Македонија
Модерни патишта ќе изгради новата Влада, заврши времето на провизии

Македонија ќе добие модерни европски безбедни автопатишта. Тоа ќе го овозможи новата одговорна Влада на граѓаните на Македонија, реагираат од СДСМ на пресот на Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, кој говореше за изградбата на нови експресни патишта.
„Граѓаните знаат дека во Планот за живот СДСМ се обврза на инвестиции од 600 милиони евра во првите две години за изградба на патишта и тоа е една од причините зошто големото мнозинство граѓани избра промени“, велат од СДСМ.
Од таму уште додаваат дека граѓаните не сакаат повеќе нивните животи да бидат заложници на криминални власти за тендер интереси. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши: Цените на основните прехранбени производи се стабилизираат, инфлацијата во март е намалена

Инфлацијата во март 2025 година, во споредба со февруари, бележи намалување од 1,3 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, објави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на „Фејсбук“.
„Мерките на Министерството за економија и труд даваат резултати. Цените на основните прехранбени производи се стабилизираат и се намалуваат. На годишно ниво во март 2025 година, во споредба со март 2024, инфлацијата мерена преку трошоците за живот изнесува 2,7 отсто. Континуирано работиме на мерки за подобрување на стандардот на граѓаните и стабилизација на цените“, напиша министерот Дурмиши.
Владата на предлог на Министерството за економија и труд донесе одлука за ограничување на профитната бруто-маржа на 102 групи со основни прехранбени производи, како и одлука за утврдување највисоки цени на 8 групи со основни прехранбени производи. Овие две одлуки стапија во сила на 20 февруари и ќе важат до 30 април 2025 година.
Со одлуката за ограничување на профитната бруто-маржа во трговијата на големо и мало на 102 групи на производи или над 1.000 перехранбени и непрехранбени производи се опфатени:
– 5 отсто профитна бруто-маржа на основите 8 прехранбени производи – млеко, леб, брашно (тип 400 и тип 500), јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко;
– 10 отсто профитна бруто-маржа на прехранбени производи, кои опфаќаат група од 55 прехранбени производи (месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервирани зеленчук и овошје, грав, ориз, тестенини);
– 15 отсто профитна бруто-маржа на 39 прехранбени производи и средства за хигена (свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и друго.
Замрзнати беа цените на 8 групи со основни прехранбени производи: млеко,леб, брашно (тип 400 и тип 500), јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко.
Целта на овие мерки, како што велат од Владата, е заштита на стандардот на граѓаните, намалување на цените на основните прехранбени производи и стабилизација на инфлацијата.
Економија
Од полноќ пониски цени на бензинот, дизелот, мазутот и на екстра-лесното масло за домаќинство

Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,87 отсто во однос на одлуката од 1 април.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 0,730%, кај дизелот за 1,046%, кај екстра лесното масло за 1,189% и кај мазутот намалувањето е за 1,815%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,4386%.
Од 8 април од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 41,025 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,680 ден/кг и сега ќе изнесува 41,025 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 8.4.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Годишен раст на зелените кредити од 8,5 отсто заклучно со 2024 година

Податоците за зелените кредити доставени од банките покажуваат раст во четвртиот квартал од 2024 година. На крајот на декември 2024 година, растот на зелените кредити во однос на истиот период лани изнесува 2,3 милијарди денари, или 8,5%. Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, зелените кредити се зголемени за 4 пати. Зелените кредити се заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што се инвестициите во нова еколошка технологија.
Според податоците на Народната банка, на крајот од четвртото тримесечје од 2024 година, состојбата на зелените кредити во билансите на банките изнесува 29.177 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Зелените кредити одобрени на компаниите, коишто на крајот на 2024 година изнесуваат 28.032 милиона денари, преовладуваат во вкупното зелено кредитно портфолио на банките.
Уделот на зелените во вкупните кредити на крајот на 2024 година изнесува 6%, што е речиси тројно зголемување во однос на крајот на 2019 година, кога изнесувале 2,2%.
Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки.
За таа цел, Народната банка на својата веб-страница од 2022 година почна да објавува и квартални податоци за кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва, коишто можете да ги најдете на следнава врска: https://www.nbrm.mk/podatotsi_i_pokazatieli_za_bankarskiot_sistiem_na_riepublika_makiedonija.nspx