Македонија
Одржан првиот Форум на добри компании

Претставници на компании, граѓански организации, носители и спроведувачи на политики, сите заедно седнаа на маса со цел да се договорат како да направат подобар социјален импакт во општеството, во рамки на првиот Форум на добри компании, на тема: „Трансформација на општеството преку бизнисите“ што денес се одржа во Скопје.
Форумот е во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“ и Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија, и негова цел е да понуди информации и да даде придонес во создавањето вредности кај засегнатите страни преку прикажување добри практики од светот и преку овозможување увид во сегашната состојба на општеството.
Гостин на Форумот беше Мартен Дресен, холандски претприемач, основачот на „Good Hospitality Group“, кој го сподели искуството на создавањето на „Добар хотел“, пловечка конструкција која привлекува илјадници туристи, особено оние кои ја разбираат својата улога во создавањето можности за луѓето од маргините.
„Во социјалниот бизнис како „Добар хотел“, акцентот е ставен на луѓето и креирањето вредности, а не само на профитот. Фокусирајте се на луѓето, обидете се да ги мотивирате, да ги задржите и тоа ќе даде резултати на крајот. Најдобар случај е кога се постигнува баланс, остварување добивка и вреднување на човечкиот фактор“, порача Дресен на првиот Форум на добри компании во Скопје.
Климентина Илијевски, извршната директорка на „Паблик“, нагласи дека во светот се случува рапидно зголемување на инвестирањето во социјален импакт, зашто очекувањата од бизнисот, за придонес кон општеството никогаш не биле поголеми.
„Купувачите се менуваат и тие очекуваат промена на вредностите на компаниите и усогласување на нивните мисии со брзорастечките нови потреби на општеството, на планетата, на човекот. Во суштина, културата на општествена одговорност е основната клетка со која започнува раѓањето на организмот моќен да направи позитивни промени во општеството“, вели Илијевски.
За амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп, Форумот е настан каде треба да се изродат нови идеи за решавање на социјалните нееднаквости и предизвици.
„Холандија е долгогодишен пријател на Македонија, и во изминатите 20 години сме поддржале и работиме со многу граѓански организации и компании. Длабоко веруваме во концептот дека 1 плус 1 може да биде 3, и оттаму мотивацијата да ги доведеме овие два сектора на едно место денес. Затоа што, предизвиците на национално и на глобално ниво не можат да бидат адресирани од само еден сектор, и затоа што веруваме дека синергијата може да биде двигател на позитивни промени и напредок на општеството“, сподели Пломп.
Меѓу говорниците беше и Ренате Лакнер Гас, прв човек на одделот на корпоративна општествена одговорност на ЕВН од Виена. Таа говореше за улогата на партнерството во остварување успешна корпоративна општествена одговорност.
„Кога делуваме одговорно, мораме да размислуваме на кој начин можеме да вложиме во општеството. Основниот бизнис секогаш треба да потенцира која е општествената улога на производот, но, и вредностите на компанијата“, порача таа.
По Лакнер Гас, на тема: „Луѓето се бизнисот, бизнисот се луѓето“, зборуваше Марина Анчевска, од Центарот за бизнис психологија, која нагласи дека сите ние дејствуваме системски, поврзано.
„Време е да ги отстраниме стереотипните однесувања и дејствувања дека немаме влијание и ништо не зависи од нас. Време е да размислуваме колективно. Општествениот систем е изграден од индивидуалци кои што веруваат дека нивниот придонес е значаен во градењето на еден свет, во кој што сите припаѓаме. Единствено што ни укажува на тоа дека дејствуваме колективно е нашето индивидуално чувството на припадност“, потенцираше Анчевска.
Форматот на настанот беше неформален и интерактивен, го дизајнираше Холистик комуникации. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Народната банка го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за 2026 година

