Економија
Одржливиот развој на енергетиката – заедничка цел на Министерството за економија и МАНУ

Министерот за економија, Крешник Бектеши, и претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, во име на Министерството за економија и Македонската академија на науките и уметностите потпишаа меморандум за соработка за одржлив развој на енергетиката во Република Македонија.
„Целта на овој меморандум е воспоставување меѓусебна соработка и ефективен институционален дијалог, имајќи го предвид интересот на граѓаните на Република Македонија во насока на остварување одржлив развој, согласно со обврските кои Република Македонија ги презеде со ратификуваните меѓународни договори“, соопшти Министерството за економија.
Со меморандумот е предвидено двете институции да преземаат заемни активности за анализа на развојот на енергетиката, со имплементација на поголемо учество на обновливите извори на енергија, спроведувајќи ги најновите светски практики и современите научни сознанија, потоа анализа на обврските на Република Македонија преземени со ратификуваните меѓународни договори во подрачјето на енергетиката и соодветните емисии и намалување на емисиите на стакленички гасови, соработка на полето на компјутерските науки и информатичките технологии и соработка во доменот на економскиот раст и развој, вклучувајќи ги пристапите за динамизирање на растот, преструктуирање на македонската економија, индустриската политика.
Соработката меѓу двете институции ќе се остварува преку изготвување научни проекти, заеднички средби и организирање заеднички предавања, тркалезни маси и форуми за научната и стручна јавност, но и за засегнатите страни и за пошироката јавност со вклучување и на невладините организации и медиумите, потоа изработка на елаборати, презентирање на резултатите од соработката на меѓународни и домашни стручни собири, објавување научни и стручни трудови во меѓународни и домашни списанија, како и презентирање на преземените активности и постигнатите резултати на веб-страниците на Министерството за економија и на МАНУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски од ОАЕ: Ги презентиравме можностите за инвестирање во Македонија

Изминативе денови заедно со тим од Владата и тим од мојот Кабинет, остваривме исклучително квалитетна и успешна посета во Обединетите Арапски Емирати, информира премиерот Христијан Мицкоски.
Тој кажа дека имале средби со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, со стопанските комори од Емиратот Шарџа и Дубаи, како и состаноци со врвни компании како што се Мубадала, ADQ, Масдар, Игл Хилс итн.
„Сето она коешто разговаравме е навистина нешто коешто ќе претставува еден голем чекор напред за македонската економија. Разговаравме за проекти од областа на транспортот, пред сè коридорите 8 и коридорот 10 и отсечката на коридорот 10, 10-д. Потоа, разговаравме за проекти коишто се силно поврзани и тесно поврзани со туризмот. Се разбира тука нашиот македонски, балкански, би рекол светски бисер Охрид. Потоа, Попова Шапка како исклучително силна инвестиција, којашто треба во годините коишто следат да донесе големи економски бенефити за македонските граѓани. Место каде што е потребна голема инвестиција, поради својата местоположба и поради сите оние географски убавини коишто самиот тој ски-центар ги нуди. Се разбира и за тоа разговаравме со нашите пријатели од Обединетите Арапски Емирати“, рече Мицкоски.
На средбите било разговарано за неколку локации во Македонија кои може да се направат лендмарк објекти коишто ќе бидат препознатливи за цела Европа.
Било разговарано и за инвестиции во делот на земјоделието и се разбира енергетиката.
„Како главен приоритет тоа се проектите, односно хидроцентралите на Река Црна, а тоа се Чебрен и Галиште. Потенцијалот во енергетиката, не се ограничи само на инвестирање во хидроцентралите Чебрен и Галиште, туку и на нови соларни панели, нови ветерни турбини, ветерни паркови и така натаму. Навистина, кога би требало да ја оценам оваа наша посета, би ја оценил со највисока оценка, и економски и политички, бидејќи после долго време, не знам од кои причини, стопирање и пауза во односите коишто ги имаме со Обединетите Арапски Емирати, повторно воспоставуваме една ваква блиска, непосредна соработка“, рече премиерот.
Тој потсети и дека е потпишан Меморандум за подлабока економска соработка од страна на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и неговиот хомолог.
Економија
Трговците бараат продолжување на рокот за објавување на цените онлајн

