Македонија
Мицкоски од Вељуса: Минуваат 10 месеци на понижувања и опустошување на економијата
Поминаа 10 месеци на понижувања, омаловажувања, урнисување на сето она што било создавано, не само во оние 11 години додека беше ВМРО-ДПМНЕ на влас, туку на сето она што се создавало 27 години, па и на 45 претходно, па и векови наназад, рече лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето обраќање во струмичкото село Вељуса.
„Имаме за жал, власт па и човек, за жал од овој крај што нема ни малку чувство за она што се вели нација, Македонија и сето она што е поврзано со нашиот народ и нашата држава се труди да го урниса со своите постапки“, истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсети на ветувањата за намалување на невработеноста, перспектива за младите, брзи странски инвестиции и, како што рече, живот.
„За жал, ниту живот видовме, ниту подобар живот дојде. Видовме само осиромашување и катастрофа. Македонија е цврсто закована на дното по растот на БДП од 0%. Нема држава на Балканот вклучувајќи ги Албанија, Косово, Грција, Србија, Бугарија, нема држава во регионот со 0% раст на економијата како нашата. Нема држава во регионот којашто има 100 милиони евра странски инвестиции помалку споредно со 2016 година“, рече Мицкоски.
Претседателот на опозициската партија констатираше дека во земјава се случува катастрофа.
„Имаме поништување на развојни постапки коишто претходните им ги оставиле. Имаме стопирање на градежниот сектор за 30% помалку од тоа што било порано. Имаме 30% помало индустриско производство од она што било помалку од претходното. Имаме катастрофа во економијата што ни се случува. Ниту платите ги покачија до 30 илјади денари, ниту, пак, докторите имаат 100 илјади денари месечно, ниту пензионерите добија 10% повисоки пензии како што ветуваа, а ниту земјоделците добија повисоки субвенции од она што го ветуваа. Ниту животот дојде, ниту реформите се случија во здравството, ниту во образованието ниту, пак, имаат намера тоа да го прават“, истакна Мицкоски.
При обраќањето во Вељуса рече дека сите овие работи ги кажува како граѓанин на оваа држава и универзитетски професор кому му поминале илјадници студенти низ раце.
„Секојдневно добивам пораки, дали тоа биле мои пријатели, дали мои поранешни студенти, дека на ова зло мора да му дојде крајот. Првата моја задача откако ја преземав улогата на претседател на ВМРО-ДПМНЕ е како на светот да му докажеме дека ВМРО-ДПМНЕ е современа партија и е столб на државноста во Република Македонија и дека има просперитетни идеи и дека нуди развој на Република Македонија, односно да ја извадиме од изолација. Поминав многу центри. Поминав во Вашингтон, Будимпешта поминавме секаде низ регионот бевме во Белград, Загреб, Љубљана, Софија ќе поминеме уште неколку центри во меѓувреме ќе поминеме во Париз и Берлин. Тоа беше нашата мисија, како ВМРО-ДПМНЕ да ја извадиме од онаа магла од онаа завеса која беше создавана на непринципилен начин од истите оние луѓе кои ѝ го правеа ова на Република Македонија. И успеавме да им докажеме и во Вашингтон и во Брисел и во Лондон, Париз, Берлин дека ВМРО-ДПМНЕ е партија од народот, дека ВМРО-ДПМНЕ е партија за народот и дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која може да биде гарант за развиена и економски силна Република Македонија“, подвлече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: Во ВМРО секој функционер или негов роднина има фирма
Антикорупцискиот тим на СДСМ објави повеќе бомби, факти и докази за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, фаворит за тендери во општините под контрола на ВМРО. Дури 51 тендер во вредност од 16 милиони евра добила оваа фирма од општините на ВМРО, изјави Александар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
Тој додаде дека преку дигиталната платформа МИЦКО.мк откриле и дека нејзиниот сопственик бил член на Избирачки одбор токму од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тендерската мрежа се шири преку семејни и партнерски фирми, кои добиваат милионски договори од институции под контрола на власта. АКТ откри и дека сопругата на газдата на Пирамид билдинг солушнс, Оливера Доновска, има фирма со Филип Гулевски, кој пак со друга фирма добива тендер за проектирање и изведба на спортски сали во општините Крушево и Аеродром. Вредност од 1,1 милион евра од министерството за спорт“, рече Димитријевиќ.
Тој кажа дека денеска откриваат нова бомба односно дека оваа пирамидална мрежа на тендери и фирми води директно до кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот шеф, Владимир Нелоски.
