Македонија
Министрите како нивните претходници -огромни сметки за јадење и пиење по ресторани
Функционерите на актуелната Влада не изостануваат многу во споредба со претходната гарнитура во поглед на јадењето и пиењето во рестораните. Тие ја обвинуваа и упатуваа критики до претходната власт за огромните суми кои беа правени во угостителските објекти, особено од страна на МВР, но и сега ситуацијата не е многу различна.
Управата за безбедност и контраразузнавање која беше посочена како најголем потрошувач во угостителските објекти е заменета со Министерството за економија кое за 10 месеци од стартувањето на новата Влада има потрошено нешто повеќе од 14 илјади евра за гоштевање во ресторани и останати угостителски објекти.
Според алатката на Владата за трошоците на јавните функционери, најголем потрошувач е министерот за економија, Крешник Бектеши, кој од први јуни до моментов има потрошено 14 илјади евра во угостителски објекти, од кои 7.300 евра биле во надворешни угостителски објекти во земјава, 5.100 евра во мензи и бифеа во рамки на институтициите и 1.500 евра во ресторани во странство.

Втор по висината на трошоците за угостителски услуги е вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, кој за оваа намена од 1 јуни до сега потрошил 13 илјади евра.

Веднаш по Османи, на оваа листа е неговиот партиски колега, Биљен Салији, министерот за правда кој минатата недела си поднесе оставка од функцијата. Тој од јуни минатата година, до оставката потрошил 12 илјади евра во угостителски објекти.

Следуваат министерот за култура, Роберт Алаѓозовски кој потрошил 9 илјади евра во угостителски објекти и министерот за земјоделство Љупчо Николовски со 7 илјади евра.


Од министрите во Владата најмалку потрошиле министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Нивниот досегашен трошок за угостителски објекти изнесува околу 500 евра.


Изненадувачки е тоа што министерот за надворешни работи, Никола Димитров со оглед на министерството со кое раководи каде средбите и патувањата се почести, за 10 месеци потрошил 2.500 евра.

Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво

