Македонија
Министерот за финансии го посети Централниот регистар
Министерот за финансии Кирил Миноски во петок оствари работна средба со директорот на Централниот регистар Андреа Поповски во просториите на Централен регистар.
За време на посетата беше разговарано за текот и начинот на поднесувањето на годишните сметки и финансиските извештаи за 2016 година за правните субјекти од страна на сите обврзници во Р. Македонија.
Се разговараше за формата и начинот на кој субјектите имаат можност да го извршат поднесувањето, функционалноста на системот и за одличната бројка на поднесени годишни сметки во хартиена и електронска форма.
До 24.02.2017 околу 20.000 субјекти ги поднеле своите годишни пресметки онлајн, што претставува показател за континуитетот и функционирањето на системот за електронско поднесување на годишни сметки. Бројката е во значителен пораст од лани истиов период кога изнесувала 12.000.
Беше потенцирано и продолженото работно време кое Централен регистар како сервисно ориентирана институција ќе го овозможи за субјектите со цел да излезе во пресрет при непречено одвивање на сите процеси при поднесувањето на пресметките. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Прва заедничка координација на Управниот и на Надзорниот одбор на МЕПСО во Министерството за енергетика
Во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за првпат се одржа заеднички состанок со Управниот и Надзорниот одбор на МЕПСО – формат што обезбедува побрза, поефикасна координација во функционирањето на преносниот систем.
Министерката Сања Божиновска порача дека редовна координација е неопходна бидејќи МЕПСО како еден од клучните столбови за енергетската сигурност на државата мора да работи беспрекорно, со стабилна динамика на проектите и без одложувања.
„ Во услови кога енергетската стабилност е приоритет на државата, од суштинско значење е преносната мрежа да се одржува континуирано, да се модернизира и да се развива во чекор со европските стандарди, со јасна стратегија и дневна оперативна дисциплина. Само со заедничка и навремена координација, заедно со Управниот и Надзорниот одбор можат да се надминат евентуалните застои кај клучните проекти, навремено да се решаваат административните пречки и да се обезбеди континуирана модернизација и одржување на преносната мрежа.“ истакна Божиновска.
На состанокот се разгледаа клучните точки:
· Напредокот и тековниот статус на големите инфраструктурни проекти што се во реализација.
· Планирањето и приоритизацијата на нови стратешки проекти за зајакнување на мрежата.
· Предизвиците во секојдневното работење и моделите за нивно надминување за поголема ефикасност и подобра оператива.
Од следната година, МЕПСО ќе стане полноправен член на Joint Allocation Office (JAO) – единствената европска платформа за аукции на прекугранични преносни капацитети. Со приклучувањето кон JAO, македонскиот системски оператор влегува во хармонизираниот европски модел за тргување со електрична енергија, према границите со Србија и Бугарија, додека со останатие соседи остануваме на регионалната платформа (ЦЕО) . Ова членство ќе овозможи поефикасно управување со прекуграничните капацитети, поголема транспарентност и интеграција на македонскиот пазар во европските електроенергетски текови.
Министерството ќе продолжи со редовна комуникација и координација со МЕПСО, за да обезбеди стабилен, модерен и сигурен преносен систем кој е основа на енергетската безбедност и развојот на државата.
Економија
ТИРЗ: Германска компанија за машинско инжинерство заинтересирана за инвестиција
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски денес оствари средба со Матиас Лаубенштајн, директор на Heidelberg Postpress, германска водечка технолошка компанија која веќе 175 години се залага за иновации, квалитет и сигурност во машинското инженерство ширум светот. Средбата опфати презентирање на можностите и поволностите кои ги нуди Македонија преку зоните, при што беа разгледани ТИРЗ Скопје и ТИРЗ Штип како потенцијални локации за отворање на нов производствен погон од страна на германската компанија.
Димовски посочи дека Дирекцијата за ТИРЗ активно соработува со сите засегнати страни со цел континуирано подобрување на условите во зоните, а беше нагласена стратешката локација, како и даночните поволности кои се достапни за инвеститорите. Тој додаде дека интересот на ваква реномирана компанија претставува силна потврда за атрактивноста на Македонија и ТИРЗ како локација за странски директни инвестиции. Како што рече Димовски, вложувањето во напредни технологии и висока додадена вредност е приоритет, а соработката со компании кои имаат долга традиција и глобално присуство ќе донесе значајни придобивки за целата економија.
Од страна на Лаубенштајн, беше изразен особен интерес за инвестирање во рамки на зоните, при што акцентот беше ставен на ТИРЗ Скопје и ТИРЗ Штип како потенцијална локација. Toj нагласи дека стабилната деловна средина, пристапот до квалификувана работна сила и јасната и транспарентна поддршка од институциите се клучни фактори во нивните анализи за избор на нова локација.
Со јасен фокус на раст, како снабдувач на целосни решенија компанијата го поттикнува понатамошниот развој во основните области на пакување и дигитално печатење, софтверски решенија и бизнисот со животниот циклус со услуги и потрошен материјал, така што клиентите можат да постигнат максимална продуктивност и ефикасност. Компанијата моментално се фокусира и на проширување во нови деловни области како што се високо прецизно инженерство на постројки со интегрирана контрола, технологија за автоматизација и роботика, како и растечките зелени технологии.
Економија
Дурмиши во Берлин: Северна Македонија нуди нови можности за странски инвестиции
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес учествуваше на панел-дискусија на тема „Можности за странски инвестиции во Северна Македонија“, што се одржа во Амбасадата на Република Северна Македонија во Берлин. Настанот беше организиран од Германско–македонскиот бизнис клуб (DNMBC) во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Министерот Дурмиши во своето обраќање истакна дека Северна Македонија се наоѓа во клучен развоен момент, во кој реформските процеси се насочени кон создавање предвидлива, стабилна и европски ориентирана економска средина. Тој ги нагласи приоритетите на Владата – дигитална и зелена трансформација, модернизација на индустријата, поттикнување на иновации и унапредување на човечкиот капитал.
„Нашата цел е да изградиме економија што создава додадена вредност и нуди јасни, долгорочни услови за инвеститорите. Со новиот модел на финансиска поддршка што ќе стартува во 2026 година, државата ги наградува квалитетните инвестиции, отворањето работни места, технолошките центри и проектите што придонесуваат за регионален развој,“ истакна министерот Дурмиши.
Тој подвлече и дека Германија останува еден од најзначајните економски партнери на Северна Македонија, додавајќи дека заедничката визија е да се зајакнат деловните врски, да се поттикнат модерни инвестиции и да се создадат нови можности за економски раст.
Министерот им се заблагодари на организаторите и деловната заедница во Германија за континуираната поддршка, оценувајќи дека ваквите настани се важна платформа за градење доверба и нови партнерства.
Настанот продолжи со динамична панел-дискусија во која учесниците разменуваа искуства и предлози за унапредување на инвестициската клима и можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји.
На отворањето се обратија Гафар Вејсели, претседател на DNMBC, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, како и амбасадорот на Северна Македонија во Германија, проф. д-р Илбер Села. Панелот обедини значајни имиња од економскиот и институционалниот сектор, меѓу кои и директорот на ДТИРЗ Гоце Димовски, поранешната гувернерка на НБРСМ Анита Ангеловска-Бежоска, претставници од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и германската делегација за индустрија за регионот.

