Македонија
Пешевски на бизнис форум во Канада – презентирани можностите за инвестиции во рударството

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија Владимир Пешевски, на бизнис форум во Торонто пред околу 100 потенцијални инвеститори од рударскиот сектор ги презентираше можностите за водење на бизнис, како и инвестициските можности во Република Македонија, со особен фокус на можностите за инвестирање во секторот рударство.
„Република Македонија е позиционирана на 10-то место во светот и на 5-то место во Европа во извештајот „Доинг бизнис 2017“ на групацијата Светска банка, што претставува напредок од 84 позиции во однос на 2006 година. Според публикацијата на Херитиџ фондацијата „Индекс на економски слободи 2017“, земјата се наоѓа на 31-то место во светот и 18-то во Европа, во групата на економски слободни земји, со напредок од дури 17 позиции за само една година. Просечната даночна стапка од 7,4% е една од најниските во светот, што ја прави земјата лидер во регионот и атрактивна дестинација за странските инвеститори“, изјави во недела Пешевски во своето обраќање пред присутните.
Изминатите години се бележи позитивен тренд кога е во прашање рударскиот сектор во земјата. Активните рудници за метална руда функционираат непречено, имаат големо влијание во локалниот економски развој, а управувани се од сериозни, одговорни и стабилни концесионери. Постои голем потенцијал во овој сектор, за да се достигне потребен е дополнителен капитал и нови инвестиции.
„Македонија е земја богата со минерални ресурси. Во моментов во фаза на отворање се девет нови рудници за метални руди, се вршат геолошки истражувања на дополнителни девет локации, а четири потенцијални локации се во фаза на подготовка за геолошки истражувања. Геолошките истражувања покажуваат дека во почвата има присуство на повеќе видови на метални руди: олово, цинк, бакар, злато, сребро, никел, манган, антимон и железо“, дополни Пешевски.
Пешевски пред присутните го претстави и Законот за експлоатација на минерални суровини и концесиските трошоци за геолошки истражувања и експлоатација.
„Имаме современ закон за експлоатација на минерални суровини, поволни концесиски трошоци, а ако се земе во предвид дека веќе постои инфраструктура и персонал со искуство во вршење на рударски работи, може да очекуваме овој сектор дополнително да се развива во иднина“, заврши Пешевски.
На форумот присуствуваа околу 100 претставници на канадски компании од секторот рударство. Дел веќе реализираат ивестициски проекти во земји од Источна Европа, Турција и поранешни советски републики, а помеѓу нив е и компанијата „Еуромакс ресурси“, која веќе започна со реализација на инвестицијата вредна над 500 милиони долари во рудникот „Иловица“ во општина Босилово. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Трговијата меѓу САД и Кина може да падне за 466 милијарди долари, предупреди Светската трговска организација

Поради се позатегнатите односи меѓу двете најголеми светски економии, трговијата меѓу САД и Кина може да се намали за дури 80 отсто, предупредува Светската трговска организација (СТО). Според минатогодишните податоци, двете земји размениле стоки во вредност од 582,5 милијарди долари, што значи дека потенцијалниот пад на трговската размена би изнесувал околу 466 милијарди долари.
„Таквата постојана конкуренција и одмазднички мерки меѓу САД и Кина – кои заедно сочинуваат околу 3 проценти од светската трговија – имаат далекусежни последици што може сериозно да ги загрозат глобалните економски изгледи“, рече шефот на СТО, Нгози Оконџо-Ивеала. Таа особено посочи дека во конфликтот меѓу двете економски сили, најмногу може да настрадаат посиромашните земји, кои се поранливи на нарушувања во глобалната трговија.
„Ако дојде до поделба на светската економија на два спротивставени блока, долгорочно би можеле да бидеме сведоци на пад на глобалниот БДП од речиси 7 отсто“, предупреди Оконџо-Ивеала.
Во меѓувреме, повеќе од 166 членки на СТО ја повикуваат организацијата поодлучно да ги брани правилата на светската трговија. Во исто време, Кина поднесе нова жалба против американските царини во Женева оваа недела, што предизвика нова фаза од правниот спор во рамките на СТО.
Економија
Дурмиши: Цените на основните прехранбени производи се стабилизираат, инфлацијата во март е намалена

Инфлацијата во март 2025 година, во споредба со февруари, бележи намалување од 1,3 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, објави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на „Фејсбук“.
„Мерките на Министерството за економија и труд даваат резултати. Цените на основните прехранбени производи се стабилизираат и се намалуваат. На годишно ниво во март 2025 година, во споредба со март 2024, инфлацијата мерена преку трошоците за живот изнесува 2,7 отсто. Континуирано работиме на мерки за подобрување на стандардот на граѓаните и стабилизација на цените“, напиша министерот Дурмиши.
Владата на предлог на Министерството за економија и труд донесе одлука за ограничување на профитната бруто-маржа на 102 групи со основни прехранбени производи, како и одлука за утврдување највисоки цени на 8 групи со основни прехранбени производи. Овие две одлуки стапија во сила на 20 февруари и ќе важат до 30 април 2025 година.
Со одлуката за ограничување на профитната бруто-маржа во трговијата на големо и мало на 102 групи на производи или над 1.000 перехранбени и непрехранбени производи се опфатени:
– 5 отсто профитна бруто-маржа на основите 8 прехранбени производи – млеко, леб, брашно (тип 400 и тип 500), јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко;
– 10 отсто профитна бруто-маржа на прехранбени производи, кои опфаќаат група од 55 прехранбени производи (месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервирани зеленчук и овошје, грав, ориз, тестенини);
– 15 отсто профитна бруто-маржа на 39 прехранбени производи и средства за хигена (свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и друго.
Замрзнати беа цените на 8 групи со основни прехранбени производи: млеко,леб, брашно (тип 400 и тип 500), јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко.
Целта на овие мерки, како што велат од Владата, е заштита на стандардот на граѓаните, намалување на цените на основните прехранбени производи и стабилизација на инфлацијата.
Економија
Од полноќ пониски цени на бензинот, дизелот, мазутот и на екстра-лесното масло за домаќинство

Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,87 отсто во однос на одлуката од 1 април.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 0,730%, кај дизелот за 1,046%, кај екстра лесното масло за 1,189% и кај мазутот намалувањето е за 1,815%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,4386%.
Од 8 април од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 41,025 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,680 ден/кг и сега ќе изнесува 41,025 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 8.4.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.