Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ не штеди, туку нема капацитет да реализира ниту еден проект
Доколку Владата на СДСМ продолжи со исто темпо да ја манипулира јавноста, во наредните 10 месеци државата ќе потоне уште 30-ина места на листата на „Транспаренси“ за нивото на корупција, ќе се задолжи уште милијарда евра и ќе ја банкротира економијата, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на денешниот прес на министерот Роберт Поповски.
„Владата на СДСМ е најнеспособната во историјата на независна Македонија. Нула проценти економски раст, нула денари странски инвестиции, нула километри нов автопат. Доколку сакаат каква било споредба со власта на ВМРО-ДПМНЕ од 2014 година, не треба да кријат од јавноста дека тогаш во време на економска и политичка криза ВМРО-ДПМНЕ обезбеди раст на економијата од 2,9 отсто. Владата на СДСМ не штеди, туку нема капацитет да реализира ниту еден проект од полза на граѓаните. Оваа власт има најниско ниво на реализација на капитални инвестиции. Вкупниот нето-долг бележи зголемување од 566 милиони евра“, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека ваквите катастрофални показатели не може да ги покрие ниту една бледа прес-конференција.
„Ниту една бледа прес-конференција за наводна транспарентност не може да ја прикрие информацијата дека двајцата функционери за кои Заев тврдеше дека има сомненија за криминал сè уште се заштитени. Граѓаните директно ги чувствуваат негативните ефекти од владеењето на СДСМ и цунамито за македонската економија Заев-Анѓушев-Тевдовски. Празни прес-конференции не помагаат за да се покријат ветувањата за просечна плата од 30.000 денари и повисоки пензии“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

