Црна хроника
Полицаец зел 500 евра од турски државјанин лажејќи го дека ќе му го најде украденото возило
Полицаец од полициската станица Бит Пазар зел 500 евра од турски државјанин, ветувајќи му дека ќе му го најде возилото што претходно му било украдено во центарот на Скопје.
Единица за имотни деликти до надлежното ОЈО Скопје гo предаде М.И.(44) од Скопје, поради основи на сомнение дека во својство на униформиран полициски службеник, вработен во Полициска станица од општа надлежност Бит Пазар, заедно со Н.А.(25) од Скопје, извршиле кривично дело „измама“, а првопријавениот сторил и кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ со цел противправно да се стекне со имотна корист од 500 евра.
Имено, М.И. стапил во контакт со Н.А. и заедно го довеле во заблуда Т.Б.(25) од Турција, на кого со лажно прикажување на факти првопријавениот му зел 500 евра, со што се стекнал со противправна имотна корист од околу 30.750 денари.
На кривично правниот настан претходеле вибер-контакти помеѓу Н.А. и оштетениот турски граѓанин на кого на 26-ти минатиот месец, од централното градско подрачјето му е одземено моторно возило, за што истиот во ПС ОН „Центар“ поднел записник за примање на пријава, а Н.А. му ветувал дека преку негови луѓе ќе му помогне да го најде украденото возило.
Како потврда дека познава полициски службеници кои можат да му помогнат, второпријавениот на 08-ми овој месец во еден угостителски објект во централното градско подрачје му договорил средба на оштетениот со Главен инспектор од Одделението за имотни деликти во СВР Скопје. Меѓутоа, на средбата оштетениот бил поучен од полицискиот службеник дека не треба да му верува на Н.А., затоа што има многу голема веројатност, токму тој да му го украл возилото.
Наредниот ден, Н.А. повторно преку вибер го побарал оштететниот и му кажал дека го пронашол возилото, но за да му ја посочи адресата каде се наоѓа треба да се сретне со едно лице на кој треба да му даде 500 евра, а како доказ дека лицето знае точно каде се наоѓа возилото, ќе му покаже фотографија од возилото паркирано во гаража. Отако оштетениот се согласил да ги исплати бараните парични средства, се договориле повторно да се слушат на 10.11. за да го утврдат точното место каде што ќе се оствари средбата.
По ова, оштетениот го пријавил кривичното дело во ПС ОН „Центар“, каде со потврда за привремено одземени предмети му се одземени пет банкноти во апоени од 100 евра, кои се криминалистичко-технички обработени и фотодокументирани по што врз основа на наредба на ОЈО Скопје и наредба на Основен суд Скопје I-Скопје, превземени се мерки и дејствија за обезбедување на материјални докази.
За таа цел, на истиот ден на паркингот на Поликлиниката „Бит Пазар“, а по претходен телефонски договор со Н.А., остварена е средба помеѓу првопријавениот и оштетениот. На средбата, како што претходно било договорено, оштетениот побарал од М.И. да му покаже слика, на што истиот одговорил дека нема, но на еден лист му напишал име, презиме и адреса на лице од село Грчец, кај кого наводно се наоѓа украденото возило, по што оштетениот му ги дал технички обработените и фотодокументирани парични средства.
Откако М.И. ги примил, во моментот кога полициските службеници му пришле да го лишат од слобода, тој ги фрлил парите на земја и почнал да дава пасивен отпор, заради што при неговото лишување од слобода, полициските службеници морале да употребат средства за присилба.
По приведувањето во полициска станица М.И. дал изјава во присуство на неговиот адвокат, а од страна на полициски службеници, по превземени мерки и активности е утврдено дека не постои лицето од Грчец, кај кого наводно е украденото моторно возило на турскиот граѓанин.
Инаку, против Н.А. досега се поднесени 41 кривична пријава за „измама“, шест кривични пријави за „затајување“ и по една кривична пријава за „давање лажен исказ“, „пустошење шуми“ и „тешка телесна повреда при вршење семејно насилство“ и истиот е во бегство.
Додека, пак, против М.И. во периодот 2006/2009 година поднесени се две кривични пријави за “измама“ и за “загрозување на сигурноста со закана за напад врз животот или телото на друг“. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Нападнати деца на училиште, во автобус, градинка – во Скопје пријавени повеќе случаи на насилство со малолетници за еден ден
Во текот на вчерашниот ден во полицијата биле пријавени неколку случаи на физички напади, најголем дел врз малолетни лица, кои се случиле на различни локации во главниот град. Надлежните служби преземаат мерки за расчистување на сите случаи.
Напад во автобус на ЈСП
Татко пријавил дека вчера неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку малолетници од селото Батинци, додека се возел во автобус на Јавното сообраќајно претпријатие на подрачјето на Драчево.
Младо момче нападнато од малолетници
Дваесет и шест годишниот С.Т. Зелениково пријавил дека околу 23:10 часот, во паркот во село Пакошево бил физички нападнат од двајца малолетници, кои употребиле тврд предмет. Тој се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Инцидент во средно училиште во Центар
Во 21:15 часот, Ж.П. (47) од Скопје пријавил дека околу 12:00 часот, во двор на средно училиште на подрачјето на Центар, неговиот 16-годишен син бил нападнат од друг ученик.
Напад во градинка во Чаир
Во 13:00 часот, Н.Ќ. (49) од с. Страхојадица, општина Зелениково, пријавил дека околу 12:30 часот, во двор од градинка на подрачјето на Чаир, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку други малолетници.
Напад во Кисела Вода
Во 22:30 часот, Н.Ц. (46) од Скопје пријавила дека околу 20:30 часот, нејзиниот 15-годишен син бил физички нападнат од женско лице на подрачјето на Кисела Вода.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека за сите случаи се преземаат мерки за расчистување.
Црна хроника
Возило удри во 7-годишно девојче во Куманово, со повреди донесено на Клиника
Во текот на вчерашниот ден на булеварот Октомвриска Револуција во Куманово, автомобил „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки удрил во седумгодишно девојче од Куманово.
Како што соопшти МВР, возилото го управувала 23-годишната С.В. од Куманово.
Во несреќата девојчето се здобило со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Увид на местото на несреќата извршила полициска екипа.
Црна хроника
(Фото) Експлозија во куќа во охридско, тешко повредено едно лице
Едно лице е повредено во експлозија што се случила денеска во охридското село Велгошти, информира територијалната противпожарна единица Охрид.
„Во текот на денешниот ден ТППЕ Охрид , интервенираше на санирање на последиците од разорна експлозија во куќа во Охрид,с.Велгошти. Експлозијата е предизвикана од зголемена концентрација на гасови ( плин ) и останати фактори, кои допринеле за високо ниво на експлозивност. Благодарение на брзата реакција на пожарникарите спречено е и опожарување на објектот. Повредена е и 1 жена која е преземена од екипите на брза помош“, соопшти противпожарната служба.
Од полицијата соопштија дека пожарот се случил околу 11 часот и дека тешко е повредена 44-годишна жена.
„На 06.02.2026 година во 10.58 часот, во СВР Охрид е пријавено дека избувнал пожар во куќа во охридското село Велгошти при што, Е.Т.Ѓ.(44) од истото село се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид. Интервенирала Територијалната противпожарна единица од Охрид. Се преземаат мерки за утврдување на причините за пожарот“, соопшти СВР Охрид.

