Македонија
„Виенски бал“ – вечерва духот на Виена повторно во Скопје
Вечерва во хотелот „Александар палас“, македонските посетители повторно ќе може да уживаат во авангардната културно-музичка манифестација „Виенски бал 2018“. Организаторот, здружението за културна соработка „Јохан Штраус“, и покровителот, Амбасадата на Република Австрија во Македонија, 19 години по ред овозможуваат и македонската метропола да има оригинален виенски бал, а со тоа да биде рамо до рамо со сите светски метрополи во кои се одржуваат овие манифестации во рамките на културната понуда. Од минатата година „Виенски бал Скопје“ е ставен и на светската мапа на виенски балови, а поради долготрајноста и успешноста во организирањето на балот кај нас, годинава организаторот доби и поздравно писмо од градоначалникот и гувернер на Виена, Австрија, Михаел Хојпл, со кое го поздравува организирањето на традиционалниот централен настан на општествениот живот во Виена и во Скопје.
„Виенскиот бал“ во Скопје има и хуманитарната нишка, што значи дека секоја година се обезбедуваат и средства за поддршка на оние на кои им се потребни, а годинава тоа е граѓанската организација на лица со и без хендикеп, која работи на суштинско поврзување и целосно остварување на основните човекови права и слободи на лицата со хендикеп „Полио плус“.
Во рамките на програмскиот дел, професионалниот оркестар „Јохан Штраус“ ќе музицира под диригенство на Бисера Чадловска. Грациозните танчари на танцовиот клуб „Прима данца“ ќе ја воодушевуваат публиката со атрактивни танцови точки, а магијата на балетските точки на сцената на Балот ќе ја донесат првенците на Балетот при МОБ – Марија Кичевска и Бобан Ковачевски.
Гостите ќе имаат можност да уживаат во настапите на „Тумбао салса бенд“, Нина Јанева, Горан Папас и 2Еxit. Како и секоја година, дрес-кодот на Балот е задолжителен: долги тоалети за дамите и смокинг или темен костум за господата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

