Македонија
Комитетот за заштита на правата бара да се повторат „нарачаните“ судски одлуки
Комитетот за заштита на правата како асоцијација на здруженија и засегнати граѓани бара судските одлуки кои се донесени спротивно на владеењето на правото, со нарачана, неправилна примена на правото и со селективна, пристрасна и неточна оценка на доказите, да се повторат, односно да се создадат услови за повторно фер судење. Особено таму каде што е грубое прекршена презумцијата на невиност; каде што се користени лажни заштитни сведоци и злоупотребен е институтот спогодба; каде што се злоупотребени посебните истражни мерки и постојат незаконски прислушувани материјали кои ја потврдуваат политичката мотивираност; и постои злоупотреба на АКМИС-системот за распределба на предметите.
Според Комитетот, „спрегите меѓу извршната власт и судството беа разобличени со објавувањето на т.н. „бомби“. Преку нив се слушна како владини функционери по телефон диктирале судски пресуди, а судиите ги извршувале нивните нарачки. Потоа, на сличен начин се бирале и напредувале судии, а неподобните се разрешувале. Се местеле предмети кај „свои“ судии, а се давале насоки како да се водат обвинителски истраги. Карактеристика на монтираните случаи е дека пресудите се донесени уште пред да започне судењето, во полициско-партиските кабинети. Мотивот за „монтировките“ е создавање услови за непречен криминал на режимот“.
Комитетот бара од Владата да донесе подзаконски механизам на мерки и работно тело што ќе ја следи нивната примена. „Со мерките, со цел почитување на слободите и правата на граѓаните учесници во постапките, да се овозможи, согласно со постојната регулатива, пристап до документи, факти и докази во органите на државната управа, кои можат да им послужат при користењето на вонредните правни лекови. Комитетот и засегнатите граѓани очекуваат навремено и непристрасно постапување на сите судски субјекти и на обвинителството при барањата за повторување на постапките, мислењата во однос на овие барања и заштитата на законитоста“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