„Оливера Доновска, сопругата на газдата на Пирамид билдинг солушнс, Петар Доновски, е сопственичка и управителка и на трговската фирма со облека ТРГО СТРОЈ ДОО Скопје, основана 2019 година. По доаѓањето на власт на ВМРО, или точно на 11.04.2025 година, како содружник во фирмата ѝ се приклучува Јовица Нелоски. Кој е Јовица Нелоски? Татко на Владимир Нелоски, шеф на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски. Дали сега е јасно? Во ВМРО секој функционер или негов роднина има фирма. А како што покажавме имаат и тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за фирма преку општини, 9 милиони евра за двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта.“, рече тој.
Македонија
Левица ќе гласа против новиот состав на Комисијата за заштита од дискриминација, обвинува за партизација
На утрешната пленарна седница, при гласањето за составот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, пратеничката група на Левица ќе гласа против предлогот, поради, како то велат, бруталната партизација на оваа институција и тоа со нестручни кадри, олицетворено преку кандидатурата на Џихан Ахмед – кадар предложен од ВРЕДИ аминуван од ДПМНЕ.
„Станува збор за кандидат кој не ги исполнува законските услови за избор – нема минимум седум години работно искуство во областа на човековите права, нема релевантно искуство, а на јавната расправа демонстрираше елементарно непознавање дури ни на надлежностите на самата Комисија, како и на основни меѓународни документи како Истанбулската конвенција, иако магистерските студии ги завршила во насоката за меѓународно право и односи. И покрај ова, владејачкото мнозинство свесно турка партиски активист како член на тело кое мора да биде стручно, независно и кредибилно, бидејќи од неговите одлуки зависи статусот на најранливите категории граѓани“, велат од Левица.
Според партијата, дополнително брутално исмејување во очите на јавноста е и тоа што кандидатката иако треба да приложи изјава дека не е носител на партиски функции, чија цел е осигурување на непристрасноста, таа уште официјално неизбрана, јавно му се заблагодари за поддршката на лидерот на ВРЕДИ – Изет Меџити.
„Со ваквото однесување, уште пред формално да биде избрана, таа самата ја урнисува секоја илузија за независност и непристрасност, и јасно демонстрира дека не доаѓа во Комисијата како заштитник на човековите права, туку како партиски пратеник на коалициските договори меѓу ДПМНЕ и ВРЕДИ“, велат од Левица.
Од таму додаваат дека ова е класичен пример за институционално заробување – орган кој треба да биде коректив на власта и заштитник на дискриминираните, се претвора во партиска испостава, пополнета со лојални, а не со компетентни кадри. Наместо експерти со докажано искуство, велат од Левица, се инсталираат политички послушници без основно познавање на материјата, со што директно се загрозува правната сигурност и заштитата на граѓаните.
„Одговорноста за оваа брутална деградација на Комисијата ја сноси ДПМНЕ, која со гласањето ја легитимира и спроведува оваа партиска поделба на независните институции, продолжувајќи ја праксата на клиентелизам, непотизам и политичка контрола врз телата кои треба да бидат автономни“, велат од Левица.
Македонија
(Видео) Камионџиите ја проширија блокадата на граничните премини, заострените шенгенски правила го блокираа товарниот сообраќај на Балканот
Возачите на камиони од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора денес продолжија со блокадите на граничните премини за товарен сообраќај.
Откако претходниот ден ги блокираа излезите, од полноќ почна и блокада на влезовите во овие земји од Западен Балкан, јавува „Радио Слободна Европа“.
Возачите ги блокираат товарните терминали поради заострените процедури за влез во Шенгенскиот простор. Тие наведуваат дека процедурите сега се покомплицирани и дека им го скратуваат дозволениот престој во земјите на Унијата.
Бараат престојот во Европска Унија да им биде зголемен на четири месеци, наместо досегашните три месеци во период од шест месеци.
Најавуваат дека блокадите ќе траат седум дена доколку претходно не се најде решение.
Портпаролот на Европска комисија, Маркус Ламерт, на 26 јануари изјави дека европските институции размислуваат и работат на пронаоѓање опции кои би овозможиле одредени професионалци, меѓу кои и возачите на камиони, да престојуваат на територијата на Шенгенската зона подолго отколку што тоа го дозволуваат важечките шенгенски правила.
„Свесни сме дека за одреден број професионалци од трети земји кои не се прекугранични работници може да постои потреба да останат во Шенгенскиот простор подолго од 90 дена во рок од 180 дена. Тоа ги вклучува професиите со висока мобилност, како што се возачите на камиони, но и спортистите и уметниците на турнеи“, изјави Ламерт.
Тој додаде дека Европската унија е свесна за загриженоста што ја изразиле транспортните оператори во регионот, дека внимателно ја следи состојбата и дека е во контакт со партнерите од Западен Балкан.

