Забава
Црното вино го продолжува животот
Црното вино, на свој начин, ја чува тајната на долгиот живот
Црното вино, на свој начин, ја чува тајната на долгиот живот.
Молекуларните биолози и патолози од универзитетот Харвард откриле дека една состојка во црното вино не само што го продолжува „животот“ на пекарскиот квасец, туку има и необично дејство и на човечката ќелија, правејќи ја отпорна на радијација.
Иако овие драматични истражувања се во почетна фаза, научниците веруваат во можноста дека ќе пронајдат лек што ќе го продолжи животот и ќе ги спречи болестите во староста.
Откриената молекула, ресвератрол, припаѓа на добро познатата група состојки во црното вино, овошјето, зеленчукот и маслиновото масло. Но најновите откритија ја најавуваат можноста неговите корисни својства да ја надминат до сега познатите граници.
Некои од молекулите, како што изгледа, го активираат „семејството ензими“ под име сиртуинс, за кое е докажано дека за 80 отсто го продолжуваат „животот“ на пекарскиот квасец и лабораториските ларви што живеат на нискокалорична храна.
Познато е дека многу живи суштества живеат подолго кога ќе им се смали земањето храна, вклучувајќи ги и цицачите како што се глувците и стаорците. Едно од објаснувањата би можело да биде дека „Стресот на гладта“ го стимулира молекулот сиртуинс да се подготви за „преживување“.
„Убедени сме дека сиртуинсот на ќелиите им дава време да се опорават од оштетувањата. Се почести се доказите дека во поодминати години животот се продолжува ако се блокира изумирањето на ќелиите – се додека тоа не води кон заболување од рак“, смета професорот Дејвид Синклер.
Во текот на истражувањето научниците откриле 17 молекули што го стимулираат Сирт 1, еден од седумте сиртуинси во човечкиот организам, и ензимот на квасецот Сирт 2. Најсилен ензим бил ресвератрол, бидејќи оваа состојка на виното овозможува на ќелиите на пекарскиот квасец да живеат за 60 до 80 отсто подолго – мерено по бројот на генерации.
На големо изненадување на Синклер и неговите колеги, ќелиите на квасецот третирани со мали дози на ресвератрол живееле во просек 38 генерации, во споредба со 19 генерации во нетретираниот квасец.
Утврдено е дека молекулите делуваат низ познатите биохемиски процеси во кои е ангажиран Сирт 2. Во експериментите на човечки ќелии, ресвератрол активирал слични процеси на ензимот Сирт 1.
Бројот на човечки ќелии што го преживеал „ударот“ на гама радијација пораснал меѓу 10 и 30 отсто кога бил третиран со расвератрол. Други истражувања покажале дека расвератрол штити од рак, запушување на артериите и други пратечки болести на староста.
Се смета дека овие полезни својства се најмногу заради присуството на антиоксиданси кои спречуваат слободните радикали на кислородот, деструктивните делови на атомот, да ги оштетуваат ќелиите. /крај/фо/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(Видео) „Его“ – нова песна, но и спот на Тамара Тодевска и Young Dadi
„Его“ е новиот музички проект на Тамара Тодевска и младиот артист Young Dadi. Музиката и аранжманот се на Роберт Билбилов, текстот е напишан од Дади, а спотот е во продукција на TAKAT STUDIOS.
Станува збор за динамична поп-мелодија, која е надополнета со интересен спот, во кој доминираат двајцата аристи. Спотот е во режија на Генц Халими.
„Среќна сум што навистина по повеќе години објавувам песна, која е дует – соработка со друг артист. Дади е дел од помладата музичка сцена. Го следам подолго време, ми се допаѓа неговата работа и секогаш сакам да дадам поддршка на наши домашни млади артисти. Снимањето на спотот го завршивме за еден ден. Снимавме цел ден и навистина уживав во креирањето на целиот проект“, вели Тамара за создавањето на „Его“.
