Македонија
Шекеринска стана член на Европскиот совет за надворешни работи
Заменичката претседател на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска доби покана да се приклучи кон Европскиот совет за надворешни работи, една од највлијателните пан-европски тинк-тенк организации, со мисија за поттикнување на кохерентна и ефикасна надворешна политика базирана на европски вредности.

Поканата ја упати тричлената група ко-претседавачи со бордот на Советот, предводена од Карл Билт, поранешен шведски премиер и еден од политичарите што одиграа голема улога во смирување на балканските конфликти по распадот на СФРЈ, од позиција на специјален пратеник на ЕУ за поранешна Југославија и специјален пратеник на генералниот секретар на ОН за Балканот.
Прифаќајќи ја поканата Шекеринска упати писмо до ко-претседавачите во кое се заблагодарува на укажаната чест и ја потенцира важната улога на Европскиот совет за надворешни работи како корисна платформа за непосредна комуникација на лидерите со цел размена на идеи за предизвиците во европската политика.
„Основната цел и мисија на мојата кариера отсекогаш била да ги доближам европските идеали до Македонија, но и да ја доближам Македонија до Европа. Верувам дека Вашиот еминентен Совет претставува исклучителна прилика за мене да продолжам да дејствувам во истата насока. Со задоволство ја прифаќам привилегијата да станам членка на советот на Европскиот советот за надворешни работи“, наведува министерката во писмото.
Европскиот совет за надворешни работи има широка мрежа која обединува околу 300 европски најистакнати политички и бизнис лидери и претставници на граѓански сектор, меѓу кои сегашни и поранешни ЕУ комесари, премиери и министри. Шекеринска е првиот политичар од Република Македонија поканет да се приклучи на Европскиот совет за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

