Здравје
Ракот на кожата е поопасен во текот на бременоста
Меланомот, најтешкиот облик на рак на кожата, е уште поопасен доколку биде дијагностициран во текот на бременоста или во првата година по породувањето, покажа американско истражување чии резултати се објавени во списанието Journal of the American Academy of Dermatology.
Жените на коишто малигниот меланом им е дијагностицира во текот или непосредно по бременоста, подложни се на значително поголем ризик дека туморот ќе им метастазира на другите органи. Поверојатно е и дека таа болест ќе им се поврати по лекувањето, се наведува во споменатата студија. За жал, поголема е и можноста од меланомот и да се почине, констатираат научниците.
„Истражувањето покажа дека жените кај кои заболувањето е дијагностицирано во текот на бременоста или непосредно по породувањето, имаат меланоми со поголем ризик“, вели др Џефри Фрама од Центарот за кожна онкологија во Филаделфија.
Студијата се темели на податоците коишто се однесуваат на 462 жени. „Иако примерокот е релативно мал, верувам дека тие пациентки треба повнимателно да се прегледуваат кои е во прашање оваа болест“, додава др Фарма.
Иако студијата не испитува зошто бременоста влијае врз ширењето и исходот од меланомот, можно е причина за тоа да се флуктуациите на хормоните и послабата активност на имуно системот во тој период, што погодува туморите да се размавнат, смета, др Брајан Гастман, шеф на одделот за хирургија на меланоми во клиниката во Кливленд.
Во истражувањето учествувале жени помлади од 50 години, кај кои е дијагностициран меланом во фазите 0 или 1. Утврдено е дека кај жените кај коишто меланомот е откриен во текот или непосредно по бременоста, болеста по лекувањето се повратила во 12,5 отсто од случаите, во споредба со 1,4 отсто кај другите. Метастазите во првиот случај се регистрирани кај 25 отсто од пациентките, а во другиот кај 12,7 проценти. Секоја петта жена кај која овој облик на рак на е дијагностициран во бременоста починала, во споредба со секоја десетта во другите случаи.
Резултатите сугерираат дека лекарите на бремените жени би требало да им препорачуваат да бидат крајно внимателни во поглед на негата и хигиената на својата кожа и секоја промена или абнормалноста да ја пријават на лекарите, се заклучува во студијата./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Здравје
Лошиот сон може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања
Знаеме дека добриот сон е неопходен за добро здравје, особено за здравјето на срцето. Истражувањата покажаа дека лошиот сон може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања. Но, дали знаевте дека положбата во која спиеме исто така игра улога за здравјето на срцето?
„Спиењето на левата страна може да предизвика суптилни промени во положбата на срцето. На некои луѓе им е дури и непријатно да спијат на левата страна, особено ако имаат срцева слабост или неодамна им бил вграден пејсмејкер“, вели кардиологот Леонард Ганц за Prevention.
Позицијата на спиење може да влијае и на одредени симптоми.
„Палпитацијата и абнормалните отчукувања на срцето може да бидат позабележителни кај некои луѓе штпо лежат или спијат на левата страна. Сепак, не е јасно дали лежењето на левата страна ги зголемува шансите за развој на аритмија и дали тоа влијае на прогресијата на болеста“, додаде д-р Ганц, цитиран од хрватски „Индекс“.
Затоа кардиологот ги советува оние што чувствуваат некакви промени во работата на срцето при лежење на левата страна да изберат поинаква положба.
Оние што страдаат од рефлукс на киселина или гастроезофагеален рефлукс, од друга страна, може да имаат корист од спиењето на левата страна, според лекарите.
Во овој момент нема доволно истражувања за да се докаже која положба на спиење е најдобра за здравјето на вашето срце ако веќе немате срцеви заболувања. Најважно е добро да се одморите.
Она што е познато е дека лежењето на грб може да го влоши пулмоналниот едем кај луѓето со конгестивна срцева слабост. Некои луѓе со срцева слабост велат дека им е потешко да дишат кога лежат или спијат на левата страна.
Здравје
Просечното шише вода содржи 240.000 парчиња нанопластика, која предизвикува рак – 100 пати повеќе отколку што претходно се мислеше
Пластичните шишиња со вода содржат стотици илјади токсични микроскопски пластични честички, открија нови истражувања.
