Македонија
СКСЗМ ја презентираше платформата за економски развој на состанок со Движењето Беса
Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија денеска оствари средба со претставниците на Движењето Беса каде се дискутираше за економската платформа на Комората и на можностите за подобрување на бизнис климата во земјата.
Бизнисите се главни генератори на вработување и од Комората бараат активно вклучување на бизнис секторот во креирање на политики за намалување на невработеноста и вклучување на коморите во подготовката на програмите за обука на невработените или занаетчиите.
СКСЗМ исто така, предлага реструктурирање на јавните трошоци и буџетот на РМ да се насочи кон развојните политики, а не како што било случај, социјалниот буџет само за одржување на социјалната стабилност: зголемување на капитални инвестиции од просек 14% годишно на минимум 25%; до 3% од БДП да се инвестира во образование, истражување и развој и други.
Комората бара неселективна примена на законите, особено оние во полза на развојот на бизнисот и обезбедување на правичен даночен и социјален систем, со реформи за пропорционална распределба на средствата обезбедени од државните даноци.
Во делот на развојот на бизнисот, Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија, предлага намалување на основната каматна стапка од Народната Банка на РМ, кое што би придонело до директно зголемување на кредитирањето на комерцијалните банки кон бизнис заедницата и општеството.
Како мерка за поддршка на претприемништвото, Комората предлага поттикнување на малите и средните бизниси преку стимулирање на претприемништвото во руралните средини како и преку промоција на жените во бизнисот и – навремена исплата на државните долгови кон компаниите со што ќе се зголеми ликвидноста на приватниот сектор.
СКСЗМ во својата платформа предлага и унификација на даночните и царинските тарифи со соседните земји, како и признавање на сертификатите на лабораториите од Македонија во земјите каде што се извезува и обратно, особено обезбедување на функционирање на слободен пазар во сите сфери, особено укинување на субвенциите за жито со цел почитување на слободниот пазар и да се остави простор за конкуренцијата да ги регулира цените и производството.
Инфраструктурата преставува најбитен предуслов за водење бизнис како и за економскиот развој на земјава, како најважни приоритети СКСЗМ ги насочува инвестициите во патната и граничната инфраструктура со цел на олеснување на бизнисот во земјата како и во пограничните држави. Како клучни приоритети во оваа област СКСЗМ ги наведува: завршување на физибилити студијата на патот на „Руга е Арбит„ и конкретно започнување на реализација на проектот, односно изградба на патната оска “Мостот на Бошко”, Дебар – Гостивар, Скопје-Блаце, Желино-Јажинце, Тетово – Призрен, отворање на царинскиот терминал во Јажинце и други.
Платформата на СКСЗМ за економски развој на Македонија вклучува и реформи на: јавните и државните институции, јавни финансии, вработување, развојот на бизнисот, правната регулатива, мали и средни претпријатија, претприемништво, даноци, алтернативни фондови за финансирање на бизнис, технолошките индустриски развојни зони, инфраструктурата и енергетика, земјоделство, развој на туризмот и други.
Барањата на бизнисмените од СКСЗМ до политичките партии, како и до Движењето
БЕСА се: транспарентност и отчетност, намалување на нееднаквоста во регионалниот развој, напуштање на митот за евтина работна сила, нови мерки за зголемување на вработеноста, подготвување на економска платформа за одржлив економски развој и сериозен ангажман за зголемување на растот на БДП над 4 %. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

