Здравје
Научниците направија голем чекор во пресадувањето глава ВИДЕО
Меѓународниот тим биолози под раководство на италијанскиот неврохирург Серџо Канаверо направи голем чекор во обидот да пресадат глава на човек на тело на донор, успешно поврзувајќи го ‘рбетниот мозок кај стаорци и проверувајќи ги дел од техниките кај мајмуни, се вели во серијата написи кои се прифатени за објавување во стручните списанија Surgery и CNS Neuroscience & Therapeutics.
Кон крајот од февруари 2015 година италијанскиот хирург Серџо Канаверо од универзитетот во Торино, кој тврди дека е способен успешно да пресади глава од човек на друго здраво тело, го најави претставувањето на амбициозниот проект HEAVEN/AHBR, во чии рамки планира трансплантација на глава од доброволец на тело на донор, поврзувајќи го ‘рбетниот мозок со централниот мозок со помош на специјална постапка, којашто ја нарекува „протокол Gemini“ (близнаци).
На повикот на Канаверо се одѕва сега 31-годишниот руски инженер Валериј Спиридинов, кој страда од ретко генетско заболување, синдромот Ваердинг-Хафман, поради кое е во инвалидска количка и е првиот човек во светот кој доброволно се пријави да учествува во зафатот за пресадување глава. Поради болеста на мускулатурата неговата состојба постојано се влошува.
Мислењата на неврохирурзите во светот се поделени, некои не ја исклучуваат во принцип таквата можност, но не се уверени во успехот на операцијата, додека другите сметаат дека пресадувањето на глава е авантура, којашто неминовно нема да успее.
Сега Канаверо и неговите колеги во споменатите студии пишуваат дека успеале успешно да ја реализираат клучната фаза од операцијата, односно спојувањето на мозочното стебло и ‘рбетниот мозок, кај стаорци. За реализација на тоа научниците користеле ултратенок нанонож од јаглерод, органска материја полиетилен гликол, која овозможува нервните влакна да се држат „заедно“ едни со други, како и специјален начин на стимулација на ‘рбетниот мозок на местото од засекот неопходно за поврзување меѓу невроните.
Според научниците, околу еден месец по оштетувањето на “рбетот и сраснувањето според методот на Канаверо, нервните влакна во ‘рбетот сраснуваат, и животните одново ја добиле мобилноста на нивните екстремитети. Целата оваа операција била изведена во Кина, каде што за ваквите експерименти нема никакви ограничувања.
Лани Канаваро во интервјуто за Комсомолскаја Правда рече дека операцијата има политичко значење. Според него, земјата во којашто ќе биде извршена првата трансплантација на глава од еден човек на друго тело, несомнено ќе влезе во светската историја.
Покрај тоа, научниците успешно ја потврдиле методата за зачувување на функциите на мозокот во рамките на експериментите за целосна трансплантација на мозок кај мајмуни. Во овој случај подвижноста на екстремитетите не била вратена, но животните преживеале и нивниот мозок не бил трајно оштетен при пресадувањето на ново тело.
Извршувањето на ваквите експерименти, како што објаснуваат научниците, во голема мера било можно благодарејќи на препаратот „перфторан“, кој бил развиен во Институт за биолошка физика на Академијата на науките на поранешниот Советски сојуз како вештата замена за крвта. Оваа супстанција ги хранело клетките на мозокот по неговото одделување од телото.
Покрај овие опити, научниците, исто така, претставуваат и редица „превентивни“ мерки, како, на пример, како може да се справат со болката којашто се јавува при трансплантацијата и за којашто, како што истакнува Канаверо, неговите критичари дури и не се сомневаат, а презентираат и бројни прашања од филозофски и етички аспект, кои произлегуваат од сличните операции.
Кон крајот на април 20125 година, Канаверо претставувајќи го својот план во Русија, рече дека за извршување на ваквиот оперативен зафат главата на пациентот треба да биде оладена до 10 до 15 Целзиусови степени, бидејќи ќе се врши операција на длабоките области на мозокот. Рече во интервјуто за Правда дека тимот хирурзи ќе има еден час за да ја ‘приклучи’ главата на другото тело. За поврзувањето на крвните садови се потребни само неколку минути. Главата на Валериј ќе биде одвоена од телото и пренесена на ново за само неколку секунди, а снабдувањето на мозокот со крв ќе започне по петнаесетина минути, ги појасни Канаверо техничките детали од оваа чудовишна операција. Како резултат од овој зафат, според неврохирургот, би требало да има целосно обновување на подвижноста на телото на пациентот.
Ланскиот јуни Канаверо во потрага по финансиери имаше двоиполчасовна презентација на оваа тема на конференцијата на Американската академија на невролошките и ортопедските хирурзи, како гостин на отворањето на настан во Анаполис, во државата Мериленд.
Според авторите на споменатите две студии, првите експерименти врз човечки тела веќе започнале во Кина, а наскоро спектарот на истражувањата ќе биде значително проширен. Првата трансплантација, како што велат научниците, според планот ќе биде изведена во декември 2017 година.
Докторот Серџо Канаверо, директор на Напредната група за невромодулација од италијански Торино, процени дека, кога го најави првпат овој проект кон крајот на 2013 година, таквата операција би можела да биде возможна за две години, односно во 2016 година./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Здравје
Лошиот сон може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања
Знаеме дека добриот сон е неопходен за добро здравје, особено за здравјето на срцето. Истражувањата покажаа дека лошиот сон може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања. Но, дали знаевте дека положбата во која спиеме исто така игра улога за здравјето на срцето?
