Македонија
АМСМ: Од денеска не е задолжително поседувањето зимска опрема

Законската обврска за задолжително поседување на зимската опрема во возилата завршува денеска, потсети Авто-мото сојузот на Македонија.
Во редовниот извештај за состојбата на патиштата АМСМ соопшти дека сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози и се препорачува внимателно возење, приспособена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.
Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани-Македонска Каменица-Делчево, Виница-Берово, Гостивар-Стража, Маврово-Дебар-Струга, Демир Капија-Удово, Катланово-Велес, Крушево-Демир Хисар и Ресен-Буково.
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.
АМСМ предупредува дека на патниот правец А2 Стругa-Ќафасан, од бензинската пумпа КМР до Добра Вода-с. Франгово (во должина од 3 км), се препорачува исклучително внимателно управување со возилата поради дупки на коловозот. На самото место поставена е соодветна патна сигнализација и ограничување на брзината од 30 км/час.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Станковиќ: Интерпелацијата на Левица е полна со нелогичности и претставува обид да се фрли песок во очите на јавноста

На денешната собраниска седница, каде се расправаше за интерпелацијата за министерот Панче Тошковски, на собраниската говорница се обрати пратеникот од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Малиша Станковиќ, кој даде свое видување во однос на поднесената интерпелација.
„Имаме една интерпелација која е на 15 страни од кои 12 се поврзани со трагедијата во Кочани, а само три страни се поврзани во една глава наречена други причини за интерпелација неповрзани со трагедијата во Кочани, овие три последни страни се всушност обид на подносителите на интерпелацијата да фрлат песок во очи на оној којшто ја чита интерпелацијата односно да направат една прикаска дека не се работи само за Кочани туку и дека има и некои други. Зошто им е потребна оваа прикаска затоа што ако се работи само за Кочани ќе се потврдат сите оние тези коишто се кажуваа од трагедијата во Кочани навака дека токму опозицијата ќе се обиде да го злоупотреби овој немил настан којшто остави длабоки траги во срцето на секој еден Македонец, и еве тоа се потврдува“, истакна Станковиќ.
Пратеникот Станковиќ истакна дека интерпелацијата поднесена од страна на Левица покажува многу нелогичности, посебно во одредена точка од истата и потенцираше дека се работи за политичка интерпелација поднесена од страна на Левица.
„Дека се овие три последни страни нелогични зборува оваа 7 точка која се вика непостапување при палење на македонското знаме. За потсетување на јавноста ДУИ поднесе интерпелација за министерот Тошковски токму за оваа работа тврдејќи дека тогаш полицијата и министерот Тошковски треба да си поднесе оставка тогаш полицијата наводно прекумерно постапила, за сега подносителот на истата интерпелација да не убедуваа во оваа точка дека полицијата всушност не постапила, кога треба да ја зборуваме вистината тогаш кога ДУИ поднесува интерпелација или во овој случај Левица. Се работи за политичка интерпелација“, вели Станковиќ.
Тој продолжи и додаде дека министерот Тошковски доследно транспарентно и успешно работи, со оглед на пустошот што е наследен од минатата власт, но резултатите ги има на дело со бројни разрешени случаи.
„За да се оцени работата на еден министер дали добро работи или не прво нешто што треба да направиме е да видиме каква состојба наследил министерот, па никој, во оваа држава не е несвесен дека системот во оваа држава комплетно пропаднат. Министерот Панче Тошковски и она што го пренеле медиумите сузбивање на криминална група, расчистување на случаи со оружје, разбиена криминална група, 28 натписи за период од четири месеци, па тоа ли е министер кој не работи? СДС не се осуди на ваква интерпелација затоа што знаат дека нема што да кажат. ДУИ се обиде да направи политички маневри но они на етничка конотација ја водат својата политика и таму нема успех. И сега за крај ја наоѓаат Левица, таа која што поднесува интерпелација па сите заеднички да се надоврзат и да се залепат кон истата“, рече Станковиќ.
Македонија
46-годишник од Гевгелија осомничен за демнење: следел маж и неговите три малолетни деца во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 46-годишен жител на Гевгелија кој е осомничен за дејствија на кривично дело – Демнење од член 144-а од Кривичниот законик кои ги извршил во Скопје кон еден оштетен и неговите три малолетни деца.
Во периодот од 29.01 до 29.04 осомничениот го следел оштетениот при доаѓање или одење од работното место, го следел движењето на неговите деца додека оделе во основно училиште во Кисела Вода и се обидувал со пораки да воспостави несакан контакт. Со ваквите дејствија предизвикал чувство на вознемиреност, несигурност и страв кај оштетените.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетените, како и забрана за посетување на локациите каде го вршел демнењето.
Македонија
(Видео) „Ново нормално со Тошковски – во двор на полициска станица испукани 60 куршуми“, рече Петровска

„За овој период од 15 месеци бројот на убиства, особено во главниот град, во централното градско подрачје, станува се почесто. Последното убиство е фрапантно. Во дворот на најголемата полициска станица во Скопје на Битпазар беа испукани повеќе од 60 куршуми. Ова е новото нормално со Тошковски“, истакна пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска при обраќање на собраниската седница, посветена на интерпелацијата на министерот за вантрешни работи Панче Тошковски.
Петровска додаде дека по логиката којашто ја слушавме во изјавите за Кочани, „најверојатно за ова убиство ќе биде виновен производителот на оружјето, а не кој што тој што го користел“.
Петровска се осврна и на хаосот во сообраќајот и загинувањето на младата Фросина, кое беше злоупотребени за најава за драстични мерки во сообраќајот, особено во делот и на превенција, меѓутоа и казнувањето, ама секое чудо за три дена.
„После неколку дена, секојдневно во Скопје и тоа е во билтенот на МВР, се случуваат сообраќајни незгоди, помали или поголеми, со смртни или без смртни последици. Вчерашниот скандал со братот на градоначалникот кој градоначалникот исчезна некаде е доказ дека сево ова е фарса што го правите. Се ви е реклама, се ви е ПР и тоа за жал граѓаните скапо го плаќаат. Многу често и од вас и од колегите пратеници ја слушаме добро познатата замена на теза, а тоа е дека ние сме биле против вас затоа што замислете сме се плашеле од неселективната борба против криминалот и корупцијата. Која неселективна борба? Таа кога ја кренавте рампата за Артан Грубин како господин да си ја помине границата?“, рече пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска.