Македонија
Груби: Законот за јазиците шанса за опозицијата и за Иванов да придонесат Македонија да стане силно кохезивно општество
Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието, Артан Груби, оствари средба со Кетрин Барнс, раководител на одделот за Албанија, Косово и Македонија во секторот за Западен Балкан во британското Министерство за надворешни работи, амбасадорот на Обединетото Кралство, Чарлс Гарет, и со Џереми Вилмшурст, политички секретар во британската амбасада во Виена.
На средбата Груби ги информира гостите за актуелните случувања во земјата во однос на активностите на Собранието за реализацијата на предвидените активности во рамките на реформскиот план на Владата, пред сè, за реформите во правосудниот систем и другите области кои се бараат од земјата за симнување на условеноста на препораката за почеток на преговорите за ЕУ-членство во априлскиот извештај на Европската комисија, спорот за името, како и за јазичната еднаквост.
Во тој контекст Груби ги истакна своите видувања за решавањето на спорот за името и добрососедските односи на земјата, при што очекува достоинствено решение на контекстот што нè држи далеку од Брисел.
На средбата беше разговарано и за реформите, при што Груби истакна дека процесите во Собранието во однос на усвојување реформски закони и транспарентост се во многу добар тек и нагласи дека набргу очекува и договор и усогласување на две третини од закони и со опозицијата.
Во однос на законот за јазиците, Груби рече дека решението на ова прашање е разговарано, преговарано и договорено и претходно со ВМРО и сега со СДСМ, а јавноста дебатира за ова прашање веќе 16 години. Овој закон е шанса за опозицијата, за Иванов, но и за сите други да придонесат Македонија да стане силно кохезивно општество со заокружен нормативен дел на Охридскиот договор.
Груби коментира и за односите во коалицијата, при што истакна дека се одлични и покрај постојаните напори преку лажни вести, пропаганда и непостојни ситуации да се нарушат односите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје утрово пак е покриено со магла, денес променливо облачно време со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 2, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и тивко со појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
До вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.

