Македонија
Додевски: Одлуката за притворот на Кочан е незаконска
Адвокатот Никола Додевски, кој го застапува осомничениот Сеад Кочан во предметот „Труст“, тврди дека одлуката на судот за одредување мерка притвор е незаконска.
„Кривичниот совет на Основниот Суд Скопје 1 сторил груба незаконитост и без законска основа навел дека жалбата не го задржува извршувањето на Решението за определување на мерката притвор. Врз основа на таква незаконитост, Првостепениот суд издал Наредби за притвор и за издавање на потерници на осомничениот Сеад Кочан уште пред Решението да стане правосилно“, тврдат од адвокатското друштво Никола Додевски.
Според адвокатот на Кочан, со тоа било елиминирано задолжителното суспензивно дејство на жалбата, предвидено со член 442 од Законот за кривична постапка.
Понатаму се наведува дека Судот сè уште не го доставил предметот до Апелација, иако рокот истекува во недела во 17:20 часот, а една минута подоцна Решението за определување мерка притвор за нив повеќе нема да важи.
Адвокатот Додовски додаде дека до Основниот суд Скопје 1 доставиле писмена Ургенција за претседателот на Кривичниот совет, судијата Гордана Спиреска, во која укажуваат на околноста дека преклузивниот рок од 48 часа, во кој Апелација треба да донесе одлука по жалбата истекува денеска во 17:20 часот, а со тоа што таа не го доставува предметот, го оневозможува тоа одлучување.
„Одбраната смета дека во 17:21 часот, доколку не биде донесена одлука на Апелациониот суд Скопје, Решението за определување на мерка притвор нема да произведува правно дејство“, велат од адвокатското друштво Никола Додевски. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