Народната банка го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2026 година. Наградата се доделува заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри.
Кој може да учествува?
Право за учество на Конкурсот имаат државјаните на Република Северна Македонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество на Конкурсот.
Што треба да содржи трудот со којшто се конкурира?
Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување, коешто ги содржи следниве основни делови:
апстракт;
осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува;
опис на методите на истражување коишто се користат во трудот;
анализа;
заклучни согледувања и
библиографија.
Дали може да се конкурира и со труд којшто веќе бил објавен?
Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд коишто веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2024 година. При поднесувањето труд којшто веќе бил објавен, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.
Како и каде се поднесуваат трудовите?
Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: [email protected]. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.
Еден автор има право да поднесе само еден труд. Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или на англиски јазик.
Според кои критериуми ќе се вреднуваат трудовите?
Релевантност на истражуваното подрачје за македонскиот случај;
Соодветност на освртот на литературата од анализираното подрачје;
Јасност во дефинирањето на проблемот и на целите на истражувањето;
Соодветност на описот на контекстот и информациите (соодветност на анализата на трендовите во анализираното подрачје во Република Северна Македонија);
Соодветност на користениот статистичко-економетриски пристап;
Конзистентност и логичност на тезите во трудот;
Заклучоци и препораки и нивната соодветност.
Кој е крајниот рок за доставување на трудовите?
Краен рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2026 година.
Од што се состои Годишната награда?
Наградата е во парична форма, којашто за првонаградениот труд изнесува 130.000 денари, додека втората награда изнесува 65.000 денари.
Каде е објавен конкурсот?
Конкурсот е објавен на следнава врска.
Економија
Славески – Паолучи: Народната банка е важен фактор за стабилноста

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари прва работна средба со директорот на Светската банка во Северна Македонија, Масимилијано Паолучи.
На средбата беше нагласено дека Народната банка е кредибилна институција и столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјата. Двајцата соговорници ја истакнаа важноста на досегашната успешна соработка меѓу двете институции и изразија подготвеност за продлабочување на партнерството, особено во контекст на структурните реформи, дигитализацијата и унапредувањето на сеопфатноста и отпорноста на економијата.
Гувернерот Славески посочи дека Народната банка и во иднина ќе биде отворена за соработка во областа на техничката помош и анализа, особено преку проекти коишто ќе придонесат за натамошно зајакнување на институционалниот капацитет, како и за поддршка на политиките за финансиска вклученост и одржлив развој.
Директорот Паолучи истакна дека Светската банка е свесна за значајната улога на Народната банка во одржувањето на стабилноста и на довербата во економијата и изрази подготвеност за понатамошна поддршка на процесите важни за економскиот напредок на земјата.
_______________
Економија
Средба на министерката Божиновска со казахстанскиот министер за енергетика Аккенженов

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во Астана, оствари билатерална средба со министерот за енергетика на Република Казахстан, Ерлан Аккенженов.
На средбата се разговараше за искуствата на двете земји во спроведувањето на енергетската транзиција, улогата на критичните минерали во зелената економија, како и за потенцијалите за соработка во делот на обновливи извори на енергија, геолошки истражувања и инвестициски можности.
Министерката Божиновска истакна дека Македонија е посветена на изградба на одржлив и транспарентен модел за користење на домашните минерални ресурси и дека регионалната и меѓународната соработка е клучен предуслов за успешно управување со глобалните енергетски предизвици.
„Размената на искуства со земји како Казахстан, кои имаат силна традиција и експертиза во енергетскиот сектор, е значајна за нашата земја во процесот на градење одржлива енергетска иднина.“ изјави министерката Божиновска.
Министерот Аккенженов ја поздрави заложбата на Македонија за зелена транзиција и истакна дека Казахстан гледа можности за соработка со земјите од Западен Балкан, особено во делот на размена на технички знаења и пристап до нови технологии.
„Казахстан е подготвен да споделува искуства и да гради нови партнерства со земји кои имаат јасна визија за енергетскиот развој и рационално користење на ресурсите.“ нагласи министерот Аккенженов.
Состанокот помина во конструктивна и отворена атмосфера, при што двајцата министри се согласија дека постои реален потенцијал за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Казахстан во областа на енергетиката. Беа идентификувани конкретни можности за размена на знаења и техничка експертиза, особено во однос на развојот на хидроген како енергент на иднината – област во која Казахстан веќе има активни и напредни проекти.
Дополнително, беше посочено дека искуството на Казахстан во воспоставување и примена на батериски системи за складирање на енергија може да биде од голема корист за Македонија, во процесот на стабилизирање и модернизација на националниот енергетски систем.
На крајот од средбата, министерката Божиновска го покани министерот Аккенженов да ја посети Македонија и да учествува на Меѓународниот форум што ќе се одржи во октомври во Скопје, во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Форумот ќе претставува важна платформа за унапредување на регионалната и меѓународната соработка во секторот.
Попладнето, министерката Божиновска во рамки на Астана интернационален форум ќе се обрати како говорник на пленарна сесија со наслов „The Resource Race: Who Controls the Green Future“.