Култура
Почина Дарко Гашпаровиќ – еден од најголемите проучувачи на македонската култура и уметност

Проф. д-р Дарко Гашпаровиќ еден од најголемите и најпознатите хрватски проучувачи и истражувачи на македонската култура и уметност, почина во недела.
Гашпаровиќ беше професор на Универзитетот во Риека, а минатата година ја доби светската награда за хуманизам на Охридската академија на хуманизмот. Со оваа награда тој се вброи во редот на врвните светски претставници на хуманистичката мисла кои ја добија оваа висока и престижна награда, а меѓу кои се и Солжењицин, Рави Шанкар, нобеловката Херта Милер и други.
По повод добивањето на ова високо признание, Издавачката куќа “Феникс” ја објави книгата “Писмото низ вековите” од Дарко Гашпаровиќ во која тој прави пресек и се осврнува на Кирило-Методиевската традиција преку светите Климент и Наум.
Гашпаровиќ во овој редок и значаен научен труд се осврнува и задржува и на други пројави од македонската култура, а како автор е познат по своите стручни огледи и студии за водечките претставници на македонскиот театар : Коле Чашуле, Живко Чинго, Јордан Плевнеш, Слободан Унковски, Владо Цветановски, Дејан Пројковски и други.
Непосредно пред смртта излезе од печат книгата со есеи “Златно руно” од Дарко Гашпаровиќ, кој беше член на Хрватското друштво на писателите и еден од водечките хрватски мислители и интелектуалци. Тој посебно се занимаваше со хрватско-македонските културни односи и врски. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
15 години Баскерфест – уличната магија тргнува на пат низ Македонија

Од 25 август до 6 септември, на 13 локации во 9 градови, ќе се одржи јубилејното 15. издание на Баскерфест — најпознатиот и најпосетуван уличен фестивал во земјава. По неколкугодишна пауза, фестивалот повторно ќе ги оживее плоштадите и булеварите со шарени уметнички настапи, радост и позитивна енергија.
Под мотото „Побарај ја забавата“, инспириран од шпанскиот збор buscar (барај), Баскерфест ќе понуди уникатно улично искуство без билети и сцена, каде што улиците ќе станат сцена за акробати, жонглери, кловнови, музичари, танчери, илузионисти и други улични артисти од целиот свет.
Оваа година фестивалот ќе собере над 20 артисти од Полска, Србија, Албанија, како и од далечните Чиле, Бразил и Канада, кои ќе ги споделат своите уметнички таленти и ќе создадат непредвидливи и возбудливи моменти за публиката.
Секоја вечер ќе биде дополнета со музичка програма која ќе го збогати визуелниот спектакл со звук и ритам, овозможувајќи уште поголема блискост помеѓу уметниците и посетителите.
Баскерфест 2025 е единственото уметничко доживување кое живее на улица, создавајќи атмосфера исполнета со смеа, аплаузи и забава. Сите заинтересирани се повикуваат да го доживеат фестивалот, да повикаат пријатели и да уживаат во ритамот на уличната магија.
Култура
Отворена мултимедијалната изложба „Нурни во мене“ на Сашо Блажес во Охрид

Вчера во Куќата на Робевци во Охрид беше отворена самостојната мултимедијална изложба „Нурни во мене“ на охридскиот ликовен уметник Сашо Блажес.
Изложбата ги содржи неговите слики, а надвор во Лапидариумот е прикажан 28-минутен видео материјал со инсерти од длабочините на Охридското езеро, кој е инспириран од истоимената изложба.
Отворањето беше збогатено со музички настапи на кларинетистот Петар Танески и хармоникашот Наум Џуклески. Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска од Националната галерија.
Изложбата ќе биде отворена секој ден од 09:00 до 22:00 часот, освен понеделник, и ќе трае до 28 август.
Култура
„Охридско лето“ го слави 65. роденден со концерт на Ана Дурловски во „Света Софија“

