Македонија
Шилегов најави забрзана реконструкција на првиот дел од Градскиот парк
Во Градскиот парк во Скопје деновиве се работи на обнова на зеленилото во првиот дел. Како што информираат од Градот, во акцијата се реконструираат тревните површини во близина на езерцето со нова хидрантска мрежа и се прават подготовки за да се постави урбана опрема и да се засадат повеќе од 200 дрвца.
Забрзано се работи на обновување на тревната површина во близина на езерцето кај стадионот каде што е опфатена површина од 4.400 квадратни метри. По завршувањето на тој дел, ќе се продолжи со реконструкција на тревната површина наспроти фонтаната „Лотосов цвет“, на влезот во Градскиот парк, на површина од 1.900 квадрати.

„Во овие два дела од Градскиот парк тревата е со надмината физиолошка старост од повеќе од 40 години, поради што е неопходна реконструкција на овие тревни површини. На овие локации е предвидено да се засадат над 200 украсни грмушки и листопадни садници со кои ќе се надополни постојниот дрворед“, рече градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција.

Тој исто така истакна дека во овој дел од паркот ќе се постави нова хидрантска мрежа во должина од 700 метри, при што ќе бидат заменети расипаните прскалки и ќе бидат поставени нови онаму каде што недостасуваат. Ќе бидат поставени и нови клупи и корпи за отпадоци, а ќе се реконструираат и патеките.
За реконструкцијата на двете парцели ќе бидат потрошени околу 4,5 милиони денари. Во продолжение ќе се реконструира и фонтаната „Лотосов цвет“ заедно со клупите и кантите за отпадоци на платото околу неа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

