Економија
ЕЛЕМ објави тендер за купување помошна механизација за РЕК Битола
АД ,,Електрани на Македонија” денеска објави тендер за купување помошна механизација за РЕК Битола. Ангажирањето надворешна помошна механизација при ископот е еден од главните трошоци на АД ЕЛЕМ затоа што за таа услуга ЕЛЕМ постојано им плаќа на надворешни фирми бидејќи нема сопствена механизација .
„Од тие причини, ние како државна компанија за производство на електрична енергија планираме да набавиме сопствена и да ставиме крај на трошоците кои со години го ослабнувале ЕЛЕМ, а преку ЕЛЕМ и државата, како сопственик на АД ЕЛЕМ.
Конкретно, со овој тендер планираме да купиме: 8 хидраулични багери-ровокопачи, 9 булдожери, 2 грејдери,3 автодигалки, 3 товарачи, 2 комбинирани градежни машини-скипови, 4 телескопски чистачи на транспортни ленти, 2 цистерни за вода, 3 товарни возила со хидраулична рака за кревање и превоз на товар и 8 камиони-дампери со носивост од 30 тона. Вкупно – 44 парчиња механизација“, информираше директорот на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски.
Според него, ова е целата помошна механизација што му е потребна на РЕК Битола за да не ангажира повеќе надворешна. Во последните 10 години за ангажирање помошна механизација од надворешни фирми, РЕК Битола има платено 93 милиони евра. „За оваа набавка, пак, ние имаме предвидено рамковна сума од 19 милиони евра, а нашата цел ќе биде преку голема конкуренција на заинтересираните фирми, различни понуда и преку е-аукцијата да добиеме поволни цени, и цените да се обидеме дополнително да ги намалиме преку електронското поддавање. Тоа што сега прво следува е технички дијалог во кој заинтересираните понудувачи ќе имаат можност да дадат свои предлози за подобрување на тендерската документација и на техничката спецификација на опремата со цел да се обезбедат конкурентни услови и висок квалитет на понудените производи“, вели Миновски.
Доколку тендерската постапка се одвива во предвидените рокови, се очекува машините да бидат испорачани до крајот на годината. Со тоа, во 2019 помошна механизација од надворешни фирми во РЕК Битола нема повеќе да се користи. Со поседувањето сопствена, РЕК Битола ќе добие на ефикасност и флексибилност во процесот на подготовка и ископ.
„Следна инвестиција во рудниците во РЕК Битола во наредниот период ќе биде набавката на циклична механизација, односно механизација за ископ на јаглен, во рудникот Брод-Гнеотино. РЕК Битола, за разлика од рудникот Суводол, каде што има сопствена рударска меганизација, во Брод-Гнеотино нема и со години им плаќа на надворешни фирми за тие да вршат ископ на јаглен, а главните количини јаглен се копаат токму таму. Според нашите планови, во април ќе биде распишан тендер и за таа механизација, која ќе чини 22 милиони евра. Испораката ја очекуваме некаде во 2019г, по што РЕК Битола нема да плаќа на надворешни фирми за ископ на јаглен“, вели Миновски.
Целта на раководството на АД ЕЛЕМ е да купи сопствена помошна механизација и механизација за ископ на јаглен во РЕК Битола со што ќе се елиминира или ќе се сведе на минимум (во одредена преодна фаза) ангажирањето на надворешни фирми. За последните 5 години ЕЛЕМ за тоа платил 212 милиони евра. „Сумата сама по себе кажува сè. Ние сега планираме за 41 милион да ја купиме целата потребна механизација и да копаат нашите работници. Со тоа ќе се изврши заштеда, а таа заштеда ќе се одрази на производствената цена на електричната енергија. Ние како ЕЛЕМ мораме да направиме се за да произведуваме што поевтина електрична енергија, затоа што со либерализацијата ние како државна компанија ќе треба веќе да се бориме на слободниот пазар, а не да чекаме на државата. Ние како менаџмент сме свесни за тоа, и одговорно и посветено работиме и се подготвуваме за промените во енергетскиот сектор“, додаде Миновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.