Македонија
Шилегов: Скопје ќе биде модерен град што на мажите и жените ќе им понуди еднакви можности
Во Младинскиот културен центар вечерва со голем број проекции, изложби, музички настапи и дебати се одржа деветтото издание на манифестацијата „Вечери на женски права”.
„Вечерите на женски права се културна алтернатива во одбележувањето на 8 Март, како еден од најсветлите датуми во историјата на правата за жените и родовата еднаквост“, информираат од Град Скопје.
Присутните на вечерашната манифестација ги поздравил скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, кој воедно на сите жени им го честитал 8 Март, Денот на борбата за женски права.

„Програмата на годинешното издание на ‘Вечерите на женски права’ изобилува со прикажување документарни филмови од светска продукција, разговори за феминизмот, еманципацијата, женскиот активизам, како и музичко дружење. За првпат оваа година Градот Скопје поддржа продукција на документарен филм за подвизите на жените од нашите простори кој ќе биде прикажан на 29 март. Ова секако е настан кој ни нуди можност да го почувствуваме вистинското значење на овој празник, дава можност да размислуваме на еден покомплексен начин, различен од досегашниот. Културен настан кој вклучува уметност, поттикнува разни прашања и креативност и можност за размена на мислења. Одиме во правец на постојано отворање простори во кои ќе се поттикнува, препознава, ќе се следи и секако ќе се вреднува активната женска улога и нејзиното учество во сите сфери, а особено во културата и уметноста“, кажал градоначалникот Шилегов.
Тој се осврнал и на плановите и развојот на Скопје како град на еднакви можности и рамноправност помеѓу сите.
„Нашата работа во иднина ќе биде насочена кон креирање средина за живеење и работа, во кој и мажите и жените ќе имаат еднакви можности за остварување на својот личен, професионален, приватен, интимен, духовен и културен потенцијал. Рамноправното учество на мажите и жените во семејството и во работниот живот заедно со рамноправното учество на мажите и жените во процесот на одлучување сметаме дека се предуслов и основа за развој на еден модерен град“, потенцирал Шилегов.

Во рамките на годинешново издание на „Вечери на женски права” се одржа изложбата „Признаените vs. невидливите жени“, како и проекција на шпанскиот документарен филм „Граници и ветувања“. Како и секоја година, манифестацијата заврши со разговори и дебата со Ана Јовковска на тема „Сега е моментот – сите за родова еднаквост!“, каде што нејзини соговорници беа Лабина Митевска, Мерсиха Смаиловиќ, Ненад Марковиќ и Ана Бунтеска.
Активностите од „Вечерите на женски права” ќе продолжат од 26 до 31 мај во Кинотека на Македонија, каде што ќе бидат прикажани проекции на повеќе документарни филмови. Настанот се организира под покровителство на Градот Скопје, во соработка со ОН жени, Кинотеката на Македонија, Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, Институтуот за родови студии при УКИМ, во соработка со Шведската амбасада во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево време, утрински температури до -10 степени
Времето утре ќе биде сончево и студено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен до силен северен ветер и наместа ќе има услови за провејување на снег. Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -4, а максималната ќе достигне од -3 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, претежно сончево и студено со умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Во четврток и во петок ќе се задржи студено време со минимални температури кои насекаде ќе бидат негативни, а локално ќе се спуштат и под минус 10 степени.
Од петок и во деновите потоа ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи, претежно од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурите ќе биде во пораст.
Македонија
УЈП најави привремен прекин на електронските услуги од 16 часот
Управата за јавни приходи ја известува јавноста дека денеска, 30.12.2025 година, со почеток од 16:00 часот, ќе има привремен прекин во функционирањето на електронските услуги кои Управата (УЈП) ги нуди кон даночните обврзници.
Се очекува прекинот да трае до доцните попладневни часови, по што услугите повторно ќе бидат достапни.
Управата за јавни приходи ги замолува даночните обврзници за разбирање.
Македонија
Владата го усвои предлог Законот за јавно обвинителство
Владата на денешната редовна 140 седница го усвои Законот за јавно обвинителство, како еден од клучните чекори во спроведувањето на реформската агенда од Областа 5 – Фундаментални вредности, со посебен фокус на владеењето на правото.
„Донесувањето на овој закон претставува значаен исчекор во зајакнувањето на независноста, ефикасноста и отчетноста на јавното обвинителство, како столб на правниот систем и гарант за заштита на јавниот интерес. Законот е резултат на сеопфатен процес на анализа, консултации и усогласување со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики“, се наведува во соопштението од Владата.
Од таму појаснуваат дека со новото законско решение се воведуваат измени во постапката за избор на Јавен обвинител на Република Северна Македонија, со јасно дефинирани критериуми и механизми кои обезбедуваат транспарентен, инклузивен и мерит-системски пристап при изборот на најквалитетните кандидати. Во законот се вградени релевантните препораки, со цел процесот да биде ослободен од политички влијанија и заснован исклучиво на стручност, интегритет и професионален кредибилитет.
Дополнително, законот предвидува прецизни и обврзувачки рокови за постапките за избор, унапредување и се воведува принцип на категоризација на дисциплинска одговорност на јавните обвинители, што придонесува за поголема правна сигурност, предвидливост и функционалност на системот, а воедно и поголема одговорност на самите јавни обвинители. На овој начин се зајакнува довербата на граѓаните во институциите и се воспоставува појасна одговорност во работењето на обвинителството.
„Владата останува цврсто посветена на реформите во правосудството како приоритет од највисок јавен интерес и како неопходен предуслов за напредокот на државата на европскиот пат. Усвојувањето на Законот за јавно обвинителство е конкретен доказ за определбата да се градат силни, независни и професионални институции, во служба на граѓаните и владеењето на правото“, се наведува во соопштението.

