Македонија
(Видео) Ќерката на единствената преживеана македонска Еврејка од холокаустот ја собра фамилијата во Битола

Животната приказна на Гита Шами, единствената Еврејка од Македонија која го преживеала холокаустот во логорот Аушвиц-Биркенау, денеска во Битола ја раскажа нејзината ќерка Сара Ле Гутман Калдерон, родум од Битола.
Три генерации од ова семејство, кое живее разделено на три континенти, односно во Јужна Америка, Северна Америка и Азија, се сретнаа во Битола. Деветчлената фамилија се собра во Битола за да се приклучи на комеморативните активности по повод 75 години од депортацијата на Евреите. Денеска низ солзи раскажуваа дека од трите куќи во кои некогаш живееле во Битола, сега е останата само една за да сведочи за голготата што го распрсна нивното семејство низ цел свет.
„Родена сум во Битола, но моите родители пребегаа во Грција во 43. година. Татко ми се приклучи на партизаните, а мајка ми остана во Костур. Кога Германците стигнаа до Грција татко ми се обиде да ја спаси мајка ми, но не успеа. Потоа и двајцата еден за друг не знаеја ни дали се живи. Подоцна на случајна средба при разминување на возовите во Битола видоа дека се живи. И моето семејство беше жртва на погромот, a мојата мајка е единствена која меѓу многу жeни преживеа во логорот во Аушвиц“, рече Сара Ле Гутман Калдерон, која раскажа дека денеска нејзиното семејство дојде да ги види родните огништа.
„Сите се собравме во Битола да ги посетиме родните огништа. Да ме гледа сега мојата мајка ќе рече дека победив бидејќи сега имам ново семејство. Битола е дел од тоа семејство”, рече таа.
Семејството Калдерон денеска се сретна со претставниците на Македонско-германската иницијатива за помирување во состав на 24 млади од Германија и 20 од Македонија, предводени од Ханс Јоаким Шолц, свештеник на Протестантската црква во Баден, Германија.
„Тука сме за да испратиме порака на помирување. Среќни сме што семејството Калдерон ја дели со нас таа мисија“, рече Шолц.
Организатор на комеморативните активности по повод депортацијата на македонските Евреи е Општина Битола, во соработка со Здружението „Архам”, носител на проектот за ревитализација на еврејското минато во Битола и уредување на Меморијален парк на живите на Еврејските гробишта во Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Петрушевски: Каде се СДС сега да го нападнат главниот обвинител Коцевски или да прашаат за некоја истрага?

Каде се сега СДС да го нападнат главниот обвинител Коцевски или да прашаат за некоја истрага, праша Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со месеци СДС лицемерно глумеа различни страни со главниот обвинител Коцевски, се додека не дојде на ред неговата фотеља, па мораа да запрат со глумата и да го спасат, за тој да продолжи да ги штити нив. Додека СДС лажно го напаѓаа главниот обвинител Коцевски, сакајќи да направат привид дека тој работи по закон, тој им ги штитеше функционерите кои беа потонати до гуша во криминал. Повеќе од година дена главниот обвинител Коцевски релативизираше за СДС и нивните функционери“, рече тој.
Според Петрушевски, ниту еден човек функционер до Заев или Филипче не завршил во затвор, за сите или има спогодби или обвинителството прогледува низ десет прсти кога ги пишува обвиненијата.
„И сега кога се демаскирани, молчи СДС, молчи главниот обвинител Коцевски, ги нема збор да изустат, но важно им е дека се си тече, Коцевски ќе си седи уште некое време во фотеља, а луѓето на Заев и Филипче ќе останат да бидат заштитени. Овој однос на СДС го урива правниот систем и за тоа се директно одговорни. Казната за ваквото држење во заробеништво на правдата ќе дојде на избори. Народот памти и не заборава“, рече Петрушевски.
Македонија
Почина Јулијана Тануровска, долгогодишен новинар и уредник на сателитската програма на МРТ

Почина Јулијана Тануровска, долгогодишен новинар и уредник на сателитската програма на МРТ.
„Со над 35 години стаж во јавниот сервис, таа остави длабока трага во македонското новинарство и медиумскиот простор.
По кусо и тешко боледување, почина Јулијана Тануровска, долгогодишен новинар и уредник на сателитската програма на Македонската радио-телевизија. Со над 35 години стаж во јавниот сервис, таа остави длабока трага во македонското новинарство и медиумскиот простор.
Колегите ја паметат по професионалноста, посветеноста и човечноста“, објави МРТВ.
Македонија
СДСМ: Бруталниот упад на полицијата во домот на директорката е потврда дека режимот се врати

Бруталниот упад на полицијата во домот на директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар, Маја Лозановска, е уште една потврда дека режимот се врати, велат од СДСМ.
Според нив, ова е сликата на секој режим, полиција ставена во функција на политички притисок и незаконско разрешување на директорка во средно училиште, со единствена цел пред избори да постават партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сега на граѓаните им е кристално јасно зошто беа измените на Законот за полиција и Законот за внатрешни работи кои ги спроведе Панче Тошковски, за целосна партизација на полицијата, политички прогон и злоупотреба во партиски цели на ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата станува продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ, а жртви се граѓаните . Денеска е директорка на средно училиште утре некој друг“, велат од партијата.
СДСМ бара веднаш да престане, како што велат, бруталниот притисок и незаконското разрешување на директорката Маја Лозановска.
„Законите мора да се почитуваат без разлика за кого станува збор. Бараме одговорност од сите кои ја извршуваат оваа незаконска постапка и кои дозволија ставање на полицијата во служба на политички прогон“, велат од СДСМ.
Ваквата реакција доаѓа откако на социјалните мрежи е објавено видео на кое се гледа началник во домот на директорка на училиште во Демир Хисар и вербална расправија меѓу него и синот на жената.