Со концерт на реномираната македонска сопранистка, првенката на Националната опера и балет, Ана Дурловски која ќе настапи со пијано придружба на Анархит Тер-Татшатјан, вечерва ќе биде одбележан 65. роденден на фестивалот „Охридско лето“. Пригодната концертна програма ќе се одвива во катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот, таму каде штои започна целата приказна наречена „Охридско лето“.
Македонската сопранистка Ана Дурловски студиите ги завршува на ФМУ – Скопје, а на оперската сцена дебитира како Лучија од Ламермур во истоимената опера на Доницети во Македонската опера и балет, по што ѝ се отвораат и вратите на оперите во Србија, Босна, Хрватска и Албанија. Во 2006 година Ана дебитира во Виенската државна опера како Кралица на ноќта во Моцартовата „Волшебна флејта“, улога која ја повторува и во Баварската државна опера, Берлинската опера и Германската опера во Берлин.Нејзината успешна кариера ѝ носи соработки со познатите светски диригенти и солисти како Сер Сајмон Ратл, Јонас Кауфман, Адам Фишер, Прити Јенде, Рејчел Вилис-Соренсен и др. Активна на концертната сцена, Дурловски настапува со Берлинската филхармонија, Симфонискиот оркестар во Шангај, Оркестарот на Минхенското радио, Филхармонијата во Штутгарт и др.
Анахит Тер-Татшатјан има кариера како солист пијанист, камерен музичар и репетитор во меѓународно признати оперски куќи, како и во камерни ансамбли повеќе од две децении. Меѓу останатите таа е репетитор во Грчката национална опера и балет во Атина каде е и официјален корепетитор на Меѓународниот натпревар за соло пејачи „Гран При Марија Калас“ од 2001 година. Покрај тоа, таа е пијанист на интернационалните мајсторски курсеви предводени од Гена Димитрова, Шерил Студер, Курт Еквилуц, Нели Мирициоу и Костас Паскалис. Концертните ангажмани ја водат на сцените низ Европа каде настапува во Швајцарија, Русија, Грција, Италија, Полска и Романија.
Првиот концерт на „Охридсколето“ се случи на 4. август 1961 година во „Света Софија“ каде што магичниот глас на првенката на Македонската опера Ана Липша- Тофовиќ како нарачан за тој прекрасен амбиент со неверојатната акустика, дефинитивно ја потврди оправданоста на сите дотогашни настојувања и желби за да се дојде до тоа што Охрид бездруго треба да го има.
Тој чин на концертно крштевање во „Света Софија“ направен во миг на визионерско вдахновение на Ана Липша- Тофовиќ и нејзиниот пијано соработник Ладислав Перлдик, со голем ентузијазам поддржан од охриѓани и македонски културни дејци, покажа дека семето е посеано на плодна почва и од него се зародува манифестација од светско значење. Изведбата на дела од Хендл, Моцарт, Бетовен, Глук, со самиот почеток делуваше импресивно и покажа дека „Света Софија“ е дадена за тоа.
Така започна приказната што се вика фестивал „Охридско лето“. Во првите фестивалски години во програмскиот концепт преовладуваше непосредната врзаност на „Света Софија“ со вокалното музицирање, но се разбира со настојување пред сè да биде обезбеден уметничкиот квалитет од една страна, а од друга страна грижата и потребата за застапеност на дела инспирирани од светото дело на браќата Кирил и Методиј со што ќе се нагласи значењето на Охрид како лулка на словенската писменост. Во неколкуте први години на себенаоѓање и профилирање на сопствената физиономија, „Охридско лето“ силно се утврди како еден од стожерите на македонската културна традиција.
Денес, „Охридско лето“ е високоетаблиран фестивал во европски и пошироки рамки. Од 1994 година е член на Европската асоцијација на фестивали(ЕФА). Покровител на оваа најзначајна музичко-сценска манифестација во земјава е претседателот на Р.С. Македонија, а фестивалот е финансиран од Владата преку ресорното министерство за култура. Освен тоа, врвната уметничка програма која секоја година испишува уникатна приказна, ја препознаваат и генералниот спонзор А1 Македонија, како и бројно спонзори и помагатели.