Свет
Трамп: Набргу ќе одиме на Марс, а во вселената ќе може да се војува

Можеби еден ден ќе има американски вселенски сили што ќе се борат рамо до рамо со авијацијата, копнените сили и другите родови на армијата.
Ова го изјави американскиот претседател Доналд Трамп најавувајќи го заминувањето на луѓето на Марс како нешто што ќе се случи многу бргу, притоа нагласувајќи дека тоа воопшто не би се случило доколку Хилари Клинтон победела на претседателските избори во 2016 година.
Новинските агенции пренесуваат дека Трамп при обраќањето пред маринците и другите војници во воздухопловната база „Мирамар“ во Сан Диего говорел за вложувањата на неговата администрација во истражувањата на вселената велејќи дека универзумот станал област во која е возможно да се војува.
Се надува дека Трамп рекол оти идејата за вселенските сили започнала како спонтан коментар, но тој одлучил дека е одлична идеја.
„Набргу ќе одиме на Марс. Не би отишле на Марс доколку победеше мојата ривалка (Хилари Клинтон), дозволете ми да го кажам тоа. Во таков случај за оваа идеја немаше воопшто ни да се размислува“, изјавил американскиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Мнозинството граѓани на ЕУ се за оставка на Урсула фон дер Лајен, според последни истражувања

Според истражувањето на социолошката компанија Cluster17, дури 60 проценти од жителите на Европската Унија сакаат претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да поднесе оставка, објави „Ле Гранд Континент“.
Поддршката за нејзиното заминување е особено висока во Франција (70 проценти од испитаниците), додека 49 проценти од Полјаците, 54 проценти од Германците и 60 проценти од Италијанците и Шпанците веруваат дека Фон дер Лајен треба да се повлече.
Фон дер Лајен, докторка по образование и долгогодишна германска политичарка од редовите на Христијанско-демократската унија, беше министерка за одбрана на Германија од 2013 до 2019 година, кога беше избрана за првата жена на чело на Европската комисија. Нејзиниот мандат беше обележан со бројни предизвици, од пандемијата и „зелената агенда“ до енергетската криза и војната во Украина.
Фото: принтскрин
Свет
Кулеба потврди дека избегал во Полска по забраната од Зеленски

Поранешниот украински министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денес изјави дека никогаш не помислил оти ќе мора да ја напушти својата земја преку ноќ како крадец и дека сега е во Краков, Полска.
Тој ја напушти Украина само неколку часа пред да стапи во сила декретот со кој им се забранува на поранешните дипломати и функционери да ја напуштат Украина, а Кулеба во телефонски разговор со италијанскиот весник „Кориере дела сера“ изјави дека навреме дознал за декретот и дека успеал да ја напушти земјата неколку часа пред да стапи во сила.
Како што рече, декретот не бил донесен поради фактот што од почетокот на војната вонредната состојба им забранувала на мажите на воена возраст под 60 години да ја напуштат земјата, но од други причини.
„Во Украина поранешните дипломати не се обврзани да служат во војска. Точно е дека (претседателот на Украина Володимир) Зеленски и неговата придружба не сакаат да одиме во странство и да кажуваме работи за кои веруваат дека би можеле да бидат спротивни на ставовите на владата. Пресметав дека речиси дваесетмина од нас се опфатени со оваа мерка. Не мислам дека страдам од манија за прогон, но сигурно знам дека целта на декретот е да ме блокира мене и уште неколку други луѓе“, рече Кулеба, кој беше шеф на украинската дипломатија кога Зеленски нагло го замени.
Тој додава дека за него забраната за напуштање на Украина е голема загуба бидејќи заработува пари од предавања во странство – во Париз и во САД, каде што често патува на конференции.
„Мојата плата зависи од странски извори. И во секој случај, генерално, имам тенденција да ја бранам нашата влада. Но, во одредени кругови во коридорите на моќта сè уште преовладува стариот советски менталитет, според кој ако одите во странство како слободен граѓанин, автоматски станувате агент што кова заговор против државата“, рече тој.
Тој исто така рече дека завршил на црната листа затоа што јавно ја осудил намерата на Зеленски да цензурира две владини комисии задолжени за истражување на корупцијата.
„И ова е сериозен проблем. Граѓанското општество намерно одлучи да ги ограничи критиките со цел да поттикне единство во име на воените напори. Но, Зеленски сега нема право да го злоупотребува ова за да го замолчи кој било глас освен својот“, рече Кулеба.
Фото: принтскрин
Свет
Зеленски: Путин нема да може да го освои целиот Донбас до крајот на годината

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека рускиот претседател Владимир Путин нема да може да ги оствари своите намери, кои, како што рече, му ги пренел на претставникот на американскиот претседател, Доналд Трамп, да го освои целиот Донбас до крајот на годината.
Во интервју за „Еј-би-си њуз“, Зеленски исто така рече дека тврдењата од Москва дека Русија окупирала 70 проценти од територијата на Донбас од почетокот на војната во 2022 година претставуваат манипулации од страна на Руската Федерација, пренесува „Унијан“.
Тој рече дека пред 11 години, кога Русија го окупирала Крим без борба, таа окупирала и една третина од Донбас и дека по почетокот на тоталната војна со Украина во 2022 година, „за речиси четири години, таа окупирала речиси 30 проценти од регионот Донецк, а не целиот Донбас“. „Во текот на годините на тотална војна тие окупирале само 30 проценти (од територијата на Донбас)“, рече Зеленски.
Тој нагласи дека ова е значаен дел од територијата, но дека Кремљ жртвувал повеќе од еден милион свои војници за тоа. Зеленски рече дека Русија нема да го окупира целиот Донбас до крајот на годината, исто така затоа што цената би била милиони мртви.
„Тие нема да го окупираат. Цената се години и милион луѓе. И ако не години, но тоа се случува побргу, тогаш, едноставно, повеќе луѓе. Не милион луѓе, туку два милиона, три милиони трупа. Тоа е цената на ова“, рече Зеленски, пренесува „Танјуг“.
Тој истакна дека контролираниот дел од регионот Донбас и Донецк останува важна територија за Украина, како и дека освојувањето на целиот тој регион од страна на руските сили би значело загрозување на големите украински градови, како што е Харков, кој е оддалечен 90 километри од регионот.
Тој потсети дека во Харков живеат еден и пол милион луѓе, кои не сакаат да го напуштат својот роден град и дека би било страшна трагедија ако Русија го освои целиот Донбас.
„Што ќе се случи? Тоа ќе биде ужасна трагедија. И ќе го отвори патот кон Днепар, индустрискиот центар на Украина. Ова е нашата економија, нашите фабрики, нашето производство. Ова е сериозен придонес кон домашниот бруто-производ на земјата“, додаде Зеленски.
Фото: оринтскрин