Македонија
(Видео) Заев: Сведокот неколкупати призна дека ме местел
Денеска, во изјава дадена по судењето во предметот „Поткуп“ премиерот, Зоран Заев, се заблагодари за јавноста во судницата за која рече дека за него е многу значајна во обидот да се расветли вистината.
„Во секоја земја па и во нашата, е можно преку судски процеси да ја докажеме правдата“, рече премиерот кој е обвинет во предметот.
„На неколку пати видовме јасни признанија дека сведокот бил инструиран под наредба на Јавното обвинителство и полицијата. Сведокот кажа дека ме местел и наведувал за да извлече зборови од мене“, посочи Заев. Тој истакна дека судот самостојно ќе си донесе одлука и дека јасно е дека правдата ќе дојде, па и затоа е вредно секој човек да се бори за неа.
На прашањето за кривичната пријава за лажно сведочење, премиерот истакна дека после денешните искази на Иван Николов Сачевалиев треба да селедат и кривични против службени лица и функционери од МВР. За претходната кривична пријава рече дека нема други информации.
Во кривичниот суд денеска сведочeше бизнисменот Сачевалиев во предметот „Поткуп“, во кој обвинет е премиерот Заев.
Бизнисменот повтори дека во 2013 година, кога Зоран Заев беше градоначалник, знаел дека тој треба да откупи државно градежно земјиште и му се јавил за да дојде кај него, во градоначалничкиот кабинет во Струмица. Му рекол дека може да го откупи земјиштето за 70 денари од квадратен метар, но дека ќе треба да плати плус три евра – едно евро за него, едно за СДСМ и едно евро за црквата.
Сачевалиев не се појавуваше на досегашните судски рочишта за предметот, а на последното судијата рече дека успеале телефонски да го добијат за да дојде на судењето. Инаку, Судот го прифати барањето на Зоран Заев и на неговите адвокати снимките за „Поткуп“, обезбедени како посебни истражни мерки, да бидат изведени во присуство на јавноста. Заев рече дека побарал јавноста да биде присутна поради фактот дека е премиер и претседател на најголемата политичка партија, со цел да врати дел од загубените чест и углед во јавноста што му биле нарушени со нивното делумно објавување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