Текстописец на „Его“ е самиот Дади, кој истакна дека секогаш пишува за моменти во кои учествувал. Преку зборовите сака да пренесе свои лични искуства и тоа е причина повеќе за да верува во песната.
„Ова е прва моја соработка со музичар како Тамара Тодевска, која е една од нашите најдобри и најпродуктивни пејачки – активна десетици години на македонската и регионалната музичка сцена. Можам да кажам дека е навистина убаво и поинакво искуство за мене. Како во процесот на снимање на песната во студио така и во продукцијата на самиот спот. Верувам дека песната ќе биде хит и ќе го одбележи овој период пред летото“, изјави Дади.
Песната ќе биде достапна и на сите музички платформи.
Забава
На новата листа на најубави плажи во Европа, дури четири се хрватски, само една е грчка
Ако ги барате најдобрите плажи во Европа, некои се, всушност, многу блиску, во нашето соседство.
Дури четири хрватски плажи се најдоа на листата на најубави во Европа составена од Book Retreats, популарна онлајн-платформа за барање специјализирано сместување, пренесува Punkufer.hr.
„Во нашата анализа за најдобрите европски плажи за 2024 година Шпанија се покажа како главна европска дестинација за уживање во сонцето, морето и прекрасниот брег. Италија и Португалија не заостануваат, а не треба да се занемари ниту Хрватска со четирите идилични плажи“, пишува Book Retreats.
Најдобрите европски плажи во 2024 година
1. La Concha, Шпанија
2. Praia da Falésia, Португалија
3. Плажа Пасјача, Хрватска
4. Las Canteras, Шпанија
5. Lama Monachile, Италија
6. Cala Comte, Шпанија
7. Tuerredda, Италија
8. Галебове стјене, Хрватска
9. Плажа Мала Радуча, Хрватска
10. Marinha, Португалија
11. San Juan Playa, Шпанија
12. Spiaggia dei Conigli, Италија
13. Cala Saladeta, Шпанија
14. Playa de Mónsul, Шпанија
15. Ponta da Calheta, Португалија
16. Seitan Limania, Грција
17. Praia da Armona, Португалија
18. Опрна, Хрватска
19. Spiaggia di Mari Pintau, Италија
20. Praia do Garajau, Португалија
21. Warnemünde Strand, Германија
22. Primera Playa del Sardinero, Шпанија
23. Terra Estreita, Португалија
24. Porto Giunco, Италија
25. Cala Capreria, Италија
Забава
Бендот „Ареа“ подготвен за акустичното музичко уживање во Филхармонијата
19 и 20 април се датумите резервирани за двата акустични последователни концерти на рок-групата „Ареа“. Концертите се закажани во Филхармонијата, а членовите на групата најавуваат акустична музичка магија и патување низ нивната 30-годишната музичка кариера.
Вакви два концерта „Ареа“ одржа и во 2010 година во Универзалната сала, а интересно е што овој пат на сцената друштво ќе им прават четири девојки, кои се членки на Филхармонијата.
„Со нас ќе настапат уште четири девојки, кои се членки на Филхармонијата – две на виолина и две на виолончело. Така ќе се претставиме со сосема нов аранжман на музика, кој се разликува од оние што ги слушала публика на нашите концерти во живо“, вели Ружица Милошеска-Брчиоска и додава дека со оглед на тоа дека „Ареа“ постои 31 година и зад себе има седум албуми, на сцената ќе има музика за сечиј вкус.
Дека двата најавени концерта ќе бидат поинакви, потврдува и Ивица Брчиоски, гитарист на групата „Ареа“, кој вели дека концертот ќе биде интересен затоа што аранжманите се комплетно изменети и се адаптирани на оркестарот со кој ќе свират.
„Станува збор за акустични аранжмани. Нема да има електрични гитари и ќе звучи сосема поинаку од она што до сега го слушнала публиката. Ќе биде интересно за слушање“, вели Брчиоски.