Македонија
Менче Точи добитник на наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија
Новинарката од интернет-порталот Нова ТВ, Менче Атанасова Точи, е добитник на првата награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија за 2017 година што ја додели Македонскиот институт за медиуми МИМ. Наградата е доделена за серијалот текстови за сомнителниот паралелен увоз на лекови. Истражувањето третира исклучително важна тема од интерес на граѓаните, која се фокусира на еден од клучните проблеми на здравствениот систем – квалитетот на лековите.
Втората награда за најдобра истражувачка сторија за 2017 година ја добија тимот новинари на БИРН Македонија за истражувањето „Странски инвестиции под лупа“, објавено на интернет-порталот „Призма“. Истражувачкиот проект ја разоткрива мистеријата за реалниот обем и ефектите од странските инвестиции во изминатите 10 години и за нетранспарентна политика на државна помош за привлекување странски инвеститори.
Третата награда во изборот за најдобра истражувачка сторија за 2017 година ја делат Петар Клинчарски за сторијата „Изгубени во 1000 преводи“ објавена во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М и Лиридона Вејсели за сторијата „Каде е штабот на џихадистите во Македонија?“ објавена на интернет-портал „Журнал“.
Комисијата одлучи да ѝ додели пофалница на Славица Филиповска за демонстрираниот исклучителен новинарски израз и квалитетна обработка на сторијата „Колку време ни треба да го уништиме најстарото езеро во Европа?“ објавена во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М.
Членовите на комисијата го истакнаа и новинарскиот ангажман и посветеност во истражување значајни теми на новинарот на „Макфакс“, Кристијан Ландов, за сториите: „Каде завршувале парите од донации во Домот за деца без родители ‘11 Октомври’?“, „Физичка тортура и понижување – суровата реалност на македонските текстилни работнички“ и „Македонија ја губи битката со загадениот воздух – смртните случаи во пораст“.
На конкурсот што годинава МИМ го објави по седумнаесетти пат се пријавија 38 автори, со вкупно 60 стории обработени во 154 текстови/прилози, објавени на интернет-портали, телевизии, дневни весници и во неделници. Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година со цел да го поттикне и афирмира истражувачкото новинарство, како врвно достигнување во новинарската професија и чувар на демократските вредности. Од 2013 година наградата го носи името на трагично загинатиот уредник и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

