Економија
Царовска: Зголемена просечната плата во производство на текстилната индустријa
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, ја посети фабриката „Окитекс“ и одржа средба со сопственикот, Миле Миленковски, и претседателот на Синдикатот од текстилната, кожарската и чевларската индустрија, Љупчо Радовски.
Целта на посетата беше да се утврди како се одвива имплементацијата на Законот за минимална плата и кои се предизвиците со кои се соочува текстилната индустрија во земјава и изнаоѓање соодветни решенија.
,,Со Законот кој се усвои во 2017 година за првпат се изедначи минималната плата и за работниците во текстилната и кожарската индустрија со други гранки. Со тоа постигнавме зголемување на просечната плата во производство на облека за 16%, а во текстилната индустрија за 24%, односно за 3.870 денари. Тоа покажува дека законот си ја заврши својата работа затоа што по статистика, 90 илјади граѓани добија покачување и земаат над 12 илјади денари плата. Со тоа добивме и покачување на просечната плата во Република Македонија за 5,6%“, изјави Царовска.
Покачувањето се одвива без поголема поддршка од буџетот, односно само мал процент од фирмите аплицираат за субвенции. Ова покажува дека фирмите се во кондиција и можат да ја исплаќаат минималната плата, а тоа не се одразува негативно на самиот бизнис. Според министерката, има и други аспекти кои треба да се разговараат со работодавачите, како инвестиции во технолошкиот развој, но Законот за минималната плата ја оствари својата цел и ги даде резултатите.
Миленковски посочи дека разговорот со министерката беше конструктивен. Според него, Законот за минимална плата го даде својот резултат, но смета дека треба да се оди понатаму, особено во насока на модернизација на оваа индустриска гранка. Оваа компанија е една од оние кои исплаќаат минимална плата без поддршка од државата.
Според синдикалниот претставник Радовски, законот се применува во целост. „Кога се има волја и желба да се разговара за сите проблеми кои ги засегааат и едната и другата страна, можеме да дојдеме до успешни работи“ – изјави тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Средба Славески – Варнс: Стабилниот финансиски систем и модерните платни решенија се основа за инвестиции и економски раст
Гувернерот на Народната банка Трајко Славески оствари средба со вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија Никол Варнс, на која беа разменети мислења за економските текови, институционалниот развој на Народната банка и реформските процеси насочени кон поддршка на економскиот раст и евроинтеграцијата.
На средбата беше истакнато дека Народната банка постојано го јакне својот институционален капацитет преку бројни развојни проекти, со посебен акцент на модернизацијата на платните системи. Современите и ефикасни платни решенија придонесуваат за поголема сигурност, побрз проток на финансиски средства и олеснување на деловното работење, што е значајно за подобрување на инвестициската клима.
Гувернерот Славески нагласи дека одржувањето на макроекономската стабилност и финансиската стабилност е врвен приоритет на Народната банка, како основа за создавање стабилни и предвидливи економски услови, заради поттикнување на домашните и странските инвестиции и за одржлив економски раст.
Во разговорот, гувернерот Славески се осврна и на пристапувањето на земјава кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), оценувајќи дека станува збор за историски чекор за македонската економија. Тој посочи дека со пристапувањето кон СЕПА, на македонските граѓани и компании им се овозможи да вршат побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра, и тоа уште пред полноправното членство на земјава во Европската Унија.
Гувернерот нагласи дека со воспоставувањето клон на ТИПС, развиен со поддршка на Европската централна банка, се официјализира почетокот на современ систем за инстант плаќања, што претставува значаен исчекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура и нејзиното регионално поврзување со земјите од Западен Балкан и со европскиот платежен простор. Со овој систем ќе се овозможи извршување плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, при што најголемиот дел од трансакциите ќе се обработуваат за неколку секунди. Новите решенија ќе овозможат едноставно иницирање плаќања, што ќе придонесе за побрзи, посигурни и поевтини трансакции за граѓаните и компаниите, како и за поефикасно работење на трговците.
Соговорниците ја потврдија подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката и размената на искуства во областите од заемен интерес, заради поддршка на економската стабилност и реформските процеси во земјава.
Економија
Фон дер Лајен: ЕУ треба да ги поедностави регулативите
Европската унија мора да ги поедностави пазарите на капитал и регулативите за да ја намали фрагментацијата и да ја зајакне конкурентноста на блокот, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„На нашите компании им е потребен капитал сега“, нагласи таа. „Мораме, на еден или друг начин, да ги срушиме бариерите што нè спречуваат да станеме вистински глобален гигант“, пишува DW.
Фон дер Лајен го опиша сегашниот систем на ЕУ како „фрагментација на стероиди“ и повика на „еден голем, длабок и ликвиден пазар на капитал“.
„Да го земеме повторно примерот на САД: еден финансиски систем, еден финансиски центар и неколку други финансиски центри“, рече таа, додавајќи дека Европската Унија има не само 27 различни финансиски системи, туку и повеќе од 300 места за тргување.
ЕУ идентификуваше клучно прашање што би можело да ја зајакне конкурентноста на блокот. За разлика од САД, европските компании имаат тешкотии во пристапот до капиталот што им е потребен за проширување и раст. Европската комисија предложи поедноставување на националните правила за создавање унија за штедење и инвестиции. Но, хармонизирањето на финансиските правила во Европа се покажа како тешко во минатото.
Фон дер Лајен ги повика пратениците да дејствуваат брзо, велејќи дека ќе го поттикне законодавството дури и ако не сите земји-членки се подготвени да ги променат своите национални правила.
„Доколку не се постигне договор, ЕУ треба да размисли за засилена соработка меѓу земјите што сакаат да учествуваат“, рече таа.
Еден од најзначајните, но и контроверзни, предлози за зајакнување на европската економија е да им се даде предност на европските компании во „стратешките“ сектори во однос на странските конкуренти, план што го поддржува фон дер Лајен.
„Во стратешките сектори, европската предност е неопходен инструмент за зајакнување на производствената база на Европа“, рече таа, предупредувајќи против пристапот „една големина одговара на сите“. Во својот говор, таа додаде дека Европа треба да ја зголеми својата конкурентност преку „зголемување на производството“ на континентот и „проширување на својата мрежа на сигурни партнери“.
Таа, исто така, ја нагласи важноста на потпишувањето трговски договори. По неодамнешните договори со јужноамериканскиот блок Меркосур и Индија, таа рече дека нови се на пат, со Австралија, Тајланд, Филипините и Обединетите Арапски Емирати.
Фон дер Лајен го објави ова пред да им се придружи на лидерите на ЕУ, вклучувајќи го францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, на собирот на индустриски менаџери во Антверпен. Настанот се случува пред самитот на лидерите на ЕУ во четврток, на кој ќе се разговара за зајакнување на економијата на Унијата.
фото/Depositphotos

