Забава
Томо Поповски (12) од Скопје меѓу победниците на глобалниот ликовен конкурс по повод Светскиот ден на храната
Фото: Наградениот цртеж на Томо Поповски (12), Скопје: „Луѓе обединети низ различни култури кои се грижат за Земјата за здрава, одржлива храна и подобра заедничка иднина“.
Дванаесетгодишниот Томо Поповски од Скопје е избран за еден од победниците на глобалниот ликовен конкурс по повод Светскиот ден на храната 2025, организиран од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), што претставува четврти пат млад уметник од Северна Македонија да биде препознаен меѓу победниците на светско ниво.
Ученик во седмо одделение во ООУ „Кочо Рацин“, Томо победи во категоријата од 9 до 12 години со својот цртеж инспириран од темата на конкурсот – „Рамо до рамо за подобра храна и подобра иднина“, која ја истакнува итната потреба од заедничка акција и глобална солидарност за градење мирна, одржлива и просперитетна иднина во која секој човек има пристап до здрава исхрана.
Неговото уметничко дело прикажува луѓе од различни култури кои работат заедно околу нашата планета, опкружени со разновидна и здрава храна што симболизира соработка, одржливост и надеж. Преку својот цртеж, Томо пренесува едноставна, но моќна порака: кога луѓето работат заедно, можат да ги надминат предизвиците и да создадат подобра иднина за сите.
„Мојот цртеж е инспириран од идејата дека луѓето можат да постигнат големи нешта кога работат заедно“, вели Томо. „Храната не е само нешто што ни е потребно за да преживееме; таа е нешто што ги поврзува семејствата, заедниците и народите.“
Томо е четвртиот млад уметник од Северна Македонија кој добива глобално признание на Ликовниот конкурс по повод Светскиот ден на храната на ФАО, по Сара Цветкова (2019), Павел Милановски (2020) и Михаела Стојменовиќ (2022). Нивните успеси ја одразуваат креативноста и растечката свест на младите во Северна Македонија за прашањата поврзани со обезбеденоста со храна, земјоделството и заштитата на животната средина.
Рамо до рамо за подобра иднина Секоја година, Ликовниот конкурс по повод Светскиот ден на храната на ФАО ги охрабрува децата и младите од целиот свет преку уметност да ја споделат својата визија за подобра иднина.
Темата – „Рамо до рамо за подобра храна и подобра иднина“ – ја слави моќта на солидарноста и заедничкото дејствување во градењето свет во кој секој има пристап до здрава исхрана и живее во хармонија со природата.
Преку своето уметничко дело, Томо нè потсетува дека подобрата иднина започнува со соработка. „Работејќи заедно, почитувајќи ја природата и обезбедувајќи храна за сите, можеме да создадеме свет кој е поздрав, похуман и поодржлив“, вели Томо.
„Мојот цртеж е симбол на единство, солидарност и надеж за идните генерации.“
Како четврти глобален победник од Северна Македонија на овој ликовен конкурс, Томо се приклучува на извонредна група млади уметници чии дела придонесоа глобалното внимание да се насочи кон обезбеденоста со храна, одржливото земјоделство и важноста на заедничкото дејствување за подобра иднина. Неговиот успех уште еднаш покажува дека младите од нашата земја имаат важен глас во глобалната дискусија за иднината на храната, животната средина и нашата планета.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Британска лекарка издвои пет замрзнати намирници за подолг и поздрав живот
Британската лекарка по општа пракса, д-р Асија Маула, вели дека многу намирници што придонесуваат за долговечност се идеални за замрзнување и дека замрзнатата храна често се потценува во поддршката на здравото стареење. Добро снабден замрзнувач, истакнува таа, може да биде еден од наједноставните начини да се намали зависноста од ултрапреработена готова храна.
„Луѓето често претпоставуваат дека свежото секогаш е најдобро, но замрзнатите намирници можат да бидат неверојатно хранливи и одличен начин здравите избори да станат попрактични. Многу видови замрзнато овошје и зеленчук се берат и замрзнуваат многу брзо, што помага во зачувување на хранливите материи“, објаснува д-р Маула.
Таа нагласува дека во здравото стареење најважна е доследноста, а не совршенството.
„Најздравата исхрана обично е онаа што луѓето можат долгорочно да ја следат. Кога во замрзнувачот имате достапни хранливи намирници, помалку зависите од достава, ултрапреработени готови јадења или она што случајно ќе ви се најде во шкафот. Луѓето често бараат една магична состојка, но долгорочното здравје се гради со мали навики што се повторуваат доследно со години. Добро снабден замрзнувач може да биде изненадувачки ефикасен дел од тоа“, вели лекарката.
Јагодесто овошје
Јагодесто овошје е една од најдобрите намирници што можете да ги имате при рака. Содржи влакна и корисни растителни соединенија – полифеноли, кои се поврзуваат со низа здравствени придобивки. Лесно се додава во овесна каша, јогурт или смути, а замрзнатото јагодесто овошје често е многу поповолно од свежото.
