Македонија
Одржана конференција „Инспирирај за компјутерска иднина“
Конференција на тема „Инспирирај за компјутерска иднина“, кој се спроведува во рамки на проектот „Девојки во технологија: Намалување на родовиот јаз во техничките професии“, се одржа во среда во салата на Советот на Град Скопје.
„Нашата цел е Скопје да стане родово еднаков град и оваа цел се трудиме да ја реализираме, пред се преку исполнување на оврските превземени со усвојувањето на Стратегиите за родова еднаквост на градот. Но, со задоволство поддржуваме и проекти како овој во кои учествуваат и младите и имаат за цел да ја зголемат свеста за одредени општествени појави кај сите нас. Информираноста и едукацијата за родовите прашања е особено важна за средношколската популација, од која очекуваме многу појасно и похрабро да ги согледа работите и да биде иницијатор на идните промени“, рече на отворањето скопскиот градоначалник Коце Трајановски.
Во рамки на настанот беше презентирана анализата „Средношколците и природните науки: Анализа на ставовите и перцепциите од родов аспект“ од страна на Ана Мицковска-Ралева од Центарот за истражување и креирање политики.
„Она што го знаеме веќе подолго време е дека во професиите постои родова сеграгација, што значи дека постојат „типични машки професии“, најчесто од областа на технологијата и слично, и „типично женски професии“, коишто повеќе се поврзуваат со областите на грижа, образование и слично. Оваа поделба е на некој начин вештачка, но истата предизвикува нееднаквост на пазарот на труд бидејќи професиите коишто се поврзани со техниката и технологијата се подобро платени, додека професиите кои повеќе ги извршуваат жени се помалку платени. Со самото ова мажите и жените имаат нееднакви приходи и нееднакво се вреднува нивниот труд. Сите овие појави се појавуваат поради постоењето на стереотипи за постоење на „машки и женски професии“ кои упорно се провлекуваат и покрај сите напори и активности за нивно разбивање“, кажа Мицковска-Ралева.
Конференција „Инспирирај за компјутерска иднина“ се спроведува во рамки на проектот „Девојки во технологија: Намалување на родовиот јаз во техничките професии“, и истиот го реализира Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), со поддршка на Град Скопје.
На конференцијата се обратија Марија Календар, професорка на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Емилија Талевска, софтверски инжeнер во RewardGateway, како и Ана Софи Клоп, ученичка во завршна година во NOVA International Schools
Дискусијата беше модерирана од страна на Моника Ризовска, Менаџер за бизнис развој на Girls in Tech-Macedonia. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонија и Словачка имаат потенцијал за поголема соработка во енергетиката
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари работна средба со амбасадорката на Република Словачка, Ивета Хрицова, во насока на унапредување на политичките односи и отворање нови можности за соработка меѓу двете држави.
Разговорите беа со фокус на можностите што постојат во енергетскиот сектор, трансформацијата на енергетските системи и користењето на словачките искуства во зелените технологии и регионалното енергетско планирање. Соговорничките разменија ставови за тековните процеси, регионалната динамика и патеките за понатамошно институционално приближување.
„Нашиот фокус е стабилен енергетски систем, модерен пристап кон реформите и партнерства што ја носат земјата напред. Словачка е важен пријател и соговорник во тие процеси, а двете земји имаат сериозен простор за повисоко ниво на соработка,“ истакна министерката Божиновска.
Амбасадорката Хрицова ја поздрави динамиката на реформите и ја нагласи подготвеноста за продолжување на комуникацијата и продлабочување на соработката во различни области поврзани со енергетската транзиција, модернизацијата и дигиталниот развој.
Во рамки на разговорот беше спомнато дека на почетокот на идната година е предвидена посета на мешовита владина делегација, на која разговорите меѓу Северна Македонија и Словачка ќе продолжат на владинo и институционално ниво, вклучително и темите од енергетиката и инвестициите. Министерката Божиновска ќе биде дел од мешовита владина делегација, што ќе ја пречека висока државна делегација од Словачка. Средбата ќе биде посветена и на разговори за енергетска соработка.
Министерството ја оценува денешната средба како уште еден чекор во градењето стабилно и современо партнерство меѓу двете држави – партнерство што се темели на европските вредности, заемната доверба и заедничките интереси на граѓаните.
Економија
Божиновска на Форум за слобода: Енергетиката не трпи импровизации и брзи, опасни потези од денес за утре – туку ред и стратегија за систем што трае, или не си фактор“
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на дводневниот „Форум за слобода“, меѓународн политички настан во организација на Унијата на млади сили во Северна Македонија и глобалната мрежа на центар-десни и конзервативни политички подмладоци. Настанот, обедини учесници, млади лидери од повеќе од 45 земји, со фокус на политичките, економските и стратешките предизвици пред младите генерации во Европа и пошироко.
Панелот посветен на енергетиката, на кој учествуваше министерката Божиновска, привлече значително внимание поради нејзиниот директен и аргументиран пристап кон енергетската политика – тема која денес е клучна за секоја модерна држава
Во своето обраќање, министерката Божиновска потенцираше дека од формирањето на Министерството во 2024 година, енергетскиот сектор минува низ најдинамичниот реформски период досега.
„Се соочивме со обврска сè да се одвива забрзано – да создадеме институција од нула, да ја стабилизираме состојбата и да воспоставиме јасна мисија. Денес можам да кажам: за првпат по долго време Северна Македонија има јасна енергетска насока, конкретни проекти и регионални партнери кои нè гледаат како сериозен играч,“ истакна министерката.
Божиновска нагласи дека енергетиката е сектор каде нема простор за импровизации.
