Македонија
(Видео) Марш на живите во Скопје: Ќе се сеќаваме на холокаустот за никогаш да не се повтори
По повод одбележувањето на 75-годишнината од холокаустот на македонските Евреи во Втората светска војна во Скопје, се одржа марш под мотото „Маршот на живите“. Учесниците од Музејот на град Скопје се упатија кон споменикот посветен на депортираните 7.144 Евреи. Во поворката учествуваше и премиерот Зоран Заев, придружуван од претседавачот на Советот на министрите на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, кој е во посета на земјава.

Маршот почна пред Музејот на Скопје, а заврши пред Тутунскиот комбинат (поранешниот Монопол), од каде што во март 1943 година 7.144 македонски Евреи во три депортации со вагони беа однесени во логорот на смртта Треблинка. По пристигнувањето кај споменикот, делегациите и претставниците на здруженијата на Евреите положија цвеќе.
Во своето обраќање премиерот Заев истакна „со оваа комеморација оддаваме почит, се сеќаваме и одбележуваме 75 години од деновите кога 7. 144 Евреи од Скопје, Битола и од Штип, но и од цела Македонија, беа собрани во просториите на тогашниот Монопол и беа испратени на еден пат од кој никогаш не се вратија“.

„Нивниот најголем престап беше нивното постоење, нивната култура, нивната традиција, нивната заедница. За тоа беа казнети со најдраконската казна и предвреме оттргнати од своите најблиски, од својата земја, од своите животи. Геноцидот над Евреите во Втората светска војна беше борба на деструктивни и антицивилизациски сили против сета добрина и љубов, против пријателството и човештвото. Холокаустот беше борба против луѓето, слободата и нашето заедништво“, рече Заев.
Тој нагласи дека нашите сограѓани, Евреите, беа книги на нашето заедничко постоење, испишани со години и векови на историја и традиција, борба и пркос за подобро утре за сите што живеат и живееја на овие простори.
„Нашата сплотеност во осудувањето и сеќавањето на депортацијата на нашите сограѓани во логорот на смртта, Треблинка, е повеќе од само симболична. Денес ги повторуваме лекциите од минатото за уште посилно да си го осветлиме патоказот за иднината што заеднички ја избравме. Омразата не е наш избор. Прифаќањето на различностите, љубовта кон ближниот, но и почитта кон другиот, поддршката, соработката и пријателството се вредностите што ги прифаќаме со нашите мисли и срца, а ги чуваме со нашите дела. Никогаш да не заборавиме што се случи тука пред 75 години. Историјата се повторува само за оние што стануваат слепи за минатото. Ние нема да бидеме слепи и ќе продолжиме да се сеќаваме за никогаш да не се повтори“, истакна премиерот Заев.

Бојко Борисов, претседател на Владата на Република Бугарија, во своето обраќање потенцира дека масовната егзекуција на невини луѓе за време на Втората светска војна е едно од најтешките злосторства во човечката историја. Во својот говор тој потсети дека одговорност за одлуката за депортацијата на Евреите од Македонија во Треблинка е одлука на тогашниот генерал на нацистичка Германија, Хајнрих Химлер, и на германскиот амбасадор во Софија, Адолф Бекерле.
„Ние чувствуваме длабока болка и жал поради тоа што не можевме да ја спречиме смртта на тие луѓе. Денес ние сме должни да не ја заборавиме трагичната судбина на жртвите на холокаустот и за бидеме сигурни дека вакви настани никогаш повеќе нема да се повторат“, истакна Борисов.
Претседателката на Еврејската заедница во земјава, Берта Романо-Николиќ, во обраќањето по повод сеќавањето за холокаустот на Евреите од Македонија нагласи дека геноцидот на цел народ во Втората светска војна останува општо мерило за тоа што може да предизвика злото што се крие во човекот. „Без сеќавање, нема иднина, во име на иднината проштеваме, но не забораваме зашто и страдањата на тие луѓе се наша одговорност“, рече таа. Комеморацијата по повод 75-годишнината од холокаустот на Евреите од Македонија заврши со молитвите „Ашкава“ и „Кадиш“ и со полагање венци свежо цвеќе на спомен-обележјето во некогашниот Монопол во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

