Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Планот 3-6-9 колабираше, никој не верува во реформи кои треба да ги спроведе човек обвинет за поткуп
Планот 3-6-9 СДСМ го претвори во План за живот, односно куп лаги и ветувања без реализација. Реформи во судството има колку што има плата од 100.000 денари за докторите или просечна плата од 30.000 денари, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Реформи во безбедносните служби има колку што има покачување на пензиите или намалување на бројот на министерства. Реформи во администрацијата има колку што има нови 500 километри автопат. Реформи во судството има колку што Заев не дозволи неуставна двојазичност на униформите или колку што успеа да врати 600.000 иселени од Македонија.
Сите овие неуспеси, СДСМ ги покрива со злоупотреба на правосудниот систем кој се користи за создавање неправда, а притворот за заплашување и уцени. Рекетарските принципи на владеење на Заев и СДСМ, ги ставија судовите во подредена и понизна положба во однос на тесно партиските интереси. Никој не верува во реформи кои треба да ги спроведе човек обвинет за земање поткуп.
Македонија е земја во која се изрекуваат затворски казни на сопственици на медиуми не за изнесени невистини, туку за објавен факт кој бил личен.
Уште од самиот почеток оваа влада ја тресат огромни скандали. Заев соопшти класифицирани информации за истрага за корупција против двајца функционери во Владата, за половина година потоа да нема никаква информација за тоа.
Политички конструираните предмети станаа заштитен знак на СЈО. Нивните сведоци потврдуваа дека не држат обвиненијата, а судот упорно ја игнорира правдата и удоволува на желбите на обвинителите без да обрне внимание на еднаквоста на странките.
Не се почитуваат одлуките на Врховниот суд на Република Македонија, кој воедно е и највисок. Неговите одлуки се менуваат од понискиот суд по хиерархија. Основниот суд ја занемари одлуката на Врховен и донесе спротивна, занемарувајќи ги аргументите на Врховниот кој оцени дека доволна мерка за обезбедување е куќниот притвор.
Со ова се покажува нефункционалноста на судскиот систем и јасно се гледа дека судовите се управувани од еден центар на моќ со која раководи Зоран Заев.
Судот мора да си го врати своето достоинство кое што му го даваат Уставот и законите и да започне да ги применува истите. Жална е состојбата во која се наоѓаат судовите во Република Македонија.
Во Македонија мора да се почитуваат човековите права, политичкиот прогон мора да запре. Обвинителството е должно да ги почитува законите и да си ја врши својата основна дејност, гонење на криминалот, а не да служи како алатка за политичката пресметка на власта. Мора да се отфрлат овие неосновани обвиненија за тероризам и да бидат ослободени од притвор луѓето кои немаат никаква вина“ се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.
Македонија
Меџити го дочека претседателот на Албанија во Чаир
Градоначалникот, Изет Меџити, свечено го пречека во Чаир претседателот на Албанија, Бајрам Бегај кој допатува во тродневна посета на земјата.
Меџити му посака добредојде пред општината, нарекувајќи го брат.
Албанскиот претседател заедно со делегацијата ќе ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија, кадешто ќе има свечен настан.
За утре е превидено, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, да биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посета на Тетово во сабота.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Сообраќајот пред општината Чаир попладнево беше целосно блокиран. Автобусите сообраќаа по изменета рута, додека пешаците беа пренасочувани од другата страна на булеварот.

