Македонија
Пешаци и велосипедисти ќе го одбележат Националниот ден на немање безбедна патека при градба
Група пешаци и велосипедисти во координација на здружението „На точак“ утре попладне во периодот од 17 до 18 часот ќе одржат едночасовна акција на крстосницата на булеварот Партизански одреди со булеварот 8 Септември (на аголот кај ГУЦ „Здравко Цветковски“).
„Мотивот за акцијата, саркастично со наслов Национален ден на немање безбедна патека при градба, е долгогодишниот и репетитивен проблем на необезбедување на алтернативни премини за корисниците на пешачките и велосипедските патеки при изведување градежни работи. Честопати при градежните интервенции се случува овие патеки да се блокираат целосно и во времетраење од неколку месеци, без притоа да се обезбеди алтернатива за движење во тој дел на патеките. Ваквата ситуација ги принудува овие категории учесници во сообраќајот да се изложат на опасна ситуација на движење по коловозот заедно со автомобилите со ризик да се повредат од рабникот на тротоарите при симнување и повторно качување (доколку се движат со помош на тркала – велосипеди, инвалидски, бебешки колички итн.) или, пак, да бидат удрени од моторно возило што се движи во крајната лента. Во моментот има повеќе вакви блокирања на патеките во Скопје кои претставуваат сериозно загрозување на животите на пешаците и велосипедистите, а едно е токму на локацијата на акцијата“, велат организаторите.
Тие напоменуваат дека нашата држава нема регулатива (правилници) за тоа како се обезбедуваат, пренасочуваат и означуваат пешачките и велосипедските патеки кога се зафатени со градежни работи, сеедно дали се работи за изградба на објекти, за промена на инсталации или за дефект.
„Со цел да се иницира свеста за овој проблем, но и да се повикаат одговорните за обезбедување алтернативни премини, секогаш кога пешачките и велосипедските патеки се блокираат при изведување градежни работи, учесниците на акцијата ќе направат жив штит кај крстосницата кај ГУЦ ‘Здравко Цветковски’, каде што моментно се изведува градежен зафат, за да овозможат барем еден час безбеден премин за овие учесници во сообраќајот преку критичната точка со создавање алтернативна патека на дел од коловозот“, се вели во најавата за акцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 11 часот во четирите општини е 3,32 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 11:00 чaсот, од вкупно запишани 128.286 гласачи на 215 избирачки места од општините Врапшиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, каде денеска се спроведуваат повторените избори за градоначалник на општина, гласале
3.553 гласачи, односно 3.32 %.
– Врапшиште, гласале 834 гласачи, односно 3.02 %.
– Гостивар, гласале 1937 гласачи, односно 3.14 %.
– Центар Жупа, гласале 168 гласачи, односно 2.22 %.
– Маврово и Ростуше, гласале 624 гласачи, односно 5.90 %.
Како што информира ДИК, во споредба со гласањето на 19 октомври 2025, до 11:00 часот, на овие повторени избори се забележува разликата во однос на излезеноста во овие општини и тоа:
– Врапшиште, зголемена за 0.48_%.
– Гостивар, намалена за 1.96 %.
– Центар Жупа, намалена за 2.61 %.
– Маврово и Ростуше, намалена за 5.82 %.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста до 9 часот во четирите општини е 1,12 отсто
Државната изборна комисија на својата веб-страница објави дека до 9:00 часот утринава, излезноста на гласачите во четирите општини каде што се одржуваат повторени избори за градоначалник е 1,12%.
По општини:
– Врапчиште – 1%
– Гостивар – 0,93%
– Маврово–Ростуше – 2,89%
– Центар Жупа – 0,75%
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, на прес-конференција кажа дека на избирачките места кои се отворени навреме, гласањето тече непречено, без поголеми тешкотии. Поради временските прилики со задоцнување се отворени неколку избирачки места, а едно избирачкото место во Ќафа не е воопшто отворено.
Денеска се гласа на вкупно 215 избирачки места, а право на глас имаат 128.286 избирачи.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.

