Македонија
(Фото) Кривичниот суд ги отвори вратите, в понеделник првото судење во новата зграда

По осум години изградба, новиот објект на кривичниот суд денеска беше во употреба. Првото рочиште во судот е зажано за в понеделник за случајот „Титаник“ на СЈО.
Барокната зграда која почна да се гради во 2010 година има десет нивоа, две подрумски, приземје, шест ката и поткровје. Изградбата на објектот беше поддржана со приближно 8,3 милиони евра заем од Светска банка. Новиот објект има 74 судиски кабинети, 22 средни судници и две репрезентативни судници од кои едната ќе биде со капацитет за 200 лица за случаи на организиран криминал и една за 100 лица.
Обезбеден е простор за архиви, шалтер-сала со 60 работни места за сите оддели и простории за судската полиција, судиски кабинети за кривичниот оддел за организиран криминал, оддел за прекршоци и оддел за извршување санкции, кабинети и канцеларии за одделот за истрага, истражен оддел за организиран криминал, канцеларии за судската управа и судската служба, како и паркинг простор за 60 возила. Објектот има вкупна корисна површина од 8.826 квадратни метри.
Претседателот на Судот, Иван Џолев, рече дека надворешниот дел на зградата бил готов во 2013 година. „Разни луѓе различно ја доживуваа надворешноста, на некои им се допаѓаше, а некои ја критикуваа. Кога сме кај убавината новата зграда ќе ја споредам со човекот. Лично сметам дека убавината доаѓа однатре, а не однадвор. Уште како мал ме учеа дека убавината доаѓа од внатрешноста. Убав човек е оној кој е убав однатре. Како и кај луѓето, така новиот кривичен суд убавината ќе ја креиара однатре, а ќе ја создадеме ние вработените во судот“, рече Џолев на денешното пуштање во употреба на новата зграда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Институциите го деградираат користењето на албанскиот јазик на ниво пред усвојувањето на Законот за јазиците

„ДУИ изразува длабока загриженост поради систематското непочитување на албанскиот јазик на официјалните веб-страници на министерствата на Владата на Република Северна Македонија. Недостигот на содржини на албански јазик во Министерството за енергетика, Министерството за транспорт, Министерството за внатрешни работи и други институции претставува не само прекршување на Законот за употреба на јазиците, туку и намерно исклучување на албанците од пристапот до јавни информации“, велат од ДУИ.
„Во некои случаи, задржани се само старите двојазични формати од претходната влада, но суштинските содржини, документите и клучните информации се објавуваат исклучиво на македонски јазик.
Станува збор за опасен тренд што оди подалеку од техничка негрижа – ова е институционална политика која го ограничува практичното користење на албанскиот јазик и ги поткопува темелите на меѓуетничката еднаквост во државата.
Дополнително, овие појави се случуваат во време кога се прават обиди за доведување во прашање на клучните одредби од Законот за јазиците пред Уставниот суд.
Кога државните институции почнуваат да го игнорираат или релативизираат едно од најважните достигнувања на Охридскиот рамковен договор – службената употреба на албанскиот јазик – се испраќа опасна порака за иднината на државната кохезија и меѓуетничкиот соживот.
Во момент кога се случуваат овие сериозни процеси, албанските партнери во Владата се зафатени со внатрепартиски караници за претседател на ЛЕН, иако секој од нив со помалку од 1% поддршка од граѓаните, и молчат пред овој удар врз правата на албанските граѓани.
Со оваа тишина, тие не само што ја легитимираат оваа политика, туку стануваат дел од проблемот.
ДУИ им упатува повик на институциите да го почитуваат законот и Уставот, да го запрат јазичниот дискриминациски курс. Албанците нема да прифатат да бидат третирани како граѓани од втор ред. Јазичната еднаквост не е привилегија – таа е право“, соопшти ДУИ.
Македонија
На Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата е околу 1 час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата изнесува околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претпладне сончево, попладне наместа нестабилно со локален дожд и грмежи

Претпладне сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност и со слаб до умерен југоисточен ветер. Попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со услови за пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Времето во наредните денови
Од среда на повеќе места ќе биде нестабилно со повремени врнежи од дожд, локално поројни, проследени со грмежи. Дневната температура ќе биде во постепено благо опаѓање.