Македонија
АМСМ предупредува возачите да внимаваат на влажните коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, информираат утрово од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Оттаму препорачуваат внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.
Исто така од АМСМ предупредуваат дека на патниот правец А2, Стругa- граничен премин Ќафасан, од бензинска пумпа КМР до местото Добра Вода кај село Франгово (во должина од 3 километри) пожелно е исклучително внимателно управување со возилата поради дупки на коловозот. На самото место поставена е соодветна патна сигнализација и ограничување на брзината од 30 километри на час.
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Единствена Македонија ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори
Членот на Извршниот комитет на Единствена Македонија, Вилијам Михајловски, на денешната прес-конференција најави дека партијата ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори, што ќе се одржат во недела, на 2 ноември.
„Со големо задоволство соопштувам дека Единствена Македонија одлучи во недела, во вториот круг, да ги поддржи кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. А што може да се очекува од една национална и патриотска партија како што е Единствена Македонија, која секогаш е на првата линија во одбрана на македонските национални интереси“, изјави Михајловски.
Тој истакна дека оваа одлука доаѓа по, како што рече, целосна медиумска блокада и исклучување на нивната партија од државното финансирање во првиот круг, но и дека Единствена Македонија не може да стои на страна во моментите кога, според него, се решава иднината на државата. Потсети дека партијата настапила самостојно со 29 кандидатски листи, но резултатот во првиот круг не бил на нивото што го посакувале.
Во обраќањето, Михајловски се повика на потребата од национално помирување и обединување, нагласувајќи дека изборите не се борба за поединци и партии, туку за државата.
Македонија
Почна поставувањето семафори на крстосницата кај „Васко Карангелевски“ во Аеродром
Денес екипи на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје започнаа со градежните активности од првата фаза за поставување на светлосна сигнализација на крстосницата од улиците „Васко Карангелевски“ и „Ангел Димовски“ во населбата Аеродром.
„Работните активности се изведуваат по налог на Град Скопје, односно согласно основен сообраќаен проект за воведување на светлосни сигнали на оваа крстосница донесен од Град Скопје и според долгоочекуваната согласност од Министерството за внатрешни работи“, велат од „Улици и патишта“.
Во оваа фаза се врши рачен и машински ископ на земјан материјал за поставување темели на семафорски столбови и ископи за спроведување на електричната инсталација. По завршувањето на градежните работи, ќе следува монтажа на семафорската опрема и сигнализација.
Со поставувањето на новата семафоризирана крстосница, ќе се подобри проточноста на сообраќајот и значително ќе се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот во овој дел од градот.
Македонија
Три нови битолски училишта ќе добијат фотоволтаици до крајот на учебната година
Општина Битола до крајот на учебната година ќе постави фотоволтаични системи на уште три згради на основните училишта во градот. Со оваа мерка, локалната самоуправа продолжува со активностите за зголемување на енергетската ефикасност и користење на обновливи извори на енергија во образовните установи.
Во текот на овие денови се вршат теренски проверки на состојбата на покривите на училиштата, како и проценка на можностите за најсоодветна позиција за поставување на соларните панели.
По завршувањето на анализите и објавувањето на тендерските постапки ќе следува и реализацијата, односно поставувањето на новите фотоволтаични соларни централи за производство на електрична енергија во три нови битолски училишта.
Со воведувањето на фотоволтаиците се очекува училиштата да остварат значителни заштеди во трошоците за електрична енергија и да придонесат кон намалување на јаглеродните емисии во општината.
Во моментов, на 10 објекти на основни и средни училишта во Општина Битола се поставени сончеви панели. Кон крајот на 2023 година, на објектот на училиштето и градинката во населбата Долно Оризари беше поставена првата фотоволтаична електрична централа во училиштата, по што во 2024 година беа поставени уште девет — три на средни и шест на основни училишта.

