Забава
Истражување: Мажите попрво им помагаат на жените со високи потпетици
Од порано е познато дека изгледот на жената, почнувајќи од фигурата до стилот на облекување, влијае врз однесувањето на мажот кон понежниот пол, а неодамна француските социолози востановија дека мажите попрво ќе и’ обратат внимание на жена и побрзо ќе и’ понудат помош доколку е на повисоки потпетици отколку доколку носи чевли со ниски потпетици.
Никола Гегон, од францускиот Универзитет на јужна Бретања, со соработниците спровел истражување за тоа на кој начин женските потпетици влијаат врз однесувањето на спротивниот пол, се наведува во студијата објавена во списанието Archives of Sexual Behavior.
Студијата ја поделил во четири експерименти. Во првиот, во кој учествувале 90 мажи. Гегон го анализирал нивните одговори откако 19-годишна девојка на високи потпетици а потоа со рамни потпетици, ги замолила да исполнат анкета за еднаквост на половите. Во вториот експеримент учествувале 180 жени и 180 мажи. Четири жени, на потпетици или во рамни чевли, од учесниците барале да одговорат на прашањата за навиките во исхраната. Во третиот експеримент, пак, Гегон ја проучувал подготвеноста на 180 мажи и 180 жени да и’ пријдат на помош на жена којашто случајно ја испуштила ракавицата на улица. И овојпат жената наизменично била на високи па на ниски потпетици. И последниот експеримент бил спроведен во бар каде што професорот го следел однесувањето на 36 момчиња кон жени во високи потпетици и кон оние кои носеле чевли со рамни потпетици.
Резултатите од истражувањето во првите три експеримента покажале дека мажите биле поподготвени да и’ помогнат на жена којашто носела чевли со високи потпетици, отколку кога носела чевли со рамни ѓонови, додека четвртиот експеримент покажал дека мажите во бар попрво и побрзо и’ пристапуваат на жена со високи потпетици.
Гегон смета дека мажите жените коишто носат високи потпетици ги поврзуваат со испраќање одредени сексуални пораки, веројатно затоа што такви пораки им испраќаат атрактивните женски модели во чевли со високи потпетици кои редовно ги гледаат во мас медиумите.
„Мажите, воопшто, го преценуваат сексуалниот интерес на жената, особено проучувајќи го нејзиниот стил на облекување и доаѓаат до погрешни заклучоци. Жената којашто носи високи потпетици ја доживуваат како жена којашто испраќа порака за сексуална заинтересираност, што не мора да има поврзаност со нејзините обувки. Токму таквото погрешно толкување објаснува поради што мажите биле подготвени да прифатат учество во анкетата, спонтано да им помогнат или да им пријдат во барот“, појаснува Гегон.
Второто објаснување е дека начинот на кој жената чекори кога носи високи потпетици, а несомнено е поинаков од оној додека се движи на рамни потпетици, ја зголемува нејзината привлечноста кај машкиот пол, вели Гегон и додава дека претпоставките се хипотетски, како и дека е потребно да се спроведат дополнителни истражувања.
Но кога станува збор за високите потпетици, тие треба да се споменат и во друг контекст. Имено, британските лекари минатата 2013 година со помош на најнов 3Д скенер кај многу пациентки кои оделе на високи потпетици утврдија бројни оштетувања на коските на стапалата, зглобовите и мускулите. Така, жените треба да одлучат дали им е поважно вниманието на маж на улица или во бар или, пак, на ортопед во ординација./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Дарко Лазиќ и Дадо Полумента станаа соседи, купија станови во луксузен комплекс
Фолкерот Дадо Полумента и неговиот помлад колега Дарко Лазиќ ќе бидат соседи во луксузен комплекс во Нови Сад.
Станува збор за новосадската населба Поповица, која се наоѓа на само четири километри од центарот на градот.
Тие вчера го посетија градилиштето за да проверат до каде се работите, а заедничките видеа завршија на нивните Инстаграм профили.
– Тоа е точно. Зедовме имоти во истиот комплекс. Ќе бидеме соседи – потврди Дадо за локалните медиуми.
