Забава
За сите русокоси кои сакаат промена: Најтрендовската нијанса оваа сезона што мора да ја носите
Доколку сте расположени за голема промена на убавината, имаме одличен предлог – носете ванила боја, а ова лето ќе биде во знакот на русата коса.
Ванилата можеби не е најлесната боја за одржување, но создава вистински ефект на „wow“ и го носи потребното освежување. Според „Glamour“, по периодот во кој многумина го поминуваа поголемиот дел од времето дома, многумина посакаа големо освежување и фризури или бои за коса што им го креваат расположението.
Една таква боја е ванилата, која се најавува како голем летен хит, а ја забележавме кај моделот Габриела Борхес, на која фантастично ѝ стои.
Зад нијансата е бразилскиот експерт за русокоси Ромео Фелипе, а бојата е мешавина од ладни подтонови и топли тонови. Со оваа боја на коса, корените се исто така малку потемни, додека краевите се светли.
Всушност, станува збор за трансформација на бојата на косата што може да му помогне на секого да ја освежи својата постоечка фризура и да го промени својот имиџ за новата сезона што претстои.
Треба да се напомене дека ова е фризура која не е лесна за одржување, и бара почести посети на фризерски салон отколку сите техники и нијанси на боење кои се популарни во последно време. На пример, Ромео работел 12 часа за да ја создаде бојата што ја има моделот Габриела Борхес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Едноставен трик што може да го разлади станот во летните горештини
И покрај спуштените ролетни и вклучениот вентилатор, многу станови остануваат жешки во летните денови. Еден едноставен трик што често се занемарува е отворањето на ормарите при утринското проветрување.
Според советите, големите ормари во текот на денот акумулираат топлина, особено ако се наоѓаат во близина на прозорци или се изложени на сончева светлина. Топлиот воздух останува заробен зад затворените врати и може дополнително да ја загрева просторијата.
Затоа се препорачува рано наутро, кога надворешните температури се најниски, да се отворат прозорците, но и вратите на ормарите и другите затворени простори. Така свежиот воздух ќе циркулира и ќе помогне да се исфрли насобраната топлина.
Откако температурата надвор ќе почне да расте, прозорците треба повторно да се затворат, а ролетните и завесите да се спуштат за да се задржи посвежиот воздух во домот што е можно подолго.
Забава
Холивудската ѕвезда го следеше натпреварот Канада – БиХ, но многумина не го препознаа
Холивудскиот актер Мајк Мајерс ги изненади навивачите со своето појавување на натпреварот меѓу Канада и Босна и Херцеговина на Светското првенство.
63-годишниот актер, познат по улогите во „Остин Пауерс“ и како гласот на Шрек, го следеше натпреварот во Торонто во друштво на Рајан Рејнолдс.
Мајерс бил прикажан на телевизиските камери за време на натпреварот, но коментаторите на „Би-би-си“ првично не го препознале. Дури подоцна било посочено дека во ложата се наоѓа актерот кој му го позајми гласот на Шрек.
Неговото појавување предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде многумина коментираа дека толку се вклопил меѓу навивачите што останал незабележан.
Натпреварот меѓу Канада и БиХ заврши 1:1.
Забава
Меморија, Дани Димитровска и Суперхикс на „Охрид вајн фестивал“
Петтото издание на Ohrid Wine Festival ги носи Меморија, Дани Димитровска, Суперхикс, Солзи и Смеа, Битолски камерен оркестар, Куку Леле и уште многу музички имиња, кои ќе настапат од 25 до 27 јуни на Кеј Македонија.
Фестивали.мк и годинава подготви програма за три вечери исполнети со музика во живо и вина од домашни и регионални винарии и гастрономска понуда, претворајќи го охридскиот кеј во едно од најживите места на почетокот на летната сезона.
Фестивалското дружење овие три дена почнува од 19 часот, додека изведувачите почнуваат еден час подоцна.
Првата фестивалска вечер на 25 јуни, четврток, започнува со настапот на групата Сарај во 20:00 часот, Дани Димитровска во 22:00 часот и Меморија во 23:30 часот.
На 26 јуни, петок настапуваат Брос Марама во 20:00 часот, Ѓоко Ѓорчев и Кате Танева во 21:30 часот, Куку Леле во 23:00 часот и Пауза за ракија во 00:30 часот.
Во сабота, на 27 јуни, на финалната вечер присутните ќе се забавуваат со стенд ап настапот на Солзи и Смеа од 20:00 часот, по што од 21:00 часот почнува DJ DJ Fic, во 22:30 часот е резервиран за Битолски камерен оркестар и Суперхикс во 00:15 часот.
Покрај музичката програма, посетителите ќе можат да уживаат во богата селекција на вина и гастрономска понуда по која и фестивалот стана препознатлив дел од охридското лето.
„Пет години по ред Ohrid Wine Festival е место каде што се среќаваат музиката, виното и убавата енергија на Охрид. Годинава подготвивме програма која обединува различни генерации и музички вкусови, а нашата цел останува иста – да создадеме настан кој ќе биде уште една причина повеќе посетителите да го изберат Охрид како своја летна дестинација“, велат од Фестивали.мк.
Винскиот фестивал се одржува со поддршката на Општина Охрид. Градоначалникот Кирил Пецаков ги покани охриѓани и туристите да не го пропуштаат овогодинешното издание.
Ohrid Wine Festival Vol. 5 ќе се одржи од 25 до 27 јуни на Кеј Македонија, пред хотел Палас во Охрид.
