Црна хроника
Притвор за тројца Албанци што шверцувале марихуана од Македонија во Грција
Тројца албански државјани добија 30-дневен притвор поради обид да прошверцуваат марихуана од Македонија во Грција.
Имено, битолското јавно обвинителство донело наредба за истражна постапка против тројца државјани на Албанија поради постоење сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Според информациите, тројцата Албанци се осомничени дека во својата матична земја неовластено набавиле наркотична дрога марихуана со вкупна маса од околу 38 килограми, ја внеле во Македонија, ја препакувале во 36 најлонски пакувања и во две торби со возило ја донеле до нелегален граничен премин кон Република Грција во близина на селото Лажец.
Притоа еден од осомничените останал во возилото да чека, а другите двајца се обиделе дрогата пеш да ја пренесат во Република Грција за продажба. Сите тројца биле затекнати во извршување на делото во близина на црквата во селото Лажец.
Надлежен јавен обвинител предложил мерка притвор за албанските државјани, а судија на претходна постапка на сите тројца осомничени им одредил притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Почината жена пронајдена во куќа во Струга
Вчера во 17:20 часот во ОВР Струга, од Итната медицинска помош Струга е пријавено дека во куќа на ул.„15-ти Корпус“ во Струга, сопственост на Р.М.(55) од Струга, пронајдена е почината Б.В.(56) од Струга.
Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото е предадено за обдукција.
Извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа на ОВР Струга, информира полицијата.
Црна хроника
Тетовец извршил обљуба врз малолетно девојче
Татко пријавил во полиција дека маж од Тетовско извршил обљуба врз неговата малолетна ќерка.
Имено на 10.11.2025 во 15:00 часот во ОВР Дебар, 41-годишен маж од дебарско пријавил дека лице од тетовско извршил обљуба врз неговата малолетна ќерка.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Претрес во Кавадарци, пронајдена дрога, уапсени две лица
Вчера во 15:00 часот, полициски службеници ги уапсиле Н.И.(31) и Д.Н.(21) затоа што при преглед на патничко возило „мерцедес“ со кавадаречки регитарски ознаки, кое го управувал Д.Н., а сопатник бил Н.И., биле пронајдени и одземени дигитална вага и бела грутчеста материја.
Исто така, пронајдена е и бела материја која претходно Д.Н. ја фрлил од возилото.
Додека, при претреси во нивните домови, извршени со судска наредба, кај Д.Н. била пронајдена и одземена бела прашкаста материја, а кај Н.И. дигитална вага со остатоци од бела прашкаста материја.
Двајцата се приведени и задржани во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против ќе биде поднесена соодветна пријава.

