најголемиот и, како што се верувало, најбезбедниот брод на светот. На саботната аукција, исто така, биле изложени и предмети коишто потекнуваат од бродот „близнак“ на „Титаник“, – „Олимпик“.
Паробродот „Титаник“ на британската компанија „Вајт стар Лејн“, бил вториот од три брода близнаци до типот „Олимпик“. Тој бил најголемиот патнички брод на светот во времето на неговата изградба. Во текот на својата прва пловидба од британскиот пристанишен град Саутемптон до Њујорк, САД, на 14-ти април 1912 година, „Титаник“ се судри со санта мраз и потонал за 2 часа и 40 минути во 2.20 часот. Според различни извештаи, во хаваријата животите ги загубиле меѓу 1.400 и 1.517 луѓе, а околу 700 биле спасени./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Бесплатна тетоважа за Пленковиќ; сопственикот на салонот: Ме повикуваат од сите страни
За само еден ден на социјалните мрежи урнебесно се прошири најавата за тетовирање во Пожега. Тие напишаа дека нудат бесплатна тетоважа за Андреј Пленковиќ и покажаа како би изгледала.
Многумина можеби мислат дека ова е добра шега среде избори – но не е. Згора на тоа, сопственикот на салонот за „Индекс“ изјави дека многу луѓе веќе се јавиле за термин.
„Понудата е повеќе од сериозна, што е поткрепено со големиот одѕив на споменатата објава. Ме повикуваат од сите страни. Во мојата долгогодишна работа истетовирав многу личности, а сега решив да направам една тетоважа подарок, со оглед на тоа дека изборите се актуелни“, објасни сопственикот на првото и најстаро студио за тетовирање во Пожега.
View this post on Instagram
Сепак, признава, настанал проблем што повеќе луѓе се пријавиле за тетоважа – многу повеќе отколку што очекувал.
„Ќе треба да подготвам неколку верзии на тетоважата. На пример, лут Пленковиќ, среќен, загрижен Пленковиќ, Пленковиќ во разни пози, варијации во боја или црно-бело“, додал сопственикот, кој, изгледа, ќе има многу повеќе работа овие денови отколку што се надеваше.
„Постојано правам некоја игра со акција или подарок, но овој одговор ме изненади“, заклучил тој.
Забава
Бјелогрлиќ ги откри деталите од третата сезона на „Сенки над Балканот“
Третиот циклус од популарната серија „Сенки над Балканот“, која публиката долго време ја чекаше со големо нетрпение, е во фаза на пишување, а како што најави режисерот и актер Драган Бјелогрлиќ, снимањето ќе почне кон крајот на летото.
Драган Бјелогрлиќ и неговиот тим соработници интензивно работат на сценариото за третата сезона на една од најпопуларните серии на нашите простори – „Сенки над Балканот“, а овој пат актерската екипа ќе ја комплетираат Нина Јанковиќ, Милан Мариќ и Милош Биковиќ во Јосип Броз Тито, пишува Nova.rs.
„Во моментот пишуваме. ‘Сенките’ се многу тежок проект за мене, но страшно инспиративен“, почна Бјелогрлиќ опишувајќи го процесот на создавање:
„Многу се плашам кога влегувам во процесот на пишување, а по процесот на снимање и сѐ друго толку ме обземаат ‘сенките’, што веќе не можам да правам ништо друго и да се занимавам со ништо. Веќе сум на возраст кога би сакал да живеам малку поопуштено, затоа и го одложив. Сепак, влеговме во процесот на пишување, ја напишавме целата приказна, првите две епизоди се завршени, сега ја пишуваме третата. Се надевам дека сѐ ќе биде готово до август и дека снимањето ќе почне во текот на август, дека ќе завршиме до Нова година и дека ќе се емитува напролет“.
Во серијата , покрај стандардните ликови, ќе бидат и Милан Мариќ, Нина Јанковиќ и Милош Биковиќ, а Драган Бјелогрлиќ го откина временскиот период што ќе се прикажува во третиот циклус од популарната серија.
„Имаме работа со периодот од 1939 година, приказната почнува кога Милан Стојадиновиќ распишува избори, тоа беа многу важни избори на кои победи, но не дојде на власт, го наследи принцот Павле. Тоа беше многу значајна година кога на сите им беше јасно дека доаѓа голема војна, дека светот нема да изгледа како порано и дека секој има свои планови. Можам да кажам дека една од најголемите мистерии се случува на панината ‘Ртањ“, ги откри деталите режисерот Драган Бјелогрлиќ и ја заинтригира публиката, која со нетрпение го очекува продолжението на популарната серија.
„Во Србија има многу мистицизам. Го избравме ‘Ртањ од друга причина, а ‘Ртањ е интересен поради легендите, по населението што живее таму и верува во секакви работи и затоа што таму имаше некои рудници“.
Дали овој трет циклус ќе ја заврши приказната останува да видиме. Но, едно е сигурно, а тоа е дека сите со нетрпение ја очекуваат новата и возбудлива приказна за своите омилени херои, кои ги толкуваат: Драган Бјелогрлиќ, Андрија Кузмановиќ, Марија Бергам, Наташа Нинковиќ, Небојша Дугалиќ, Ненад Јездиќ, Срѓан (Жика) Тодоровиќ, Горан Богдан, Јована Стоиљковиќ.
Забава
Фустаните на принцезата Дијана изложени во Хонг Конг пред аукцијата
Светложолтата јакна обложена на рамениците и украсена со блескави златни копчиња, која ја носеше принцезата Дијана на патувањето во Хонг Конг во 1989 година, ќе биде една од шесте нејзини парчиња изложени во поранешната британска колонија пред аукцијата закажана за јуни.
Колекцијата на фустани, чевли и чанти на принцезата од Велс е изложена во трговскиот центар во Хонг Конг во следните 12 дена од четврток пред колекцијата да се пресели во Ирска до аукцијата на 27 јуни. Принцезата Дијана, која загина во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година, ја диктираше модата секогаш кога се облекуваше и излегуваше, рече Мартин Нолан, директор на аукциската куќа „Џулиен“ со седиште во Калифорнија.
Познатата јакна од нарциси на дизајнерката Кетрин Вокер би можела да достигне цена од 50.000 долари, а синиот вечерен фустан со ѕвездички би можел да достигне цена од 400.000 долари. Принцезата го носеше овој фустан од дизајнерот Мареј Арбејд на премиерата на „Фантом од операта“ во 1986 година во Вест Енд, Лондон.
Изложени е и вечерната тоалета со свила и тантела од дизајнерот Виктор Еделштајн и цветната тоалета на Кетрин Вокер, што Дијана ја носеше во 1991 година.
Еден од посетителите, 69-годишниот Фунг, се присетува како толпата се насобрала на улиците на Хонг Конг кога Дијана пристигнала во тој град во 1989 година. „Таа беше харизматична, грижлива и посветена на добротворната работа. Затоа е исклучително почитувана во Хонг Конг“, вели Фунг.
Во 2023 година аукциската куќа „Џулиен“ продаде вечерен фустан на принцезата Дијана за рекордни 1,14 милион долари.