Здравје
САД: Причината за зараза со бактеријата CRE се контаминирани медицински инструменти
Заразата со супербактеријата, од која починаа двајца пациенти, отпорна на антибиотици во медицинскиот центар „Роналд Реган“ при американскиот Универзитет UCLA е поврзана со контаминирани медицински инструменти, предупреди Американската агенција за храна и лекови (FDA).
Предупредувањето беше објавено откако медицинскиот центар „Роналд Реган“ обајви во средата дека 179 пациенти биле изложени на бактеријата CRE, поради контаминираните ендоскопи. За седум е потврдено дека се заразиле, од кои две лица починаа. Освен овие, во текот на 2013 и на 2014 година други 135 лица се заразиле со оваа бактерија во други американски болници, соопшти FDA, а и тие случаи најверојатно се поврзани со лошо дезинфицирани ендоскопи.
CRE е смртоносна резистентна ентеробактерија, отпорна дури и на последната линија антибиотици, а нејзината смртност кај заразените изнесува 50 отсто. Се шири преку директен контакт, на пример со лошо дезинфицирани медицински инструменти. Првпат CRE беше откриена во една американска болница во 2001 година, а до 2013 година се проширила во болниците во 46 од 50-те американски сојузни држави. Американскиот центар за контрола и превенција на болестите (CDC) ја нарекува „бактерија од кошмарите“.
Ендоскопот кој е „виновникот“ за последните случаи на заразување се користи за прегледи при заболувања на панкреасот. Околу половина милион Американци секоја година минуваат низ оваа постапка, велат од FDA. Во соопштението, универзитетот UCLA истакнува дека редовно и во согласност со инструкциите на производителот ги дезинфицирала ендоскопите, но дека по откривањето на бактеријата додала и нови построги процедури.
Експертите за јавно здравје за појавата на резистентните бактерии ги обвинуваат лекарите коишто препишуваат непотребни антибиотици, како и пациентите коишто ги земаат на своја рака. Здравствените организации предупредуваат дека светот без координирана акција „ќе тргне кон постантибиотски период во кој обичните инфекции и помалите повреди коишто со децении се лекувале, повторно ќе станат смртоносни“./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Здравје
Лошиот сон може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања
Знаеме дека добриот сон е неопходен за добро здравје, особено за здравјето на срцето. Истражувањата покажаа дека лошиот сон може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања. Но, дали знаевте дека положбата во која спиеме исто така игра улога за здравјето на срцето?
„Спиењето на левата страна може да предизвика суптилни промени во положбата на срцето. На некои луѓе им е дури и непријатно да спијат на левата страна, особено ако имаат срцева слабост или неодамна им бил вграден пејсмејкер“, вели кардиологот Леонард Ганц за Prevention.
Позицијата на спиење може да влијае и на одредени симптоми.
„Палпитацијата и абнормалните отчукувања на срцето може да бидат позабележителни кај некои луѓе штпо лежат или спијат на левата страна. Сепак, не е јасно дали лежењето на левата страна ги зголемува шансите за развој на аритмија и дали тоа влијае на прогресијата на болеста“, додаде д-р Ганц, цитиран од хрватски „Индекс“.
Затоа кардиологот ги советува оние што чувствуваат некакви промени во работата на срцето при лежење на левата страна да изберат поинаква положба.
Оние што страдаат од рефлукс на киселина или гастроезофагеален рефлукс, од друга страна, може да имаат корист од спиењето на левата страна, според лекарите.
Во овој момент нема доволно истражувања за да се докаже која положба на спиење е најдобра за здравјето на вашето срце ако веќе немате срцеви заболувања. Најважно е добро да се одморите.
Она што е познато е дека лежењето на грб може да го влоши пулмоналниот едем кај луѓето со конгестивна срцева слабост. Некои луѓе со срцева слабост велат дека им е потешко да дишат кога лежат или спијат на левата страна.
Здравје
Просечното шише вода содржи 240.000 парчиња нанопластика, која предизвикува рак – 100 пати повеќе отколку што претходно се мислеше
Пластичните шишиња со вода содржат стотици илјади токсични микроскопски пластични честички, открија нови истражувања.