„Спиењето на левата страна може да предизвика суптилни промени во положбата на срцето. На некои луѓе им е дури и непријатно да спијат на левата страна, особено ако имаат срцева слабост или неодамна им бил вграден пејсмејкер“, вели кардиологот Леонард Ганц за Prevention.
Позицијата на спиење може да влијае и на одредени симптоми.
„Палпитацијата и абнормалните отчукувања на срцето може да бидат позабележителни кај некои луѓе штпо лежат или спијат на левата страна. Сепак, не е јасно дали лежењето на левата страна ги зголемува шансите за развој на аритмија и дали тоа влијае на прогресијата на болеста“, додаде д-р Ганц, цитиран од хрватски „Индекс“.
Затоа кардиологот ги советува оние што чувствуваат некакви промени во работата на срцето при лежење на левата страна да изберат поинаква положба.
Оние што страдаат од рефлукс на киселина или гастроезофагеален рефлукс, од друга страна, може да имаат корист од спиењето на левата страна, според лекарите.
Во овој момент нема доволно истражувања за да се докаже која положба на спиење е најдобра за здравјето на вашето срце ако веќе немате срцеви заболувања. Најважно е добро да се одморите.
Она што е познато е дека лежењето на грб може да го влоши пулмоналниот едем кај луѓето со конгестивна срцева слабост. Некои луѓе со срцева слабост велат дека им е потешко да дишат кога лежат или спијат на левата страна.
Здравје
Просечното шише вода содржи 240.000 парчиња нанопластика, која предизвикува рак – 100 пати повеќе отколку што претходно се мислеше
Пластичните шишиња со вода содржат стотици илјади токсични микроскопски пластични честички, открија нови истражувања.
Британски „Дејли мејл“ објави дека наодите, најверојатно, ќе го шокираат секој што преминал од чешма на пакувана вода верувајќи дека е подобро за здравјето.
Пиењето вода од шише може да значи дека го загадувате вашето тело со мали парчиња пластика за кои научниците стравуваат дека може да се акумулираат во вашите витални органи и да предизвикаат непознати здравствени импликации.
Нанопластиката веќе е поврзани со рак, проблеми со плодноста и со вродени дефекти.
Научниците што користат најнапредни техники за ласерско скенирање просечно пронајдоа 240.000 пластични честички во шише вода од еден литар во споредба со 5,5 на еден литар вода од чешма.
Истражувачите на Универзитетот во Колумбија тестираа три популарни бренда на шише вода продадени во САД – и користејќи ласери, ги анализираа пластични честички што ги содржеа на само 100 нанометри во големина.
Честичките – нанопластика – се многу помали од микропластиците претходно откриени во пакувана вода.
Сепак, честичките се сметаат за потенцијално токсични бидејќи се толку мали што може да влезат директно во крвните клетки и мозокот.
Овие микроскопски честички носат фталати – хемикалии што ја прават пластиката поиздржлива, флексибилна и подолготрајна.
Здравје
Нутриционист: Три докажани начини да го забавите процесот на стареење, првите ефекти за две недели
Британската нутриционистка Габриела Пикок изјави дека со правилна исхрана им помогнала на многу луѓе од високото општество да ги забават знаците на стареење за само две недели.
„Науката е јасна дека сите ние имаме моќ да направиме едноставни промени што го менуваат животот на подобро, без оглед на генетската предиспозиција“, вели Пикок, која работела со членови на британското кралско семејство, како што се принцезата Јуџин и принцот Хари.
Авторката, чија книга „2 недели за помлад ти: тајни за подолго живеење и фантастично чувство“, беше објавена на почетокот на оваа година, рече дека е сосема природно што многу луѓе прибегнуваат кон нездрави навики во исхраната.
„Но, сите ние имаме потенцијал да го промениме ова“, изјави таа за „Сан“.
Без оглед на нашата возраст и здравје, Пикок тврди дека никогаш не е доцна да ја промените брзината на стареење и да ги прифатите енергијата и силата на вашето помладо јас.
Според нејзиното мислење, доволно е да се применат овие три работи и доволно е да се забави процесот на стареење, а првите ефекти ќе се видат по две недели.
Избегнувајте шеќер
Иако можеби е тешко да се замисли ако сте љубител на шеќер, таа советува дека намалувањето на шеќерот не само што е добро за целокупното здравје туку може и да го забави стареењето.
Како што дополнително објаснува, шеќерот води до хронично воспаление во телото, кое е еден од најлошите непријатели во процесот на стареењето.
Јадењето шеќер може да доведе до зголемување на телесната тежина, но, како што истакнува Пикок, вашата енергија и нивото на хормоните ќе влијаат на тоа како изгледате и се чувствувате.
Внесувајте разни хранливи материи
„Се разбира, урамнотежената исхрана помага во целокупното здравје, но некои хранливи материи имаат супермоќ против стареењето“, рече таа.
Заедно со антиоксидансите, омега-3 масните киселини, всушност, може да ги намалат брчките со хидратација на кожата и промовирање на еластичноста. Јадењето мрсна риба како лосос е одличен трик.
За уште поголема еластичност на кожата, Пикок вели дека колагенот, кој може да се најде во немасните протеини и супата од коски, е исто така неопходен.
Топло-ладно туширање
Екстремните температури може да бидат исклучително добра техника против стареењето.
Пикок вели дека има многу такви начини, вклучувајќи пешачење или вежбање на отворено во зима или ладната вода на крајот од туширањето.
„За да си ги олесните работите, зошто да не пробате неколку секунди ладна вода на крајот од туширањето?“, препорача таа.
„Се обидувам да се истуширам со ладна вода една-две минути пред да се префрлам на топла“, изјави таа за „Њујорк пост’.