Црна хроника
Тројца насилници претепале 18-годишна девојка поради паричен долг

Во текот на вчерашниот ден полицијата добила пријава според која тројца насилници ја претепале 18-годишната К.Т.
Според пријавата, три лица дошле во домот на М.Д. на улицата Виа Игнациа, каде што во тој момент била и К.Т. (18). Насилниците биле повикани од лице кон коешто наводно К.Т. имала долг од 500 евра и физички ја нападнале со тупаници и клоци во пределот на лицето и телото, поради што таа изгубила свест. По нападот, тројцата го напуштиле местото на настанот.
На К.Т. ѝ била укажана лекарска помош во Градската општа болница „8 Септември“. Од полицијата информираат дека преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Приведено лице од Чегране, барано по потерница

Синоќа во 20.30 часот на улица „Иво Лола Рибар” во Гостивар, полициски службеници од СВР Тетово во содејство со полициски службеници од Сектор за меѓународна полициска соработка го привеле Б.Н.(42) од с.Чегране.
Тој бил баран по потерница врз основа на судска наредба за издржување на казна затвор во траење од една година и шест месеци за сторено кривично дело по член 386 од Кривичниот законик.
Лицето било спроведено во Казнено – поправната установа Затвор Идризово за издржување на казната.
Црна хроника
Кривична за директорка во основно училиште во Струмичко: ја злоупотребувала позицијата

СВР Струмица поднесе кривична пријава против С.Р.(54) од Ново Село, струмичко.
Таа се сомничи за сторено кривично дело ,,злоупотреба на службена положба и овластување“.
Имено според полицијата, во текот на 2023 и 2024, пријавената во својство на директор на основно училиште во Ново Село, самата се назначувала за ментор на приправници за образовни асистенти, за што добивала парични средства во износ од 10% од нејзината бруто плата, со што се стекнала со противправна имотна корист во износ од 147.456 денари во 2023 година и 155.904 денари во 2024 година.
Црна хроника
Изминатиот месец 23.844 санкции за возачи, 7.437 возеле побрзо од дозволеното

Во текот на минатиот месец (февруари 2025), како резултат на планските континуирани сообраќајни контроли низ патиштата во земјава, од сообраќај беа отстранети вкупно 2.059 возачи што управувале возила без возачка дозвола, 617 возачи кои возеле под дејство на алкохол, додека пак дури 7.473 возачи добиле прекршочни казни заради возење со поголема брзина од дозволената. Од вкупниот број издадени платни налози, а тој за февруари месец изнесува 23.844, 1.508 платни налози се однесуваат на некористење сигурносен појас, 766 за користење на мобилен телефон при возење, а санкционирани се и 475 пешаци. Најголем број од прекршочните пријави се за неправилното паркирање 5.746 прекршоци, информира МВР.
Во рамки на засилените контроли за деновите од изминатиот викенд според статистичките показатели, полициските службеници во сите сектори за внатрешни работи при БЈБ на МВР изрекле вкупно 1.278 платни налози и притоа без возачка дозвола биле затекнати 126 возачи, а пак 144 возачи возеле под дејство на алкохол. Исто така, според полицијата, евидентирани се и 238 прекршоци по основ на пребрзо возење, 79 лица не користеле сигурносен појас, 37 возачи користеле мобилен телефон, 14 минале на црвено светло, а прекршочно биле санкционирани и петмина пешаци.