Естрада
Почина клавијатуристот на култните Black Sabbath, Џеф Николс
Клавијатуристот на легендарниот британски рок бенд Black Sabbath, Џеф Николс, почина во саботата од рак на белите дробови еден месец пред својот 69-ти роденден, објави основачот и гитарист на групата Тони Ајоми.
„Многу сум тажен по сознанието дека го загубив еден од моите најдраги и блиски пријатели Џеф Николс. Тој извесно време боледуваше од рак на белите дробови и ја загуби таа борба ова утро. Џеф и јас секогаш бевме многу блиски и тој секогаш беше мојот најискрен пријател, кој ме поддржуваше цели 40 години. Ќе ми недостига, но тој ќе живее во моето срце, сé додека не се сретнеме повторно“, напиша на Facebook Тони Ајоми, кој и самиот пред неколку години се лекуваше од карцином.
За смртта на Николс извести и хеви метал групата Quartz, со којашто тој настапуваше до моментот кога бил повикан да им се придружи на Black Sabbath.
Џеф Николс првпат бил повикан да свири со Black Sabbath во 1979 година. Учествувал во снимањето на албумот „Heaven and Hell“, кој е издаден следната година, а пет години подоцна стана и официјално член на овој култен британски музички состав, во 2004 година Николс беше заменет од Адам Вејкман.
Бирмингенскиот хеви метал бенд е формиран во 1969 година од на Ози Озборн (вокал), Тони Ајоми (гитара), Гизер Батлер (бас гитара), и Бил Ворд (тапани). Оваа постава се растури во1979 година, но Ајоми и натаму продолжи да ја одржува својата творба со издавањето под насловот на Black Sabbath вкупно 19 студиски албуми./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
