Крвав четврток
Кабинетот на Иванов реагира на сведочењето на Младеновски за 27 април
Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов реагираше во врска со исказот на обвинетиот Михаил Младеновски за случувањата од 27 април дека советникот на претседателот Синиша Алексоски им кажал дека Иванов ќе прогласи воена состојба.
,,Давање лажен исказ е кривично дело. И по не знаеме кој пат, Кабинетот на претседателот на Република Македонија ги отфрла искажаните лаги, измислени настани и непостоечка комуникација за вмешување на советникот Синиша Алексоски во случајот од 27 април”, се наведува во реакцијата од Кабинетот на претседателот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Крвав четврток
Пресудата за 27 април е на 1056 страници, адвокатите се жалат на рокот
Пресудата за 27 април кога се случи насилниот упад во Собранието е напишана на 1056 страници и веќе им се дели на дел од обвинетите, тврдат дел од адвокатите, кои коментираат дека максималниот рок за нејзиното изготвување е 60 дена, а дека таа е готова по повеќе од 90 дена, најверојатно поради обемноста.
Рокот за жалба е 15 дена, што според некои од адвокатите е прекраток период за да се прочита, да се анализира и да се состави квалитетна жалба.
Вкупно 211 години затворска казна добија 16 обвинети за крвавиот четврток.Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков е осуден на 18 години затвор. Началникот Митко Пешов, началникот Душко Лазаров и Горан Ѓошевски Леви, полициски службеник и дел од обезбедувањето на експретседателот на Собранието Трајко Вељаноски се осудени на 15 години затворска казна. Игор Дурловски е ослободен од обвинението.
Оливер Поповски, полициски службеник, е осуден на 13 години затворска казна, Оливер Радулов на 10 години, Мунир Пепиќ, вработен во Агенција за разузнавање е осуден на 15 години затвор.
Абдуљфета Алими, член на обезбедувањето на Собранието е осуден на 7 години, Младен Додевски на 12 години, Јане Ченто на 15 години затворска казна, Горанче Анѓеловски на казна затвор од 12 години, Игор Југ на 12 години. Влатко Трајковски е осуден на казна затвор од 15 години, Вилјам Михајловски е осуден на затворска казна од 14 години, Никола Митревски Кољо е осуден на 15 години и Александар Василевски-Нинџа е осуден на затворска казна од 8 години.
По донесувањето на Законот за амнестијата на Собранието, 15 лица во овој случај беа помилувани и за нив беше прекината постапката. Меѓу нив беа и пратениците што ги отворија собраниските врати за да влезе толпата во законодавниот дом – Сашо Василевски и Крсто Мукоски, како и тројца од водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски – Бетмен, режисерот Борис Дамовски и актерот Владо Јовановски.
Крвав четврток
Поднесено обвинение против Јанакиески, Вељаноски, Ристовски и Атанасовски за организирање на упадот во Собранието
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинение против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, експретседателот на Собрание Трајко Вељаноски, ексминистерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски осомничени дека се организатори на упадот во Собранието на 27 април 2017 година.
На четворицата им се става на товар дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
За експремиерот Никола Груевски, кој е во бегство во Будимпешта, и поранешениот вработен во УБК, Никола Бошкоски, кој е во бегство во Грција, постапката е запрена до нивно пронаоѓање.
„Наодите од истражната постапка укажуваат дека обвинетите на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада на Република Македонија, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата, подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство. За таа цел, обвинетите ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето За заедничка Македонија што кулминираа со насилното влегување во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година. Обвинетите, како организатори, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието“, соопштија од Обвинителството.
Критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучувајќи патриотски здруженија и ангажирајќи лица за извршување насилство.
Во соопштението се наведува дека во седиште на политичка партија двајца од обвинетите континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието, знаејќи однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети.
Во исто време, еден од осомничените, за кого постапката е прекината поради недостапност, со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, во непосредна близина на Градската болница, спроти паркот Жена борец донел огнено оружје и панцирни елеци наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Во текот на немирите еден од обвинетите, со цел да се прикријат трагите од извршеното кривично дело и да не се откријат регистрираните дејствија од насилниот упад и насилството извршено внатре во Собранието, дал наредба на две веќе обвинети лица од мониторинг собата во Собранието на Република Македонија да ги извадат хард-дисковите од собраниските камери. Со сите овие усогласени и поврзани дејствија и активности обвинетите предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, а притоа дел од пратениците и новинарите се здобиле со телесни повреди.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка достави предлог за продолжување на мерката куќен притвор за еден од обвинетите, додека за двајца обвинети предложи определената мерка притвор да биде заменета со мерка куќен притвор.
Крвав четврток
(Видео) Заев за „крвавиот четврток“: На денешен ден си ја спасивме земјата од алчноста за власт
Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев денеска даде изјава по повод насилниот упад во Собранието, којшто се случи на денешен ден пред две години.
„Денешниот датум, 27 април е аларм кон што водат политиките на поделби и политиките на водење сметка само за лични интереси. На овој ден си ја спасивме земјата од злите намери на алчноста за власт. На овој ден, во домот на граѓаните ја одбранивме демократијата и застанавме на патот на автократијата“, рече Заев.
Тој истакна дека 27 април потсетува и на обврската, да не се дозволи никогаш да се повтори газењето врз човековите права и слободи.
„27 април потсетува на нашата одгворност крвта пролеана за да се запре злото, да ја замениме со граѓански глас кој повикува да одиме напред. Ова се времиња кога заедништвото и прогресот се единствената опција која и носи добро на нашата земја. Тоа треба да го потврдиме, со изразена силна граѓанска волја и свест дека нашиот единствен пат е напред“, рече Заев.
Првиот човек на Владата додаде дека народот секогаш носел исправни одлуки, а гласот на граѓаните е слушнат и е разбран.
„Сега е потребно секој да ја извади решителноста од себе и да постапи совесно, за доброто на своите деца и за добрата иднина на родната земја“, додаде Заев.