Британски „Дејли мејл“ објави дека наодите, најверојатно, ќе го шокираат секој што преминал од чешма на пакувана вода верувајќи дека е подобро за здравјето.
Пиењето вода од шише може да значи дека го загадувате вашето тело со мали парчиња пластика за кои научниците стравуваат дека може да се акумулираат во вашите витални органи и да предизвикаат непознати здравствени импликации.
Нанопластиката веќе е поврзани со рак, проблеми со плодноста и со вродени дефекти.
Научниците што користат најнапредни техники за ласерско скенирање просечно пронајдоа 240.000 пластични честички во шише вода од еден литар во споредба со 5,5 на еден литар вода од чешма.
Истражувачите на Универзитетот во Колумбија тестираа три популарни бренда на шише вода продадени во САД – и користејќи ласери, ги анализираа пластични честички што ги содржеа на само 100 нанометри во големина.
Честичките – нанопластика – се многу помали од микропластиците претходно откриени во пакувана вода.
Сепак, честичките се сметаат за потенцијално токсични бидејќи се толку мали што може да влезат директно во крвните клетки и мозокот.
Овие микроскопски честички носат фталати – хемикалии што ја прават пластиката поиздржлива, флексибилна и подолготрајна.
Здравје
Нутриционист: Три докажани начини да го забавите процесот на стареење, првите ефекти за две недели
Британската нутриционистка Габриела Пикок изјави дека со правилна исхрана им помогнала на многу луѓе од високото општество да ги забават знаците на стареење за само две недели.
„Науката е јасна дека сите ние имаме моќ да направиме едноставни промени што го менуваат животот на подобро, без оглед на генетската предиспозиција“, вели Пикок, која работела со членови на британското кралско семејство, како што се принцезата Јуџин и принцот Хари.
Авторката, чија книга „2 недели за помлад ти: тајни за подолго живеење и фантастично чувство“, беше објавена на почетокот на оваа година, рече дека е сосема природно што многу луѓе прибегнуваат кон нездрави навики во исхраната.
„Но, сите ние имаме потенцијал да го промениме ова“, изјави таа за „Сан“.
Без оглед на нашата возраст и здравје, Пикок тврди дека никогаш не е доцна да ја промените брзината на стареење и да ги прифатите енергијата и силата на вашето помладо јас.
Според нејзиното мислење, доволно е да се применат овие три работи и доволно е да се забави процесот на стареење, а првите ефекти ќе се видат по две недели.
Избегнувајте шеќер
Иако можеби е тешко да се замисли ако сте љубител на шеќер, таа советува дека намалувањето на шеќерот не само што е добро за целокупното здравје туку може и да го забави стареењето.
Како што дополнително објаснува, шеќерот води до хронично воспаление во телото, кое е еден од најлошите непријатели во процесот на стареењето.
Јадењето шеќер може да доведе до зголемување на телесната тежина, но, како што истакнува Пикок, вашата енергија и нивото на хормоните ќе влијаат на тоа како изгледате и се чувствувате.
Внесувајте разни хранливи материи
„Се разбира, урамнотежената исхрана помага во целокупното здравје, но некои хранливи материи имаат супермоќ против стареењето“, рече таа.
Заедно со антиоксидансите, омега-3 масните киселини, всушност, може да ги намалат брчките со хидратација на кожата и промовирање на еластичноста. Јадењето мрсна риба како лосос е одличен трик.
За уште поголема еластичност на кожата, Пикок вели дека колагенот, кој може да се најде во немасните протеини и супата од коски, е исто така неопходен.
Топло-ладно туширање
Екстремните температури може да бидат исклучително добра техника против стареењето.
Пикок вели дека има многу такви начини, вклучувајќи пешачење или вежбање на отворено во зима или ладната вода на крајот од туширањето.
„За да си ги олесните работите, зошто да не пробате неколку секунди ладна вода на крајот од туширањето?“, препорача таа.
„Се обидувам да се истуширам со ладна вода една-две минути пред да се префрлам на топла“, изјави таа за „Њујорк пост’.