Екологија
Во Русија регистрирана рекордно ниска температура од минус 62 степени

Рекордно ниска температура од минус 62 Целзиусови степени е регистрирана во областа Големо Олхово во автономниот округ Ханти-Мансиск, соопштија локалните власти во средата.
„Вчера во селото Казим Белојарско беа измерени минус 58 степени… Видливоста практично е никаква. Последните податоци покажуваат минус 62 степени денеска.., во истата област“, изјавил за агенцијата РИА претставничката на локалните власти Елена Шумакова.
Поради големиот студ прекината е наставата во училиштата. Претходно е објавено дека поради многу лошите временски услови одложени се сите летови на локалните аеродроми.
Според властите, метеоролозите прогнозираат во петок температурата да се покачи на минус 30 Целзиусови степени и се шегуваат дека ќе им биде како да се на некои јужно одморалиште.
Апсолутниот температурен рекорд кој е регистриран во Русија, е забележан во селото Ојмјакон во Јакутија, кого го нарекуваат „пол на студот“ на планетата. Таму во 1938 година биле измерени минус 77,8 Целзиусови степени./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Екологија
Инфлуенсери копаат по контејнери и го продаваат пронајденото

Иако за многу луѓе ширум светот копањето по контејнери е единствениот начин да преживеат, се чини дека на социјалните мрежи се појави нов феномен каде што се поголем број на инфлуенсери „копаат“ во контејнери – а тоа е тренд познат како „дампсер дајвинг“ (нуркање на контејнери).
Овој тренд се однесува на луѓе, главно инфлуенсери кои откако ќе „копаат“ низ контејнерите, покажуваат што пронашле во нив – од козметика до дизајнерски работи.
На социјалната мрежа ТикТок има голем број видеа во кои корисниците влегуваат во контејнери зад големи продавници во потрага по употребливи предмети. И хаштагот #DumpsterDiving има повеќе од 4,4 милијарди прегледи на ТикТок, што дополнително ја потврдува неговата популарност.
Иако поголемиот дел од таквите инфлуенсери денес живеат со препродажба на овие артикли, тие дури ја подигнуваат свеста за непотребното создавање отпад, бидејќи различните малопродажни корпорации секојдневно уништуваат стотици илјади употребливи производи.
Тифани Шири, ТикТокерка од Тексас од Америка, има три милиони следбеници на кои им ги покажува своите пребарувања по работи во контејнерите зад американските продавници за малопродажба. Почнала да „нурка во контејнер“ на крајот на 2017 година, а токму тогаш пронашла шминка и разни производи вредни 1.200 долари. Набрзо сфатила дека ваквото хоби може да ѝ донесе огромен профит – а останатото е историја. Таа моментално со овој тренд заработува и до 1.000 долари неделно, а благодарение на препродажбата на пронајдените производи, Тифани живее удобен живот.
Солти Стела е уште една ТикТокерка, која моментално има повеќе од 1,2 милиони следбеници. Живее и од препродажба на предмети од контејнери, но многу е лута што ја фрла употребливата храна. Од сокови, грицки, супи, тестенини и газирани пијалоци, често сите во еден контејнер.
Ана Сакс, Тиктокерка од Њујорк, која има повеќе од 400.000 следбеници, на платформата е позната како „Трешвокер“. Таа често споделува видеа од фрлени производи што ги наоѓа, а често наоѓа дизајнерски чанти, скапи палта, фотоапарати и козметика за жени.
Таа често привлекува внимание на отпадот во нејзиниот град и им предлага на сите на интернет да донираат или рециклираат стоки наместо да ги фрлаат. Таа повика и на создавање закон со кој продавниците ќе се обврзат да не ги фрлаат средствата за хигиена, туку да ги донираат во прифатилишта за бездомници.
Трендот „Dampster diving“ е легален во Америка, па затоа е одржлива практика која не само што заработува пари, туку и го намалува отпадот. Со споделување на нивните искуства поврзани со овој тренд, инфлуенсерите ги инспирираат другите да размислуваат за влијанието на нивната потрошувачка и навики врз животната средина.
Сепак, важно е да се напомене дека „Dampster diving“ не е решение за горливиот проблем со отпадот.
Екологија
Гејтс со најбизарна инвестиција досега: ќе го намалува ждригањето на кравите