„Или имаш податоци, стратегија, инфраструктура и партнерства — или немаш ништо. Затоа првата работа што ја направивме беше да ставиме ред: да видиме каде сме, што имаме, што ни недостига и што реално може да се реализира со темпо што го бараат модерните енергетски пазари,“ рече министерката.
Таа ги презентираше клучните резултати:започната реализација на гасниот интерконектор со Грција, синхронизирана работа со Србија на иден интерконектор, финализирано електроенергетско поврзување со Албанија, нов темелен Закон за енергетика, нови закони за Обновливи извори, за геологија и рударство, енергетска ефикасност, забрзани постапки за приклучување на ветерни и соларни капацитети, тригодишен план за енергетско ефикасно реновирање на јавни згради, подготовка на мастер-план за мрежата и инвестиции.
Во панел-дискусијата таа зборуваше и за регионалната интеграција како предуслов за стабилност.
„Не може држава да се затвори сама и да очекува дека ќе ги реши сите свои енергетски предизвици. Во енергетиката, самостојност без поврзаност веќе не значи сигурност – денес се гледа јасно дека само земјите кои се дел од глобалниот енергетски мрежен систем можат да бидат стабилни.“
Таа подвлече дека Северна Македонија прави пресврт во своето позиционирање:
„Интерконекторот со Грција го менува начинот на кој земјата пристапува до европските пазари и до нови извори на гас. Во паралела, со Србија и Албанија создадовме нова рамка на функционална регионална соработка. Во енергетиката, сами не можете да опстоите. Во минатото седевме сами. Не учествувавме активно на ниту еден значаен форум каде се кроеше енергетската политика – бевме аутсајдери, исклучени од главните европски и глобални процеси. Денес, тоа повеќе не е случај. “
Таа потсети и на октомврискиот Меѓународен енергетски форум, кој го организираше Министерството:
„Северна Македонија не само што денес седи на маса рамноправно со другите држави, туку ја презема и улогата на домаќин. На 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), во Скопје ги донесовме оние што ја обликуваат иднината на енергетиката – над 800 учесници од повеќе од 70 земји. Тоа е јасна порака дека Северна Македонија се враќа како фактор на регионалната и европската енергетска мапа.“
Без драматични чекори – туку пресметана транзиција
На прашањето за затворањето на јагленските капацитети, Божиновска беше директна:
„Не постои затворање без план, ниту сигурност без алтернативи. Поддржувам паметни, пресметани чекори со минимален ризик и максимална стабилност. Ние сме целосно посветени на зелената транзиција – но не по пат на брзи импровизации, не на грбот на граѓаните и не без стабилен извор за базна енергија. Да бидеме реални: денес веќе произведуваме над 40% електрична енергија од обновливи извори, но тоа важи кога има сонце, ветер или вода. А енергија ни треба и навечер, и во денови без ветер, и кога хидролошките услови се слаби. Затоа правиме транзиција со ред, со план и со алтернативи.
Интерконекторите се нашето осигурување, паралелно инвестираме во обновливи извори и енергетската ефикасност, која за нас е реален производствен капацитет – секој киловат што ќе го заштедиме е киловат што не мораме да го произведеме. Овој сектор не смее да прави драматични, брзи и опасни скокови. Правиме стабилни, и пресметани чекори – затоа што енергетиката е место каде или имаш контрола, план и ред или не си фактор.“
На крајот, министерката подвлече:
„ Мора да бидеме искрени: ништо во енергетиката не се случува од денес за утре. Години секторот беше запоставен, без јасен план, без инвестиции и без реални чекори напред. Она што го работиме денес е поставување темел – за во следните 5 до 10 години Северна Македонија да биде безбедна, стабилна и енергетски независна. Денес конечно имаме контрола, визија и јасен правец – и ние ја држиме таа насока.“
Економија
Ѓорѓиевски со порака за посилна регионална соработка на форумот на Стопанската комора на Војводина
Во рамките на осмиот форум кој е организиран од Стопанската Комора на Војводина во Нови Сад се одржа панел дискусија со фокус на регионалната соработка,зелената транзиција и идните чекори на регионот на која покрај домаќинот господин Владимир Гак преседател на стопанската комора на Војводина учествуваа Горан Ѓорѓиевски преседател на Сојуз на стопански комори на Македонија, преседателот на Стопанската комора на Република Српска Горан Ракиќ и Горан Јаниќ преседател на советодавниот одбор на Зелен Навигатор.
Пред голем број на присутни учесниците на панелот испратија јасни пораки за зголемување на соработката на ниво на Комори како и идни чекори кои е потребно да се преземат со цел да се овозможи подобро позиционирање на бизнис секторот во регионот и на европскиот пазар. Коморите преставуваат катализатор помеѓу владите и бизнис секоторот секогаш фокусирани да работат на градење мостови на соработка со цел подобрување на условите за бизнис,а тоа е возможно со поголем број на Б2Б средби,размена на искуство и воведување на нови практики во зелената транзиција која се бара од страна во Европската Унија,а нашите држави се обврзаа на тоа.
,,Затоа регионот е потребно се повеќе да го гледаме и третираме како еден пазар со фокус на зголемена ,но фер транзиција на која ќе се работи во континуитет на дигитализацијата и нови технологии без кои не можеме да замислиме дека ќе има развој” истакна Ѓорѓиевски во своето излагање.
На маргините од осмиот форум делегацијата на Соузот на Стопански комоти на Македонија реализираше состаноци со Истамбулската стопанска комора со кои се оцртаа новите форми на идна соработка со примарен фокус на инвестициите.
Со почит,

