Македонија
Мицов: Партијата „Погреб за Македонија“ го охрабрува албанскиот сепаратизам
Единствена Македонија одржа прес-конференција за стопирањето на изградбата на првата руска црква во Скопје. На прес-конференцијата заменик-претседателот на Единствена Македонија, Стефан Влахов Мицов, рече дека владејачката партија „Погреб за Македонија“, составена од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ продолжува со скандалозните и опасни активности со кои се загрозуваат највисоките национални и државни интереси на македонската држава и македонскиот народ.
„Веднаш да кажам, пред два дена партијата „Погреб за Македонија“ донесе одлука да се стопира изградбата на руската црква во Скопје. Иако и досега во континуитет од 4 години правеше проблеми за нејзината изградба. Внимавајте добро, ова се случува веднаш по заминувањето на Александар Дугин и Леонид Савин од Македонија, кои беа во тридневна посета по покана на нашата партија Единствена Македонија. Ваквиот чекор на партијата „Погреб за Македонија“ претставува опасна провокација, која силно го вознемирува македонскиот народ бидејќи власта удри врз првата руска црква во земјата“, рече Мицов.
Од друга страна, додаде тој, ќе потсетам дека поминаа 10 дена од нашата прес-конференција на која споделивме со јавноста правосилно решение и заклучок на надлежниот инспекторат за рушење на најголемата и најскапа џамија дивоградба во Скопје изградена со пари од една радикална исламска држава. Меѓутоа, за ова од партијата „Погреб за Македонија“ целосен молк. Во овој контекст треба да се спомне и за џамијата дивоградба, која се гради на Попова Шапка на овој скијачки центар. Треба ли да потсетиме и за споменикот – орелот на УЧК во Чаир, кој исто така е дивоградба, а градоначалникот Шилегов вулгарно изјави дека баш затоа дека е дивоградба не можел да го сруши. Или, пак, за новоизградените во цела Македонија повеќе од 350 џамии, голем дел од нив исто дивоградби“.
„Значи, во Скопје и во цела Македонија може да се градат џамии и споменици дивоградби на албанското малцинство, но не може изградба на легални цркви и крстови, како овој во Бутел, со сета потребна документација. Владејачката партија „Погреб за Македонија“ во сите свои дејствја го поставува албанското малцинство надвор од македонските закони, го охрабрува неговиот сепаратизам и дозволува создавање посебна албанска „држава“ во Република Македонија“, изјави Стефан Влахов Мицов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Колку криминални шеми имаат издејствувано Заев, Филипче и Николовски, Обвинителството да отвори постапка
„Заев му помогнал со отпишување на жито за 800.000 евра, Љупчо Николовски возвратил со грант за „Мамас“ од 1,4 милиони евра. По камуфлирањето на кусокот на 2.000 тони жито вреден 800.000 евра на владина седница од страна на Заев и Филипче, Љупчо Николовски веќе следната година му возвраќа за услугата на кланот Заеви со грант од 1,4 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 2022 година Компанијата „Тргопродукт“, која е во сопственост на кланот Заеви, добила грант вреден 1,4 милиони евра. Тоа е истата фирма на кланот Зaеви препознатлива под брендот „Мамас“.
Вредноста на грантот е близу 87 милиони денари или 1,4 милиони евра, и овој грант во тој момент бил втор најголем грант во историјата откако се работи со ИПАРД програмата.
Колку вакви криминални шеми имаат издејствувано Заев, Филипче и Николовски за своето владеење и колку народни пари се злоупотребени?
Дали Љупчо Николовски како тогашен министер интервенирал и им ја возвратил услугата на кланот Заеви за да добијат неповратен грант од ИПАРД програмата вреден 1,4 милиони евра?
Дали ова е меѓусебен дил на Заев и Николовски и колку вакви злоупотреби со тендери и грантови во нивната коруптивна шема постојат?
ЈО да отвори постапка и да ги истражи случаите.
Николовски како и Филипче се дел од корумпирана структура и дел од криминалните шеми на Заев и се додека СДС не се ослободи од овие компромитирани кадри не може да биде конструктивна опозиција која ќе биде додадена вредност во демократските процеси во државата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Муцунски ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел
На покана на Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.
Министерскиот состанок претставува уште една можност министрите да разменат ставови во однос на донесените одлуки од Самитот на НАТО во Хаг, кои се важни за иднината на Алијансата, како и да разменат мислења за напредокот во зајакнувањето на индивидуалните способности и капацитети за овозможување ефективна колективна одбрана и безбедност.
Во фокусот на дискусиите се очекува да бидат разменети информации за заедничките напори за продолжување на континуираната поддршка за Украина, како и размена на ставови за одговор на актуелните безбедносни предизвици и закани, вклучително и дестабилизирачките активности на малигните актери и стратешките конкуренти, кои имаат за цел да ја нарушат воспоставената безбедносна архитектура и меѓународниот правен поредок, извести Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
На маргините на министерскиот состанок, предвидено е министерот Муцунски да оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои и со шефот на американската делегација, заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, како и да учествува на тематски состанок посветен на Коридорот 8.
Македонија
Делови од Гази Баба и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.30 часот, дел од улица Коце Металец и Филип Филиповиќ (од улица Рударска до Трафиките за храна пред паркингот), без струја ќе останат и зградите на два Баќа градители и зградата на Ул.Коце Металец Бр2 (општина Гази Баба)
– во период од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците на ул.Струшка (општина Карпош).