Овој затворен комплекс се простира на неверојатни 9.000 метри квадратни, кои се резервирани за станбени згради и кафеани, од кои дури 2.000 м2 се наменети за зелени површини. Апартманите се движат од 45 квадрати до 175м2. Комплексот опфаќа подземни гаражи, вратар на влезот во населбата, патеки за пешачење и вежбање, како и 4 базени во населбата и 4 детски игралишта.
Сите жители на населбата ќе уживаат во прекрасните погледи од нивните станови, како и во свежиот воздух од падините на Фрушка Гора.
Забава
Мајкл Даглас: Ги посетив децата на факултет, сите мислеа дека сум нивен дедо
Мајкл Даглас отворено зборуваше за предизвиците на родителството во доцниот живот.
79-годишниот актер ги опиша предизвиците на воспитувањето деца во неговите 70-ти. Познатиот актер се присети на моментот кога бил помешан со дедо на сопствените деца додека ги посетувал на факултет. „Ова не е ден на дедото, ова е ден на родителите. Тогаш реков: „Јас сум родител! Тоа беше гадно“, изјави актерот.
Оскаровецот има две деца, синот Дилан (23) и ќерката Керис (20), со сопругата Кетрин Зета-Џонс, со која е во брак речиси 25 години, како и 45-годишниот син Камерон со поранешната сопруга Диандра Лукер.
Даглас, кој стана татко по втор пат кога имал 56 години, признал дека второто семејство подоцна во животот му овозможило да биде подобар татко.
„Камерон тогаш многу страдаше“, рече Даглас, истакнувајќи дека бил преоптоварен со кариерата додека го одгледувал својот најстар син. Тој објасни дека неговиот семеен живот бил трет на неговата листа на приоритети во тоа време, за разлика од кога основал семејство со Зета-Џонс.
„Веќе работев доволно и барав повеќе за да уживам во децата“, призна Даглас. Иако познатиот актер призна дека се мачел да ги држи Дилан и Керис кога биле помали, тој додал дека тој и неговата сопруга сега уживаат во животот без деца.
„Тоа беше одлично време за мене, но имав многу среќа. Кетрин и јас бевме заедно, ќе наполнат 25 години оваа година. Значи, тоа беше добар период и бев многу среќен, среќен со изборот што го направив и сега навистина се враќам назад и малку повеќе ги мирисам розите, повеќе патувам“, рече Даглас.
Добитникот на Златен глобус им се заблагодари и на своите деца што се извонредни суштества и радоста што ја има во животот. „Тие и на Кетрин и на мене ни донесоа огромна радост“, додаде тој.
Даглас почна да излегува со велшката актерка во 1999 година, откако се запознаа на Американскиот филмски фестивал во Довил, Франција. Двојката се венча една година подоцна во хотелот Плаза во Њујорк. Оттогаш, актерите никогаш не се срамат да ја прослават својата љубов на социјалните мрежи, каде актерката често објавува фотографии оддавајќи почит на нејзината долга врска со Даглас.
Во ноември 2023 година, таа ја одбележа нивната 23-годишнина од бракот со објавување серија фотографии од парот низ годините. „Денес славиме 23 години брак“, напиша таа во описот на Инстаграм.
Забава
Јелена Ѓоковиќ воодушеви со изборот на фустан на наградата „Лауреус“
Тенисерот Новак Ѓоковиќ синоќа заедно со сопругата Јелена присуствуваше на доделувањето на спортските награди „Лауреус“ во Мадрид.
По тој повод Новак Ѓоковиќ по петти пат стана најдобар спортист на светот. Српскиот тенисер претходно ја доби престижната награда во 2012, 2015, 2016 и 2019 година. На Новак наградата му ја врачи Том Брејди, легендата на американскиот фудбал и НФЛ.
Тенисерот на престижното доделување дојде со сопругата Јелена Ѓоковиќ, која воодушеви со изборот на фустан и целокупниот изглед.
Таа носеше црн топ фустан од модната дизајнерка Драгана Огњеновиќ.
Заедно со црниот фустан, Јелена носеше и дискретен накит, а косата ја стави во елегантна пунџа.
Новак носеше костум од италијанскиот бренд „Brunello Cucinelli“. Семејството Ѓоковиќ беше добро расположено и насмеано и им позираа на фотографите.