Милијардерот Бил Гејтс инвестира во австралиска стартап-компанија за климатска технологија, која планира да ги намали емисиите на метан што настануваат од ждригање на кравите.
Метанот е најчестиот стакленички гас по јаглеродниот диоксид. Добитокот, како кравите, козите и елените, произведуваат метан кога нивниот стомак разградува цврсти влакна, како трева, пишува „Индекс“.
Научните истражувања покажаа дека хранењето на кравите со алги може значително да ги намали нивните емисии на метан. Стартапот „Румин 8“ од Перт почна да работи на додаток на храна, кој синтетички се пресликува од црвените алги, што го запира формирањето гас, пишува Би-би-си.
„Румин 8“ соопшти дека собрал 12 милиони долари преку финансирање предводено од Breakthrough Energy Ventures, која Гејтс ја основа во 2015 година. Инвестициската фирма е поддржана и од извршниот директор на „Амазон“, Џеф Безос, и од кинескиот претприемач и коосновач на „Алибаба“, Џек Ма.
Во октомври минатата година Нов Зеланд предложи да се даночат стакленички гасови произведени од домашните животни преку подждригнување и мокрење. Во 2019 година метанот во атмосферата достигна рекордни нивоа, тој беше околу два и пол пати повеќе од нивото во прединдустрискиот период. Одделните молекули на метан имаат посилен ефект на загревање на атмосферата од молекулите на CO2.
Екологија
Отворање на пермакултурна градина во МКЦ

Во Младинскиот културен центар утре (20 мај) ќе биде отворен новиот зелен простор во градот наречен „ГРАДИДНИНА“.
„’Градиднина’ е новата пермакултурна градина во Скопје, создадена за поддршка на широки иницијативи во зародиш. Изградбата на просторот е резултат на учеството на МКЦ во меѓународниот проект насловен ‘Big Time Takeover’ развиен преку Ерасмус KA2 Програмата за соработка и инвовација и размена на добри пракси на Европската Унија. Прокетот се реализира во периодот од мај 2021 до јуни 2023 година, заедно со останатите европски партнери во проектот: Associazione culturale Mulab од Италија, Rinova Limited (Велика Британија), HFC-Hope for children CRC Policy Centar (Кипар) и Fundacija Arteria (Полска)“, информираат од МКЦ.
„Big Time Takeover“ има за цел да ги поттикне младите од 13 до 18 години да ја користат својата креативна моќ и потенцијалот на уметноста, природата и модерната технологија за да проговорат на прашањата што ја засегаат заедницата и развојот на идните генерации.
МКЦ преку овој проект ја согледува можноста да проговори за потребата од грижлив и одржлив пристап кон градинарството и урбаното живеење со акцент на креативниот и социјален развој кај младите.
„Од самиот почеток на проекот МКЦ соработува со уметниците Христина Иваноска и Јане Чаловски (Press to Exit project space) со цел да развие современ интердисциплинарен, уметнички и едукативен концепт и програма која ќе ги опфати сите клучни цели и насоки на проектот“, наведуваат од Младинскиот културен центар.
Клучен во развојот на овој проект е социологот и градинар Хајан Алхалаби, познавач во областа на пермакултурата и соработник на граѓанската иницијатива „Бостание“. Алхалаби е вклучен како експерт и едукатор во проектот.
„Целта на ГРАДИДНИНА е да прерасне во благородно и динамично место, кое покрај својата основна функција во духот на одржливата агрикултура и грижлив однос кон природата, ќе прерасне и во простор за реализација на различни широки иницијативи на сите заинтересирани поединци од уметнички, едукативен и социјален аспект“, појаснуваат од МКЦ додавајќи дека во создавањето на градината учествувале и гимназијалците од СУГС Никола Карев под менторство на професорката Емилија Ристановска.