Македонија
Спасовски на министерски состанок во Крањ
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера и денеска учествува на 18-тиот состанок на Комитетот на министри на конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа и министерскиот состанок во рамките на процесот Брдо во Крањ, Словенија. Во своето обраќање Спасовски потенцира дека потпишувањето на конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа и нејзиното успешно спроведување во изминатите години ја направи еден од најзначајните и водечки инструменти за полициска соработка во регионот.
„Она што оваа конвенција ја прави посебна и универзална алатка за ефикасно полициско работење е тоа што нуди многубројни можности за примена на разновидни и современи методи и техники преку кои се одразува полициската работа и се прикажуваат најдобрите пракси на полициите на нејзините договорни страни. Преку успешна и доследна примена на овие методи и техники заеднички придонесуваме кон зајакнување на стабилноста и безбедноста, справување и спречување на заканите за јавниот мир и безбедноста и кон успешна борба против криминалните појави во регионот и пошироко. Сведоци сме на растечките трендови на глобализацијата и напредокот во технологијата, со што комуникацијата помеѓу поединците станува сè полесна, а размената на информации помеѓу луѓето сè побрза и понепосредна. Ваквиот тек на експанзија на технологијата, од една страна, ни нуди големи придобивки за нас како луѓе, ни ги олеснува начинот на живеење, движењето и функционирањето. Од друга страна, пак, за жал, истата таа технологија станува сè покорисна и поупотребувана од страна на криминалците што ја користат за вршење нелегални активности и остварување нелегален профит“, рече Спасовски.
Тој додаде дека само преку заеднички пристап со користење на сите можни форми на размена може да бидеме во чекор со предизвиците што претставуваат закана за граѓаните на Македонија и граѓаните на другите земји од Југоисточна Европа, каде што често живеат и престојуваат и наши државјани.
Во обраќањето на министерскиот состанок во рамките на процесот Брдо на тема „Трговија со луѓе“ министерот Спасовски истакна дека земјава успешно ја воспостави Националната единица за сузбивање шверцување мигранти и трговија со луѓе. На маргините од министерскиот состанок во Брдо, Крањ, државниот секретар на Република Македонија, Магдалена Несторовска, и Милан Радојевиќ, како национален координатор на Националното тело за борба против трговијата со луѓе во Република Косово, потпишаа меѓувладин протокол за соработка, а набргу ваков документ ќе биде потпишан и со владата на Црна Гора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна поставувањето семафори на крстосницата кај „Васко Карангелевски“ во Аеродром
Денес екипи на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје започнаа со градежните активности од првата фаза за поставување на светлосна сигнализација на крстосницата од улиците „Васко Карангелевски“ и „Ангел Димовски“ во населбата Аеродром.
„Работните активности се изведуваат по налог на Град Скопје, односно согласно основен сообраќаен проект за воведување на светлосни сигнали на оваа крстосница донесен од Град Скопје и според долгоочекуваната согласност од Министерството за внатрешни работи“, велат од „Улици и патишта“.
Во оваа фаза се врши рачен и машински ископ на земјан материјал за поставување темели на семафорски столбови и ископи за спроведување на електричната инсталација. По завршувањето на градежните работи, ќе следува монтажа на семафорската опрема и сигнализација.
Со поставувањето на новата семафоризирана крстосница, ќе се подобри проточноста на сообраќајот и значително ќе се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот во овој дел од градот.
Македонија
Три нови битолски училишта ќе добијат фотоволтаици до крајот на учебната година
Општина Битола до крајот на учебната година ќе постави фотоволтаични системи на уште три згради на основните училишта во градот. Со оваа мерка, локалната самоуправа продолжува со активностите за зголемување на енергетската ефикасност и користење на обновливи извори на енергија во образовните установи.
Во текот на овие денови се вршат теренски проверки на состојбата на покривите на училиштата, како и проценка на можностите за најсоодветна позиција за поставување на соларните панели.
По завршувањето на анализите и објавувањето на тендерските постапки ќе следува и реализацијата, односно поставувањето на новите фотоволтаични соларни централи за производство на електрична енергија во три нови битолски училишта.
Со воведувањето на фотоволтаиците се очекува училиштата да остварат значителни заштеди во трошоците за електрична енергија и да придонесат кон намалување на јаглеродните емисии во општината.
Во моментов, на 10 објекти на основни и средни училишта во Општина Битола се поставени сончеви панели. Кон крајот на 2023 година, на објектот на училиштето и градинката во населбата Долно Оризари беше поставена првата фотоволтаична електрична централа во училиштата, по што во 2024 година беа поставени уште девет — три на средни и шест на основни училишта.
Македонија
Оставка на Сабахадин Рустеми од „Комунална хигиена“ за да не влијае на истрагата
В.д. директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Сабахадин Рустеми, поднесе оставка од функцијата поради морални причини, соопшти неговиот адвокат Асмир Алиспахиќ.
Адвокатот изјави дека оставката не е поврзана со признание на вина, туку со желба да не влијае на истрагата.
„Тоа е чин што ќе овозможи непречено водење на постапката. Ќе докажеме дека Рустеми нема никаква поврзаност со делото“, рече адвокатот.
Според него, постојат докази дека Рустеми презел активности за обезбедување механизација и ресурси, но дека неговите барања не биле одобрени од управниот одбор на претпријатието.
Рустеми и Аки Саити, управител за отпад во претпријатието, добија мерка притвор од 30 дена поради основано сомнение за сторено кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад, како и опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото.

