Македонија
Алатка за отчетност: Владата соопшти дека во првите шест месеци потрошила двојно помалку од составот во 2014
Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска во Владата одржа прес-конференција на која ја презентираше Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции. Софтверското решение на алатката овозможува лесно да се пребарува низ трошењата на функционерите и да се прави споредба на трошоците на државните службеници, по типови на трошоци и во различни временски интервали. Алатката од денеска е достапна пред целата македонска јавност на веб-страницата на Владата, односно на следниов линк.

„За првпат во политичката пракса во земјава, Владата е таа што, самоиницијативно, го стави на најотворен, најтранспарентен начин своетo работење. Ако во минатото граѓаните прашуваа, а властите криеја, денес Владата самоиницијативно ги изложува трошоците без да чека некој да ја праша“, нагласи Поповски.
Софтверското решение ги прикажува податоците во форма на интерактивни инфографици со цел да ги направи попрегледни за сите. Алатката овозможува пристап и до наративни месечни извештаи за работата на службениците, остварени состаноци, службени патувања во странство итн.
„Целта на оваа алатка е да ги држи трошоците на јавните функционери на најниско ниво и да алармира доколку се јават отстапки во трошењата на јавните средства. Оваа одлука се однесува на 60-тина фунционери од извршната власт, кои во оваа прва фаза имаат обврска своите трошења да ги изложат пред очите на јавноста. Во следната фаза кругот ќе се прошири и на други државни службеници и раководители на органи на државната управа“, истакна Поповски.

За поголема прегледност и споредбена анализа, министерот информираше дека во алатката за визуелизација се вметнати и трошењата на функционерите од претходната Влада во првите 6 месеци од преземањето на функциите по изборите, поточно за периодот јуни – ноември 2014 година, за да се утврди нивото на трошењата на функционерите на актуелната влада и да добие увид дали овие функционери трошат повеќе или помалку од функционерите од претходната влада.
Поповски истакна дека споредбените податоци покажуваат дека актуелниот владин состав потрошил речиси два и пол пати помалку државни пари во првите 6 месеци во однос на функционерите на претходната влада, по преземањето на нивните функции во 2014 година. „Владата во првите 6 месеци од своето работење потрошила за службени трошоци 21.890.462 денари, додека владата на Груевски во првите 6 месеци од 2014 година, по формирањето, потрошила двојно повеќе, односно 44.909.835 денари. Во истиот период, Никола Груевски како премиер потрошил 5.183.102 ден или за скоро дупло повеќе од тоа што потрошил премиерот Заев, во првите 6 месеци, односно 2.918.531 денар“, рече Поповски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Контрола во угостителски објекти во Куманово – затекнати малолетници после полноќ и под дејство на алкохол
Полициски службеници од СВР Куманово, заедно со инспектори од Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд, во текот на ноќта меѓу 13 и 14 декември извршиле контрола во четири угостителски објекти на подрачјето на Куманово.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, при контролата биле легитимирани вкупно 74 лица, а во два објекти биле затекнати малолетници после полноќ.
„Притоа, во еден од нив од слобода е лишена С.В.(45), која го изнајмила простортот, затоа што се затекнати 14 малолетници, од кои еден бил под дејстов на алкохол и е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Исто така, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд изрекоа глоби на објектите поради сторени прекршоци по Законот за угостителство“, информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека по целосно документирање на случајот, против одговорните лица ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ предлага Резолуција за осуда на дезинформациите за мигранти
ВМРО-ДПМНЕ денеска претстави „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
„Во изминатите денови, јавноста беше сведок на организирана и координирана кампања од страна на опозицијата, којашто влеваше несигурност и паника помеѓу граѓаните. Овие лажни сценарија ги нема во владините политики, напротив, ВМРО-ДПМНЕ активно се борела против мигрантите и мигрантските кампови, кои претходната влада на СДС и Заев сакаше да ги направи. ВМРО-ДПМНЕ јавно ги осудува политиките и одлуките на поранешната влада на Зоран Заев, со којашто беа отворени можности за создавање на кампови за мигранти, спротивно на националните и државни интереси“, кажа на прес-конференција, Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој накусо ја презентираше Резолуцијата.
„Таа е составена од 9 точки, и во неа стои дека се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови, се потврдува дека такви политики не постојат ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на владата на Заев поврзани со мигрантски кампови и се повикува на одговорен јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи. Исто така, се констатира дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно важечките закони. Резолуцијата воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш по нејзиното изгласување. Во таа насока, оваа Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предложиме во Собранието на Република Македонија и од таа причина ги покануваме сите парламентарни партии заедно да ја поддржат“, истакна Мицевски.
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: Власта носи мигранти за пари
„Во буџетот нема пари. За првпат во историјата, утре – 15 декември – се затвора Трезорот. Државата доцни со сите исплати: нема пари за плати, пензии, социјална помош, породилно, нема ни за поврат на ДДВ. Дупката изнесува најмалку 1 милијарда евра“, кажа денеска на прес-конференција, Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
Како што истакна Димитријевиќ, „власта не се грижи за граѓаните, се грижи само за себе, за бизнисите со наместени тендери, за криминалот и за пумпањето пари од буџетот очајно им треба свеж кеш“.
„Затоа ја продаваат Македонија. Затоа прифатиле мигранти во пакет со кредити од 6 милијарди евра. Паралелно, ВМРО-ДПМНЕ спроведува намерна изолација и ја држи Македонија надвор од ЕУ. Не за заштита на националните интереси, туку за свесно оддалечување од Европа. Изолацијата е стратегија. Без ЕУ, без европски контроли и без европско правосудство – полесно се краде и нема одговорност за никојМакедонија сакаат да ја претворат во црна точка на Европа“, вели тој.
Димитријевиќ рече дека „27 земји членки на Советот на Европа јавно бараат ревизија на Европската конвенција за да се олесни депортацијата на мигранти“.
„Каде ќе одат тие луѓе? Во земји надвор од ЕУ – како Македонија. Доколку во Македонија се донесат мигранти осудени за сериозни кривични дела, тоа ќе значи директна закана по безбедноста на државата. Во исто време, тоа целосно ќе го закочи европскиот пат, затоа што со евентуален влез во ЕУ повторно би се отвориле вратите кон Унијата – нешто што европските земји сакаат да го спречат. Затоа на ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговара Македонија да остане изолирана. Ова е нивниот „win-win“ :Британија депортира мигранти за пари, а ДПМНЕ добива изолирана држава во која непречено продолжува кражбата. Губитници се само граѓаните и иднината на Македонија“, потенцира генералниот секретар на СДСМ.

