Регион
Словенечки лекари по грешка зрачеле погрешна жена и и предвидувале скора смрт

Постара жителка на Марибор била изложена на голема доза на зрачење, а на семејството подоцна му било соопштено дека и нема спас и дека треба да се подготват за најлошото, но подоцна се испоставило дека станува збор за лекарска грешка.
Жената заради административна грешка е заменета со пациентка со исто име и презиме, како и на иста возраст, во терминална фаза на неизлечив вид на рак, која во меѓувреме починала.
Со случајот сега се занимава правобранителството, повеќе здравствени установи и нејзината матична лекарка, но и полицијата, пишува во среда мариборскиот дневен лист „Вечер“.
Синот и ќерката на неподвижната 84 годишна жена раскажале како биле шокирани од повикот нивната мајка да се јави на зрачење во Љубљана бидејќи не знаеле дека е болна, а ниту таа нешто им кажала, но мислеле дека та им ја прикривала здравствената состојба па отишле кај нејзината матична лекарка заради консултации.
Лекарката најпрво рекла дека ниту таа не знае ништо за тоа, но потоа ги замолила да излезат од ординацијата. Повикала некого по телефон, а потоа им издала упат за зрачење на Онколошкиот институт во Љубљана.
Кога и по неколкунеделно зрачење со силна доза не добиле никакви резултати, побарале информации во болницата во Марибор, каде што нивната мајка била претходно оперирана од жолчка.
На крајот им признале дека станува збор за забуна, односно замена на идентитетот, па заради тоа зрачеле погрешна личност.
Се претпоставува дека до грешката дошло од недоволно внимание во комуникацијата меѓу болницата во Марибор и онкологот во Љубљана, а матичната лекарка на пациентката одбива одговорност.
Жената по интензивното зрачење имала големи проблеми и мачнини, а на грбот и по три месеца од зрачењето и се гледаат големи модрици. /крај/он/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Локални избори во Заечар и Косјериќ

Денеска во Заечар и Косјериќ се одржуваат редовни локални избори, на кои се избираат советници во општинските совети на овие две локални самоуправи. Гласачките места се отворија утрово во 7:00 часот, а се затворија во 20:00 часот.
Осум изборни листи учествуваат на изборите во Заечар и три во Косјериќ. Изборниот молк ќе трае до затворањето на гласачките места.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека нарушувањето на изборите е кривично дело и дека полицијата ќе реагира.
– Полицијата мора да си ја врши својата работа. Во кривичниот законик постои кривично дело попречување на избори. Доколку некој крши гласачки кутии или им попречува на луѓето да гласаат, тоа нема да биде дозволено – рече Дачиќ.
Општина Косјериќ има околу 10.000 жители, а право на глас имаат 8.897 гласачи.
Според податоците на Градската изборна комисија, вкупниот број на гласачи на територијата на Заечар е 47.357.
Прелиминарните резултати се очекуваат вечерва.
Регион
(Фото) Поскапо отколку на Ибица: лежалка на Јадранското море чини 1.300 евра на ден

Цените во хрватските туристички центри се зголемуваат од година во година, а се чини дека оваа сезона трката за профит започна порано од кога било. Од кафе кое чини пет евра, лежалки кои се изнајмуваат поскапо од ноќевање во соба, до порции риба кои достигнуваат цени како и во луксузните ресторани во европските метрополи – сето ова веќе ги загрижува и домашните и странските гости на Јадранското Море, пишува Блиц.
Едно е сигурно – сезоната сè уште не е ни започната, а за цените се зборува како да сме веќе во средината на август. Ова го потврдува и последната објава на Reddit, каде што еден корисник објави фотографија од ценовник од кафуле на плажа во Сплит.
„Можеби ценовникот е поставен на 100 метри од барот на плажата, но барот е во сенка (Жњан, Сплит)“, напиша тој во објавата со фотографијата и додаде: „Добредојдовте на Ибица“, алудирајќи на високите цени.
Цената за изнајмување лежалки се движи од 35 до 1.300 евра!
Možda je cjenik stavljen 100m dalje od beach bara, ali je bar u ladovini (Žnjan, Split)
byu/MantisTobogan_dr incroatia
Во коментарите, корисник ги спореди цените во популарно одморалиште во Шпанија, Ибица и Сплит. Според податоците од веб-страницата Numbeo, Сплит е поскап, барем кога станува збор за туристичките објекти. Авторот на објавата одговори на тоа:
„О, ужас! Сè уште му се потсмевам, а дури е поскап од Ибица“.
Многумина се прашуваат каков туристички бран нè очекува кога, веќе во предсезоната, цените на сместувањето, кафето или порциите лигњи достигнаа нивоа што до вчера беа резервирани за најскапите европски дестинации.
Регион
Силен земјотрес ја погоди Света Гора, почувствуван на Халкидики и во Солун

Земјотрес со магнитуда од 5,3 степени е регистриран попладнево во морската област на Света Гора.
Според Геодинамичкиот институт и Сеизмолошката станица на Универзитетот „Аристотел“ во Солун, епицентарот на потресот бил на 7 километри западно од Кареја, на длабочина од 12,5 километри.
Како што јавуваат грчките медиуми, силниот земјотрес го потресе целиот регион Халкидики, како и градот Солун. Бил почувствуван и на крајбрежните области на Кавала и Тасос.