Британски „Дејли мејл“ објави дека наодите, најверојатно, ќе го шокираат секој што преминал од чешма на пакувана вода верувајќи дека е подобро за здравјето.
Пиењето вода од шише може да значи дека го загадувате вашето тело со мали парчиња пластика за кои научниците стравуваат дека може да се акумулираат во вашите витални органи и да предизвикаат непознати здравствени импликации.
Нанопластиката веќе е поврзани со рак, проблеми со плодноста и со вродени дефекти.
Научниците што користат најнапредни техники за ласерско скенирање просечно пронајдоа 240.000 пластични честички во шише вода од еден литар во споредба со 5,5 на еден литар вода од чешма.
Истражувачите на Универзитетот во Колумбија тестираа три популарни бренда на шише вода продадени во САД – и користејќи ласери, ги анализираа пластични честички што ги содржеа на само 100 нанометри во големина.
Честичките – нанопластика – се многу помали од микропластиците претходно откриени во пакувана вода.
Сепак, честичките се сметаат за потенцијално токсични бидејќи се толку мали што може да влезат директно во крвните клетки и мозокот.
Овие микроскопски честички носат фталати – хемикалии што ја прават пластиката поиздржлива, флексибилна и подолготрајна.
Здравје
Нутриционист: Три докажани начини да го забавите процесот на стареење, првите ефекти за две недели
Британската нутриционистка Габриела Пикок изјави дека со правилна исхрана им помогнала на многу луѓе од високото општество да ги забават знаците на стареење за само две недели.
„Науката е јасна дека сите ние имаме моќ да направиме едноставни промени што го менуваат животот на подобро, без оглед на генетската предиспозиција“, вели Пикок, која работела со членови на британското кралско семејство, како што се принцезата Јуџин и принцот Хари.
Авторката, чија книга „2 недели за помлад ти: тајни за подолго живеење и фантастично чувство“, беше објавена на почетокот на оваа година, рече дека е сосема природно што многу луѓе прибегнуваат кон нездрави навики во исхраната.
„Но, сите ние имаме потенцијал да го промениме ова“, изјави таа за „Сан“.
Без оглед на нашата возраст и здравје, Пикок тврди дека никогаш не е доцна да ја промените брзината на стареење и да ги прифатите енергијата и силата на вашето помладо јас.
Според нејзиното мислење, доволно е да се применат овие три работи и доволно е да се забави процесот на стареење, а првите ефекти ќе се видат по две недели.
Избегнувајте шеќер
Иако можеби е тешко да се замисли ако сте љубител на шеќер, таа советува дека намалувањето на шеќерот не само што е добро за целокупното здравје туку може и да го забави стареењето.
Како што дополнително објаснува, шеќерот води до хронично воспаление во телото, кое е еден од најлошите непријатели во процесот на стареењето.
Јадењето шеќер може да доведе до зголемување на телесната тежина, но, како што истакнува Пикок, вашата енергија и нивото на хормоните ќе влијаат на тоа како изгледате и се чувствувате.
Внесувајте разни хранливи материи
„Се разбира, урамнотежената исхрана помага во целокупното здравје, но некои хранливи материи имаат супермоќ против стареењето“, рече таа.
Заедно со антиоксидансите, омега-3 масните киселини, всушност, може да ги намалат брчките со хидратација на кожата и промовирање на еластичноста. Јадењето мрсна риба како лосос е одличен трик.
За уште поголема еластичност на кожата, Пикок вели дека колагенот, кој може да се најде во немасните протеини и супата од коски, е исто така неопходен.
Топло-ладно туширање
Екстремните температури може да бидат исклучително добра техника против стареењето.
Пикок вели дека има многу такви начини, вклучувајќи пешачење или вежбање на отворено во зима или ладната вода на крајот од туширањето.
„За да си ги олесните работите, зошто да не пробате неколку секунди ладна вода на крајот од туширањето?“, препорача таа.
„Се обидувам да се истуширам со ладна вода една-две минути пред да се префрлам на топла“, изјави таа за „Њујорк пост’.