Македонија
Бачев: Заев врши брутална албанизација на државните органи

Претседателот на политичката партија Единствена Македонија, Јанко Бачев, денеска одржа прес-конференција на која информира за одредени државни органи каде што, како што рече, застапеноста на Албанците надминува и над 50 отсто, што е далеку од рамката на Рамковниот договор за правична застапеност.
Притоа Бачев истакна дека иако бројот на Албанците во државата е околу 14 отсто, за потребите на денешната прес-конференција предвид ја зема официјално признаената бројка од 25,17 отсто.
„Зоран Заев секојдневно ја повторува фразата ‘едно општество за сите’, во кое треба да има соодветна и правична застапеност и на Албанците. Меѓутоа, во заднина се случуваат работи што не ги гледаат оние што не се зад сцената. А токму зад сцената Заев за десетина месеци изврши вистински масакр во државната администрација бидејќи бројот на Албанците во некои институции надмина и 50 отсто, што е надвор од рамката на Рамковниот договор“, истакна Бачев во своето обраќање.
Притоа тој кажа дека во македонската влада од 2.722 вработени, Албанци се 1.535 или 56,4 отсто, Македонци се 672 или 24,7 отсто, а преостанатите 515 вработени или 18,9 отсто се Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и други.
„Во Министерството за локална самоуправа, дури 57 отсто се административци Албанци, во Министерството за економија 34 отсто, во Министерството за животна средина и просторно планирање 30 отсто, во Министерството за здравство 44 отсто, во Министерството за култура 33 отсто, во Министерството за образование и наука 28 отсто, а во Министерството за правда 30 отсто“, рече претседателот на Единствена Македонија.
Бачев истакна дека Единствена Македонија располага и со податоци, според кои од 30 до 70 отсто се административци Албанци и во повеќе самостојни државни органи (агенции, дирекции, комисии, заводи), како и во западниот дел во земјата во голем број посебни јавни установи и други правни лица.
„Во моментот имаме вистинска окупација на државните органи и институции со административци Албанци. Произлегува дека Република Македонија е уникатен пример каде што мнозинскиот македонски народ е изложен на дискриминција од страна на едно малцинство, во случајот албанското“, кажа Бачев на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека Рамковниот договор и понатаму останува длабоко трауматичен за македонската национална свет и се спроведува на штета на Македонците.
„Единствена Македонија и македонскиот народ очекуваат одговор од Зоран Заев зошто спроведува брутална албанизација во државните органи. Не сакаме да бидеме погрешно разбрани дека попречуваме некое право на вработување, но во овие услови новата легална власт на Единствена Македонија ќе спроведе обратен процес на масовно бркање на Албанците од работа. Исто така, новата легална власт на Единствена Македонија ќе ја сосече во корен праксата на полнење на администрацијата според проценти и доследно ќе го спроведе правилото вработување во администрацијата врз основа на знаење, способност и достигнувањe“, рече претседателот на Единствена Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Регионална иницијатива за превенција од пожари на Западен Балкан

Во услови на зголемени ризици од пожари, започна регионална иницијатива за подигање на свеста за управување со пожари на ниво на предел во земјите од Западен Балкан. Иницијативата, поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да го поттикне интегрираното и одржливо управување со екосистемите, наместо традиционалниот пристап што се фокусира исклучиво на гаснење.
Пожарите оставија сериозни последици врз природата, економијата и животот на граѓаните, а над 90% од нив се предизвикани од човечка невнимателност — факт што укажува дека превенцијата е клучна.
Преку интерсекторска соработка, јакнење на локалните капацитети и активности на терен, иницијативата тежнее да создаде предели и заедници отпорни на пожари.
„Природата е наша заедничка одговорност. Со здружени напори можеме да постигнеме нула пожари предизвикани од човечки фактор,“ велат од Министерството.
Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“

Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи, претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Македонија
(Видео) Едниот качен на хауба, друг вози без дозвола – поднесени пријави за скопјаните кои дивееа низ улиците

Министерството за внатрешни работи поднесе пријави против двајца млади скопјани, откако на социјалните мрежи се појави видео од опасна и непромислена „возачка забава“ по скопските булевари.
Во видеото се гледа како едно лице стои на хаубата од автомобил во движење, а возачот, покрај тоа што управува без дозвола, вози и без регистарски таблици. Станува збор за 20-годишниот С.З. и 19-годишниот Р.Ѓ., двајцата од Скопје. Против нив се покренати поднесоци по неколку основи, вклучително и управување без возачка дозвола, загрозување на сопствената и туѓата безбедност, како и дозволување управување на лице без дозвола.
Од МВР информираат дека лицата биле веднаш повикани на службен разговор, а полицијата презема и дополнителни активности за целосно расчистување на случајот.