Смрзнат спанаќ
Зелените листести зеленчуци се основа на многу диети насочени кон долговечност. Спанаќот содржи витамини, минерали и антиоксиданси, а замрзнатиот е неверојатно разновиден – може да се додаде во супи, чорби, карии, сосови за тестенини или омлети.
Зелена соја
Зелена соја е една од омилените намирници на д-р Маула за замрзнувач бидејќи спојува практичност со хранливост. Обезбедува растителни протеини и влакна, што помага во постигнување чувство на ситост и поддржува целокупно здравје.
Мешан зеленчук
Иако често се занемарува, замрзнатиот мешан зеленчук може да биде една од најздравите намирници во замрзнувачот. Разновидноста е важна за здравјето и за разновидноста на цревната микрофлора. Кога зеленчукот е веќе подготвен и спремен за готвење, многу полесно се вклучува во оброците.
Риба
Масната риба, како лосос, обезбедува висококвалитетни протеини и важни хранливи материи, вклучувајќи омега-3 масни киселини. Ако имате замрзнати порции при рака, полесно е редовно да ја вклучувате рибата во исхраната.
Забава
Танцовата претстава „Ајде!“ на Македонскиот културно-информативен центар го преполни Загрепскиот танцов центар
Преполна сала, долги овации и силни емоции ја одбележаа изведбата на современата танцова претстава „Ајде!“ во организација на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб. Големиот интерес на публиката резултираше со целосно исполнета сала на Загрепскиот танцов центар, што претставува уште една потврда за растечкиот интерес за македонската современа уметност и култура во Хрватска.
Публиката уживаше во впечатливата и моќна танцова претстава на авторите и кореографи Игор Киров и Бојан Мицев, која преку современ сценски израз отвора универзални теми за љубовта, слободата, припадноста и предизвиците наметнати од општествените норми.
Долгиот аплауз и емотивната реакција по завршувањето на претставата јасно покажаа дека „Ајде!“ е дело кое комуницира силно и непосредно со гледачите, без оглед на националните и културните граници.
Пред почетокот на претставата, на присутните им се обратија директорката на македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓоргоска Илиевска, директорката на Загрепскиот танцов центар Александра Мадсен и кореографот Игор Киров, еден од најистакнатите македонски балетски уметници и кореографи, со свестско реноме во доменот на модерниот танц, кој има постигнато врвни уметнички остварувања на меѓународната балетска сцена. Во своите говори тие ја поздравија публиката и ја истакнаа важноста на оваа прва соработка меѓу македонскиот КИЦ и Загрепскиот танцов центар, преку која македонската современа танцова уметност добива значајна меѓународна видливост и се отвораат нови можности за соработка, преку вмрежување и афирмација на македонските автори и уметници надвор од границите на државата, како и продлабочување на културните врски меѓу Македонија и Хрватска.
„Уметноста има моќ да ги поврзува луѓето без оглед на границите, јазиците и различностите. Вечерва преполната сала на Загрепскиот танцов центар е најдобрата потврда дека публиката препознава искрена емоција, квалитет и значењето на културната размена меѓу Македонија и Хрватска“, истакна Ѓоргоска Илиевска.
Претставата „Ајде!“ претставува значаен пример на современото македонско танцово творештво, кое преку автентичен уметнички пристап успешно ги поврзува традицијата, современоста и универзалните човечки вредности. Ова е очигледен показател дека уметноста останува еден од најсилните мостови за поврзување на луѓето, културите и општествата.
Продукцијата на претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам, Општина Штип и ЕАМ Штип, а гостувањето во Загреб е дел од годишната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб, реализирана во соработка со Motion Network продукција и Загрепскиот танцов центар со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Забава
Овие три хороскопски знаци најлесно можете да ги заведете на одмор
Лето, море, коктели и чувството дека нема правила – не е ни чудо што некои хороскопски знаци се особено склони кон флертување и кратки романси во ова време. Додека некои остануваат претпазливи дури и на одмор, други лесно се предаваат на атмосферата.
Според астрологијата, овие три знаци се најлесни за заведување на одмор.

Близнаци
Близнаците обожаваат да запознаваат нови луѓе и тешко им одолева на возбудата што ја носи летото. Добар разговор, малку хумор и чувство за спонтаност се доволни за целосно да ги освојат. Најважно за нив е да не им здодее.
Ако ги насмеете и го задржите нивното внимание, тие брзо ќе покажат интерес.
Вага
Вагите се одлични романтичари и лесно се вљубуваат во летната атмосфера. Вечерни прошетки покрај морето, добра музика и малку внимание често се доволни за да се заљубат во идејата за романса.
Тие го сакаат чувството на пеперутки во стомакот и често ги идеализираат луѓето што штотуку ги запознаваат, поради што лесно се впуштаат во кратки, интензивни летни приказни.

Стрелец
Стрелците сакаат авантури, патувања и спонтани врски. Тие се особено отворени за флерт на одмор бидејќи се привлечени од слобода, забава и чувство дека може да се случи нешто возбудливо.
Ако изгледате опуштено и спонтано, лесно можете да ги освоите. Но, штом се почувствуваат под притисок или премногу сериозни, брзо го губат интересот.