Стопанската комора на трговци на мало бара да се пролонгира рокот за креирање веб-страници на која продавниците ќе ги објавуваат цените на производите.
„Имајќи ги предвид тековните околности и предизвици со кои се соочуваат нашите членки во процесот на дигитална трансформација, упатуваме официјално барање до Министерството за економија за продолжување на рокот за изработка на веб-страница на правните субјекти коишто подлежат на оваа обврска. Ценејќи ја важноста на дигиталното присуство како неопходен елемент за современо и конкурентно делување на пазарот, напоменуваме дека значителен дел од малите трговци сѐ уште се во процес на адаптација, од технички, финансиски и кадровски аспект“, велат од Комората.
Од таму истакнуваат дека станува збор за реална потреба од дополнително време со цел квалитетна и одржлива имплементација поради комплексноста и обемноста на материјата.
„Сметаме дека продолжувањето на рокот ќе претставува поддршка кон сите засегнати субјекти но највеќе на оние на кои им е најпотребно, а тоа се малите стопанственици и ќе придонесе кон инклузивен пристап во спроведувањето на политиките за дигитализација, со што ќе се овозможи посеопфатна и правично распоредена транзиција. Очекуваме разбирање и соработка од надлежните институции, со единствена цел – градење стабилна и конкурентна економија, во која секој економски субјект има фер можности за развој и напредок“, велат од Комората.
Економија
(Видео) Трипуновски: Од доставените 1.600 понуди за закуп на земјоделско земјиште, донесени се 982 одлуки за вкупна површина од речиси 2.862 хектара

На крајот од минатата 2024-та година беа распишани 5 јавни повици за доставување на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 и над 3 хектари, едниот повик ги опфати површините со насади со што се овозможува легализација на насадите кои ги имаат подигнато земјоделците, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Според него, со распределбата и легализација на насадите, ќе се овозможи на сопствениците да склучат договор со Министерството и ќе се стави ред во користењето на земјоделското земјиште во државна сопственост.
До Министерството, како што соопшти изминатиот период пристигнале околу 1.600 понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, и 220 понуди за легализација на земјиште над кое има подигнато долгогодишни насади.
Оцени дека овие бројки се доказ дека јавните повици предизвикале голема заинтересираност кај земјоделците.
„Можам слободно да кажам дека имаме успешно спроведени јавни повици за закуп на државно земјоделско земјиште. Јавните повици се спроведени без можност за било каква селективност, и да напоменам спроведени се за сите региони од нашата држава, односно опфатено е сето слободно земјоделско земјиште надвор од градежниот реон на општините. Комисиите напорно работеа за да ги разгледаат сите понуди кои што беа пристигнаа до Министерството. Дел од договорите веќе се доставени до подрачните единици на Министерството за да ги потпишат земјоделците и за краток период истите ќе бидат врачени до сите оние кои што добиле договор за користење на земјоделско земјиште. Од вкупно 1.600 понуди кои што беа доставени до Министерството, донесени се 982 одлуки за вкупна површина од околу 2.862 хектари. А, за повикот за легализација на насадите од 220 понуди кои што пристигнаа до Министерството, донесени се 160 одлуки за избор со вкупна површина од 380 хектари“.
Најави дека во претстојниот период ќе бидат распишани нови огласи за доделување на државно земјоделско земјиште се со цел да се стави во функција преостанатото земјоделско земјиште на земјоделците и да се создадат услови секој граѓанин кој што е заинтересиран да се вклучи во произведството на храна.
Со тоа, додаде тој, се отвораат нови можности за младите, за сточарите, за сите заинтересирани да се занимаваат со земјоделство.