Култура
Почина ликовниот уметник Нове Франговски
Утрово, по кратко боледување, почина Нове Франговски (р. 02.08.1937, Галичник – 25.03.2017, Скопје), еден од најекспонираните претставници на средната генерација ликовни уметници во Македонија.
Основно образование и училиште за применета уметност (вајарски оддел) завршил во Скопје. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности (оддел сликарство) во Белград, 1966 година.
За време на студиите излагал на повеќе студентски изложби, а во 1965 година се појавува и на „Октобарски салон“ во Белград. Член е на ДЛУМ од 1967 година.
Во 1965 бил на студиски престој во СССР. Потоа, во 1973 бил на специјализација на Академијата за убави уметности во Рим. Други студиски престои: 1977, Париз, како добитник на стипендијата „Моша Пијаде“; 1992, Чешка; 1997, Париз.
Овој евалуиран и докажан сликар (застапен и во изданието “Umetnost na tlu Jugoslavije”, од едицијата “Slikarstvo XX veka”, застапен и во колекциите на нашите водечки установи од областа на современата уметност, во 1990 ја основа Ликовната колонија „Галичник“ со интернационален карактер. Има реализирано над 20 самостојни изложби во Скопје, Куманово, Охрид, Велес, Струмица (Македонија), како и во Бор, Белград, Нови Сад, Рим, Сараево, Париз, Нирнберг, Истанбул, а учествувал на огромен број групни изложби и ликовни колонии во земјава и во странство.
Добитник е на наградите: 1969 – Награда за сликарство на изложбата „25 Години АСНОМ“; 1982 – Награда „Нерешки Мајстори“ на Годишната изложба на ДЛУМ; Награда „Никола Мартиноски“ на изложбата ДЛУМ – цртеж 83“.
Со своето плодно, неколкудецениско творештво, Франговски придонесе во дефинирањето на македонската нова фигурација, работејќи во повеќе стилови на теми со ангажирана социо-политичка димензија.
По фигуративната фаза ќе се занимава со апстракција, се до последните години, кога успеа да ги спои апстрактниот жар со асоцијативната фигурација. Негови дела се вклучени во значајни домашни и светски колекции, а трагата што ја остава во домашното сликарство, поради силното уметниково чувствување на реалноста, е моќна и бележита.
Голем е неговиот придонес и во афирмацијата на македонската култура и уметност во светот со формирањето на Ликовната колонија во Галичник, која со своето речиси 3 децениско постоење, со исклучителен квалитет, претставува една од водечките ликовни манифестации од овој тип во земјата.
Комеморативна седница во негова чест ќе се одржи во Националната галерија на Македонија, објект Даут-пашин амам во понеделник, 27 март во 11.00 часот, а погребот ќе биде во 14.00 часот на градските гробишта – Бутел. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Музеите се огледало на минатото и на нашето културно наследство, порача министерката Костадиновска Стојчевска
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на сите музејски работници им го честита Меѓународниот ден на музеите – 18 Maj за кои вели дека се огледало на минатото и на нашето културно наследство.
„На 18 Mај, Меѓународниот ден на музеите ја нагласуваме нивната заштитничка улога на историјата, културата и македонскиот идентитет. Музеите се инспирација за креативност, истражување и критика, уникатни локации за интерпретација на уметноста, археологијата и науката. Со честитката до сите музејски работници ја нагласувам нивната посветеност во заштита на дејноста и придонесот за едукација на младите генерации во справувањето со комплексните општествени предизвици“, се вели во честитката.
Министерката за култура посочува дека денеска ја подигаме свеста и го насочуваме вниманието кон важноста на музејските институции со отворање на нивните врати за граѓаните.
Таа потенцира дека Министерството за култура поддржува голем број проекти на музеите во остварување на заедничката цел за достојно почитување и вреднување на културата и културното наследство.
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое денеска се одбележува Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден, музеите во земјава традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите кои можат да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество.
Култура
Лозано, Пајак, Сашко Коцев… денес во Градски парк како дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“
Во рамки на кампањата на „Макпетрол“ за спречување на врсничкото насилство, во Градски парк денеска ќе се одржи отворен настан наменет за деца, млади, родители, баби, дедовци…
Диџеј Боно, Сашко Коцев, „Биби и Боби“, Лозано, Пајак, Весна Петрушевска со децата од нејзината актерска школа, како и други гости, ќе бидат дел од програмата на оваа забавна дружба што е дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, а за најмладите ќе има интерактивни содржини и популарни игри.
Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“, вели дека се пресреќни што во текот на нивната општествено одговорна активност добиле многу поддржувачи.
Почнувајќи од децата и младите, од кои добивме впечаток дека им е навистина мило што, конечно, така отворено и толку гласно, се зборува за проблем со којшто тие секојдневно се соочуваат. Секако, тука се и општините, кои ја препознаа вредноста на нашата идеја и активно се вклучија во обезбедувањето услови за учениците да се здобијат со знаења за булингот. Наставниците, стручните служби, како и родителите, исто така, застанаа зад кампањата и помогнаа фокусот на јавноста да се сврти кон врсничкото насилство. За да се реши проблемот со булингот потребна е уште работа и посветеност, но веруваме дека и со позитивната енергија од нашиот настан, ќе придонесеме да се придвижиме во вистинска насока, истакнува Јосифовска-Спасовска.
Како што информира организаторот, на кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ досега се приклучиле 24 општини и за сите нив „Макпетрол“ обезбеди едукативни материјали и работилници предводени од психолог со долгогодишно искуство за проблемот со булингот.
Култура
Утре, бесплатен влез во музеите
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото со кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, датум кој музејските институции во светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден музеите во земјата традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите, кои може да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во образованието и се афирматори на темите што денес силно го засегаат светот, а кои чекаат да бидат истражени и споделени.
Музејските институции ги поттикнуваат идните генерации на креативен, динамичен и интересен начин да се осврнат на комплексните општествени предизвици на денешницата, да се информираат за причините и последиците од човековото влијание врз природата и да развијат критичко размислување и лична одговорност неопходна за градење одржливо општество.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество. Денот посветен на музеите е урврден од Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ, со седиште во Париз.